Ви пренесуваме дел од интервјуто на Зоран Заев за Капитал:
Капитал: И во одредени опозициски кругови ве критикуваат дека сте ја изгубиле ударната сила од периодот кога ги презентиравте „бомбите“. Кога би можеле, би вратиле ли некој од потезите што ги повлековте досега, почнувајќи од преговорите што резултираа со Договорот од Пржино?
Заев: Ударната сила на проектот Вистината за Македонија беше вистината. Сите ние како граѓани ја знаевме вистината, го имавме на своја кожа почувствувано суровото, расипничко, криминално и корупциско владеење на Никола Груевски со коешто одзеде 10 години живот на граѓаните на Македонија. Но, Вистината за Македонија го соголи Груевски од сите негови маски, тоа беше најголемиот удар што можеше да му се нанесе на виртуелниот добротвор и патриот Груевски, за кого пропагандата и медиумите под негова контрола ја лажеа и ја лажат јавноста.
Во реалноста постоел само еден Груевски, распослан на милионски парцели на Водно, во неколку станови низ Скопје, кој се вози во мерцедес од 600.000 евра пари на граѓаните, со наочари од 60.000 евра. Премиер на кого на крај памет не му се граѓаните, кого го интересираат само бизнисите по рајските земји што ги водел со неговиот братучед Мијалков за интересите на нивната фамилија, кој без грам совест секојдневно со кумот Ставрески ги задолжува сегашните и идните генерации, кој ужива додека луѓето патат, се смее додека руши милионски инвестиции, кој нема мерка кога треба да ги задоволи сопствените апетити и сѐ тоа користејки ги граѓаните, нивните пари, нивните права, нивните земјишта, нивните работни места, социјална помош, пензии, нивниот живот.
И имате право за јачината на ударната сила на оваа Вистина којашто го раздрма Груевски, но уште поважно, го сруши до темел виртуелиот свет во којшто ги држеше во заложништво граѓаните. Но, има нешто позитивно и во сето ова, се создаде простор за обнова на институциите и државата. По секоја бура следува време на стабилизација. По Вистината за Македонија, се насочивме кон стабилни чекори со коишто внимателно, посветено работиме кон нормализација на состојбите во Македонија што е незапирлив процес. Не е важно што е во интерес на СДСМ, важно е што е во интерес на граѓаните на Македонија. Тоа се кристално чисти предизборен и изборен процес и од оваа цел отстапки нема да има. По ударната сила на вистината, доаѓа ударната сила на правдата. Затоа, не, ништо не би сменил во нашите политики кои имаат искрени намери и гледам дека граѓаните тоа го препознаваат.
Сакал Никола Груевски или не, тој е тој кој ќе биде сменет, колку и да се обидува да ја одолговлекува реализацијата на Договорот од Пржино. Следните избори во Македонија ќе бидат слободни и демократски и на нив ќе победат Социјалдемократскиот сојуз со коалициските партнери и граѓаните на Република Македонија. А оваа 2015 година ќе остане добра поука и за Груевски и за неговата фамилија и за сите кои ќе помислат да владеат како него, дека вистината е шило од кое никој не успеал да побегне.
Капитал: Во Владата сега имате министри и заменици министри. Колку реално можете да влијаете врз предизборното трошење од буџетот, бидејќи во изминатиов период власта секојдневно објавува разни мерки, субвенции, ослободувања за одредени групи на граѓани, кои имаат сериозни фискални ефекти?
Заев: Груевски не знае на друг начин да владее, освен да троши милиони евра пари на граѓаните за лични, партиски, предизборни цели. Преку проектот Вистината за Македонија граѓаните слушнаа лично од кумот на Груевски, министер за финансии Ставрески, како се фали дека „ќе истурел“ 200 милиони евра пред избори. Тоа е вистината, Груевски победува на избори на криминален начин. Злоупотребува пари на граѓаните што им следуваат по закон, за субвенции, плати, пензии, социјална помош, што не смее да го прави. Истото сценарио се обидува сега да го повтори. Да, имате право, секој ден се расфрла со по неколку милиони евра. Јавноста треба да знае дека најголем дел од тие најави не се планирани во Буџетот за 2016 година, ги немаше во експозето на Ставрески при неговото усвојување и декафинансиските последици од овие предизборни манипулации на Груевски се огромни.
Тие средства Груевски и Ставрески не можат да ги обезбедат на ниеден друг начин, освен со нови и нови задолжувања, што го прават сите изминати години на власт.Дополнителните заменици министри од СДСМ, кои имаат контролна функција, веќе обелоденија докази за незаконски постапувања. Спречивме нови 300 милиони евра задолжувања, што ќе беа на товар на идните генерации, а Груевски ќе ги употребеше за неговите предизборни цели. Во престојниот период целосно ќе го разобличиме расипничкото владеење на Груевски.
И казната за Груевски ќе стигне од граѓаните, од оние над 500.000 граѓани кои поради расипничките чолокадо-политики на братучедско – кумската власт живеат под прагот на сиромаштија, од оние над 180.000 граѓани живеат со по 40 денари на ден, од народот што тој го потцени. Бидете убедени, заедно со граѓаните си ја враќаме државата и што и да се обидува да направи Груевски во последните денови на власт, ова е неговиот крај.
Капитал: Реално ли е да се очекува дека Специјалното обвинителство ќе поднесе обвиненија со таква тежина што клучно ќе ги определат околностите под кои ќе се оди на следните избори?
Заев: Специјалното обвинителство е професионален, самостоен орган и да оставиме да си ја заврши работата околу расчиствувањето на скандалот со нелегалното прислушување и делата што произлегуваат од него. Не станува збор за тоа дали исходот од потенцијалните истраги ќе ги определи околностите за избори. Насушна потреба за граѓаните и за Република Македонија е правдата да ја види светлината на денот. Тоа само ќе отвори пат за нормализација на институциите и на државата и за враќање на Македонија на демократскиот колосек и европскиот пат. Од она што го знам од материјалите, има неколку чисти случаи со конкретни докази за злоупотреби од страна на власта, што мислам дека може да резултира со обвиненија во скоро време. Гледате власта се обидува да ја кочи работата на Специјалното јавно обвинителство со одбивањето на Законот за јавнообвинителска дејност, неопходен за уредување на правата, должностите, одговорностите, платите на лицата вработени во јавнообвинителската служба, затоа што се плашат од расчистување на скандалите. Некој можеби ќе рече дека сум непоправлив оптимист, но сѐ што досега реков и најавив се случи и тоа ми дава за право да верувам дека таму каде што е вистината, таму е и правдата и од тоа назад нема.
Капитал: Што очекувате од случаите Пуч и Поткуп? Едниот сега е во надлежност на Катица Јанева, а другиот не.
Заев: Да, Пуч е веќе во надлежност на Специјалното јавно обвинителство. Очекувам оваа институција да ја врати надежта во правдата во Македонија. Јас за овој предмет не очекувам да падне или да се повлече, туку да се отвори до крај. Ќе се потврди апсурдноста на овој монтиран случај што за јавноста веќе е јасна. Во врска со вториот монтиран случај против мене, поднесов кривична пријава против јавниот обвинител кој го води процесот, Владо Милошески и судијата во предистражната постапка. Во прилог на кривичната пријава се докази за неовластено следење на комуникациите на Зоран Заев и во овој случај, така што очекувам и овој случај да го превземе Специјалното јавно обвинителство.
Капитал: Теоретски шанси сеуште има, но со оглед на досегашните проблеми со имплементацијата на Договорот од Пржино, какви се реалните можности до 24 април да се постигнат условите за фер избори?
Заев: И самите гледате дека Груевски и неговите соработници од петни жили се напнуваат да ги одложат сите зацртани рокови со Договорот од Пржино. Медиумите сеуште не се затворено прашање, а требаше да бидат до крајот на август. Пробиени се роковите за почеток на работа на Државната изборна комисија, за прочистувањето на Избирачкиот список. Доверлив изборачки список во којшто ќе веруваат сите граѓани е услов број еден за регуларно гласање. Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ ги добивале изборите во криминален систем што сега е пробиен и тие се тие кои сега го доведуваат во прашање одржувањето на изборите на 24 април. Но што и да се обидува да направи Груевски, нема бегање од Договорот од Пржино! Уште еднаш укажувам, опција за Република Македонија се само кристално чисти избори. Во залог е иднината на граѓаните и на државата и потенцирам дека Социјалдемократскиот сојуз е подготвен за постигнување на оваа цел. Уште едни криминални избори во Македонија нема да се случат.
Капитал: Која е крајната точка или рок, од која СДСМ ќе смета дека веќе не може да се очекува оти на 24 април ќе има фер избори?
Заев: Сите рокови се длабоко пробиени, тоа не е став на СДСМ, тоа го знае целата јавност во Македонија, тоа е јасно и за меѓународната заедница. Никола Груевски е исплашен од избори, не сака избори. Груевски не сака да има избори затоа што на тие избори ќе го добие тоа што го најавуваше, соочување со народот, а тој народ веќе го испраќа во историјата.
Капитал: Велите, договор поради договор не е опција. Што доколку вие оцените дека нема услови за фер избори на 24 април, а меѓународната заедница смета дека рокот за изборите договорен во Пржино мора да се испочитува?
Заев: Еве ќе повторам, само кристално чисти избори се опција за Република Македонија.
Капитал: Што ќе значи, односно, како ќе се одвиваат работите понатаму ако изборите не се одржат во рокот (24 април)?
Заев: СДСМ заедно со коалициските партнери се подготвува за чист изборен процес на којшто ќе биде изразена слободната волја на граѓаните. Фокусирани сме на создавање услови за фер избори, однесувајки се грижливо кон својата земја. Но никој да не се лаже дека ќе дозволиме да се изиграат граѓаните. СДСМ е подготвена за заштита на интересите на граѓаните и на државата. Јас се надевам дека сите ќе се надминат себеси за доброто на Република Македонија.
Целото интервју прочитајте го на Капитал на следниот линк.