Ова со СЈО, златни рипки на Заев, да бидам искрен ме насмеа ама и ме збуни. Кутриот наш Луј, почна и по странство да цимоли. Пастирот, пардон, нашиот Луј (не му личи пастир, во заблуда сме биле оти колку знам пастирот оди гол и бос со прачка, овој нашиов и со автомобил и со цвикери Мајбах), отишол да клевети во Брисел, а нели тоа беше пројекат на плачливата опозиција. Сирот, се среќавал со пријатели и им ја објаснувал штетата од политичката криза што, ете така, клетата опозиција и, како што ги вика ордите на Сорос „ничим изазвани“ и ја правеле на државата.
Ок, така е, стаорец фатен во стапица рипа и се треска во факот за да најде дупка да излезе. Туку ни МИА ни Београдска Политика не ни кажаа, им се доверил ли нашиов на странските пријатели дека политичкава криза ептен му е погодена за апашаана до даска. Да, да, додека не замајава со тргни застани преговори, „пречесниот“ топтан со фамилијата, се разбира, реализира врло веома (Бетке фала, генијално е) пројекат со работен наслов ДОКРАДИ СЕ што останало па ако дојде ред да се зема сепак многу и да им остане.
Уф, колку искрено им се изжали на пријателите од Београд за клетите Ката, Фатиме и Ленче кои, види вака, во неговиот пашалук се дрзнале да станат златни рипки на „криминалецот“ Заев. Тоа дека СЈО е и негов избор и со негов потпис го рипна. Не ги рчна ни странците ни чадорот де, како што им вика да ја викаат Америка неговите медиумски перјаници. Пројектот е изгледа он ко роден лицемер да глуми финоча со нив а да им ги згне тој пројекат да го туркаат по дома изветвените медиумски пит-бултериери а по амбасадите лутиот и храбар бре. брате Хорхе.
Но чинам дека тие финти му се прочитани, предлого ги прави, цела деценија, ееееј. Да не беше, ете интервјуто тажалка за „Политика“, нема да знаевме дека домашните непријатели му предизвикувале душевна болка оти му ширеле дека се ближел денот кога ќе побегнел од Македонија. Брееј, а он пак ќе победел и пак ќе ја препородувал земјата, само да ги решел златните рипки од СЈО. Е сега, ако пројектот ПОБЕДА зариба, ако ја здувне, тоа не се важи.
Што да не, Москва е убава, велат од вилите за побегуљи во луксузната московска елитна населба Барвиха чинам се вика, имало и наши што им продал Путин за недај боже ако им притреба. Да, да, таа била населба која е за рангот на такви како нашиов Луј, и се разбира, лепша половина. Па што да не, таму е Марко, синот на Милошевиќ, таму е оној Кариќ и кој знае уште колку побегуљи пуни ко брод. Ем ќе си вртат бизниси со украдените милијарди, ем жените и мамите ќе си пијат кафе и ќе си раскажуваат како веома поштено се обогатиле а хуманиот Путин ги засолнил.
Но да не им кобам, не знам гатачката Кети најдобро ќе знае кога ѕвездите ќе бидат наместени за ТУТАЊ оти на ВМРО раката видовме, долга е да, ама иде време и за раката на рипката Ката. Ние топтан, чинам, сите во државава една деценија сме ЗЛАТНИ КЛЕНОВИ за Луј и фамилијата, лапнавме се што ни сместил и ни мести. Го разбирам и што оди до крај. И на неговите, колку и да се фанатици и колку и да ќариле од тоа шо им потфрлале, јасно им е дека, што би рекол Ставревски, ЛУДАЦИ СМЕ, забегано е до даска.
Ете така, кога го читав тажалката интервју за Политика, нашиов Луј фактички се жали што можеби веома скоро ќе не може повеќе да дупчи и соголува 1 и пол и нешто кленови кои цела деценија му беа негови и златни.
Да, да, јас сум оптимист, тоа време е на истек, се помалку ќе има кленови а повеќе ќе има рипки, а во таква бара ЛУЈ и братијата тешко ќе плива. Колку и да скока, јас сум некако уверен дека и самиот знае дека гатачката Кети или специјалката Ката ќе му каже дека од него пак ВОДАЧ не бидува. Е сега, дали ќе му остане се што успеал да „заработи“ сработувајќи не нас дека живее во стан на мама, ќе видиме од раката на Ката.
И така, ние ќе си се пребројуваме колку сме Кленови, кои станале сомови од дружбата со фамилијата и се разбира, ќе си живееме во сиромаштијата на која навикнавме, оти на крај толку и не бивало да се избориме со нив за нас. Белким ќе извлечеме поука оти и претходните, ама пак последниве 10-тина години ЛУЈ и Команданти не веслаа и не одржуваа на сламка за да имаат од кој да цицаат. Моменталново ЛУДИЛО, чинам, и тоа е уште еден веома врло перфиден пројекат на фамилијата кон својот народ. Викај преговараме, правиме реформи, уа шарени и соросови орди, купувај денови и кради до бесвест се што има да се докраде, оти апашите по правило, немаат насит.
Знам, не уморија, многу мои пријатели ме убедуваат дека од овие тешко ќе имало спас, ама на се има крај. Мене, не гатачката Кети, оти не ја познавам, туку мојот инстикт некако ми кажува, тепачката на ЛУЈ и бандата околу него да ги преживее бомбите и златните рипки од СЈО, колку и да не плашат милијардите што ги здрпаа, нема да му успее. Ќе мора да го остави Мерцедесот во гаражата на Илинденска број 2, веројатно ќе му останат Мајбахот цвикери. А другото, е тоа сосе џабалк плацевите на Водно и бог те пита што уште не, редно е да ни ги врати, за да крпиме крај со крај по цунамито што не задеси.
А тажалките интервјуа, не знам СЈО, златни рипки на Заев, чадори странски, соросови орди, се тоа се приказни за мали деца но и за кленови какви што бевме 10 и кусур години. Го разбирам, ем бил глумец во обид, ем боксер, нашол бавча за орање и не изора. Кој сака нека верува, ама тврдам, иде времето на она дека била долга раката на ВМРО, дека за вакви кобајаги вмровци подолга ќе биде раката на Ката. Редно е, и тука не помага ни гатачката Кети, која впрочем, велат ја снемало по појавувањето на снимката како му гата на, како што го вика ПРЕТСЕДАТЕЛЕ. Кутрата, не видела во куглата дека додека таа му гата тој си ја снимал на телефон за да си ја преслушува, и така нејзините претскажувања станаа славни.
Во следното тажење за „Политика“ можеби ќе се одважи да раскаже кој е рецептот да се продаш дека си пастир а да живееш како ЛУЈ. Тоа би било врло интересантно, има претпоставувам многу многу и интересни, пикантни и шокантни работи кои ние кленовите би било добро да ги слушнеме.
Ацо Кабранов