Ви пренесуваме дел од интервјуто на амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, за Утрински весник:
Јавноста со внимание ја очекува претстојната посета на помошникот-државен секретар Викторија Нуланд. Со какви пораки или предлози ќе дојде таа в понеделник?
Нашите пораки се исти со тие што ги кажаа пријателите од ЕУ. Сега е најважно да се имплементира договорот од Пржино и да се отвори пат за изборите од страна на четирите политички партии. Кои чекори треба да бидат преземени? Доколку може да се одржат избори, тие не треба да бидат одложени. Тие може да ја одведат земјата напред со влада која е целосно легитимна и не е инфицирана од скандали.
Ургентните реформски приоритети очигледно се тука, исто така. Постојат старите прашања за владеењето на правото и за медиумите, така што многу е важно владата да исчекори напред околу нив. И трето е прашањето на одговорноста што го вклучува Специјалното јавно обвинителство, бидејќи ако не се воспостави одговорност за прислушуваните разговори и за содржината откриена во нив, земјата ќе остане заглавена во кризата.
Германскиот пратеник Јоханес Хајндл побара до крајот на идната недела да се постигне некаков прогрес. Дали е тоа неформален рок за преговорите меѓу партиите и што ако не се случи тоа?
Ние целосно се согласуваме и би сакале да видиме некаков прогрес, особено околу првиот дел, отворањето пат за изборите, нешто за што разговараме со партиите. Јас сум оптимист дека ако има добра волја, тоа може да се постигне. Алтернативата е летово да се соочите со стагнација и со неизвесност со сите лоши последици од тоа. Има елементи во преговорите да се постигне тоа, но потребна е силна политичка волја.
Ќе го отвори ли Нуланд прашањето за специјалниот суд, со оглед на пречките што се прават во работата на Специјалното јавно обвинителство?
Ние бевме многу јасни. Дали канцеларијата на Специјалното јавно обвинителство ќе може да спроведе истраги на непопречуван и професионален начин е вистинскиот тест за владеењето на правото во земјата. Врз основа на извештаите на ЕУ, на нашите оценки, па и на анкетите на македонските граѓани, постои недоверба во вашиот судски систем. Процесот што се бара е предизвик за судството и според нашето искуство што го имаме од работата со судовите и јавните обвинителства, верувам дека има судии во Македонија кои се сосема способни да процесуираат случаи на непристрасен начин, во согласност со правилата и процедурите. Тоа е вистински предизвик за интегритетот на судскиот систем и одговарањето на тој предизвик ќе ви помогне земјата да оди напред.
Целото интервју на Утрински весник.