Миленко Неделкоски, водител на емисија на националната Канал 5 телевизија, повторно се заканува преку својата Фејсбук страница.
Овој пат мета на заканите е амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли. Миленко се заканува дека повторно ќе горела Американската амбасада во Скопје, како и дека овој пат амбасадорот немало да се спаси.
Тој во други две објави посакува на Бејли „да му се случело Бенгази“, алудирајќи на случајот кога беше нападнат конзулатот на САД во Бенгази на истокот од Либија, а во нападот беше убиен и американскиот амбасадор во Либија, Кристофер Стивенс.
Заканите на Неделковски доаѓаат по интервјуто на амбасадорот Бејли за Утрински весник дадено во пресрет на посетата на високиот дипломатски претставник на САД, Викторија Нуланд.
„Ургентните реформски приоритети очигледно се тука. Постојат старите прашања за владеењето на правото и за медиумите, така што многу е важно владата да исчекори напред околу нив. И трето е прашањето на одговорноста што го вклучува Специјалното јавно обвинителство, бидејќи ако не се воспостави одговорност за прислушуваните разговори и за содржината откриена во нив, земјата ќе остане заглавена во кризата“, рече меѓудругото Бејли во интервјуто.
Објавата на Миленко беше објавена и во провладиниот портал „Инфомакс“, кој важи за место каде се објавува најцрната пропаганда на власта, која често се презема и од други провладини медиуми.
Инаку, во емисијата на Миленко повеќе пати гостуваше екс-премиерот Никола Груевски, претседателот Ѓорге Иванов, и други функционери на ВМРО-ДПМНЕ.
Ова не е прв пат Миленко да се заканува, а досега немало никаква реакција ниту постапка од Обвинителството или од други институции, а неговите закани не биле осудени од функционерите на власта.