Quantcast
Channel: Топ вести Archives - Либертас
Viewing all articles
Browse latest Browse all 17601

(ВИДЕО) Нуланд најави договор наредниве денови: Почуствував политичка волја

$
0
0

Целосно да се спроведе Договорот од Пржино и што поскоро да се постигне договор за одржување избори со цел излегување од политичката криза во која се наоѓа Македонија, е пораката на помошникот-државен секретар на САД за Европа и Евроазија Викторија Нуланд што ја искажа денеска на прес-конференција во Американската амбасада во Скопје по средбите со политичките партии и невладиниот сектор.

– Очигледно е дека е постигнат одреден прогрес во имплементацијата на Пржинскиот договор, но сега е моментот да се заврши работата и Македонија да се постави на курсот за слободни и фер избори, рече Нуланд.

Таа посочи дека политичките партии веќе разговарале за тоа како да се дојде до избори и пред нејзиното доаѓање, а по денешните средби со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, на СДСМ, на ДУИ и на ДПА, како што наведе, заминува од Скопје охрабрена.

– Морам да кажам дека го напуштам Скопје охрабрена од она што го слушнав. Се надевам дека преговарачките тимови во следните неколку денови ќе се обединат околу некои идеи кои сега се на маса со што ќе се фати курсот кон одржување избори. За ова ќе биде потребна политичка волја од сите страни и почувствував дека таа волја постои по средбите што ги имав денеска, рече Нуланд.

Таа додаде дека амбасадорот Бејли и неговиот тим ќе продолжат со напорната работа заедно со Европската унија со цел политичките партии во земјата да дојдат до решение што е можно поскоро.

Втора цел на нејзината денешна посета во Македонија била да се даде поддршка на јакнењето на правдата и владеењето на правото.

Американскиот дипломат подвлече дека денеска имала средби и со претставници на невладиниот сектор и новинари со цел да ги охрабри во храбрата работата што ја работат.

– Утрово имав шанса да се сретнам со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и нејзиниот тим. Нејзината работа е од витално значење за обезбедување вистинско владеење на правото, одговорност и чист правен систем во земјава. Тоа е нешто што е апсолутно неопходно за Македонија да ги постигне своите евроатлантски цели, да ја постигне својата цел да стане членка на ЕУ и НАТО за што ја има долгорочната поддршка од САД – рече Викторија Нуланд.

Таа одговараше и на новинарско прашање во однос на идеите за формирање специјално судско одделение за предметите на СЈО.

– Во однос на дополнителни структури за помош, има многу идеи, но мислам дека најважно е системот да биде чист, да биде ефективен, да има одговорност – рече Нуланд подвлекувајќи дека и тие би сакале процесот да се движи побрзо, но дека, се работи на пакет од идеи за исполнување на договорот, со помош на ЕУ и САД.

Таа рече дека тие се отворени за сите идеи кои се во насока на разрешница на скандалот со прислушкувањето по судски пат, односно процесот од отворање до затворање на процесите, и кои ќе го зајакнат системот.

Таа одговараше и на прашање во однос на можни санкции доколку нема договор.

– Нашата надеж е дека ќе има договор за да не мора да одиме во таа насока – рече Нуланд.

Видео – А1он


Viewing all articles
Browse latest Browse all 17601

Trending Articles