Quantcast
Channel: Топ вести Archives - Либертас
Viewing all articles
Browse latest Browse all 18380

Интервју со Ден Дончев: Груевски имаше клучна улога во аферата со Телеком

$
0
0

Во интервју за дневниот весник Слободен Печат поранешниот генерален секретар на ВМРО ДПМНЕ и поранешен близок соработник на лидерот Никола Груевски отворено зборува за случаите криминали со продажбата на Македонска банка, аферата Телеком, за сопартијците кои останале и го бранат како што вели криминалот кој десетина години го прави неговата партија. Ви пренесуваме дел од интервјто на Слободен печат.

Den Donchev

Очекувате ли специјалната јавна обвинителка Катица Јанева со својот тим, во вистинска смисла на зборот, да ги земе во свои раце сите предадени досиеја, односно да има правна разрешница за наводите за криминал?

– Не познавам случај во историјата на човештвото, кој имал ваков обем на разоткривање криминал на власта. Ова е поголемо и од аферата „Вотергејт“ кога падна американскиот претседател Никсон. Формирањето на Специјалното јавно обвинителство, и покрај сите досегашни опструкции, дава огромна надеж дека ќе има правна разрешница за наводите за криминал. Катица Јанева и нејзиниот тим имаат привилегија и одговорност да го започнат враќањето на владеењето на правото во Република Македонија. Во интерес на секој наш граѓанин е да успеат. Треба да се свесни дека историјата ќе биде нивниот најголем судија. Единствена моја желба и надеж како граѓанин е Специјалното јавно обвинителство да работи без страв од никого и без услуга кон кој било!

Во 2014 година, првата „бомба“ на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, се телефонски разговори за случајот „Македонска банка“, во кои наводно Груевски преку Вас ја договара продажбата со контроверзниот српски бизнисмен газда Нини за кеш од 1,5 милиони евра. Обвинителството не отвори истрага за случајот, а Груевски поведе граѓанска парница против Заев и доби отштета од 50.000 евра. Ако судот Ве повикаше да сведочите, дали бевте тогаш спремни за исказ?

– Секако дека ќе сведочев, ама знаете дека судот не дозволи. Одлуката на судот Заев да плати оштета од 50.000 евра за клевета, многу јасно покажа до кое ниво Груевски може да контролира судски процеси. Тоа е ниво на апсурдност и фарса. Подоцна, преку „Вистината за Македонија“ се покажа дека судската постапка во случајот „Македонска банка“ било детска играчка во споредба со други манипулации што ги правеле во судството. Интересно е што судот беше многу експедитивен при донесување на првичната пресуда против Заев, а одлуката од Апелација за неговата жалба со месеци чека. Јавно се прашувам: Да не случајно се чека да поминат изборите?

Дали очекувате и Вие да бидете повикани од Катица Јанева?

– Не сум сигурен дали Специјалното јавно обвинителство ќе го отвори овој предмет, бидејќи Зврлевски веќе го отфрли. Главно дело што би произлегло од „Македонска банка“ е дали е платен данок кон државата за 1,5 милион евра, данок што требало да се исплати во готово. Околу 300.000 евра данок на добивка требало да се уплатат кон Управата за јавни приходи. Лицемерно е молчењето на власта, кога за многу помали прекршоци луѓе лежат во затвор и плаќаат баснословни казни.

Во јавноста веќе потврдивте дека гласот на снимките бил Ваш. Стравувате ли истрагата да биде насочена и кон Вас, како инволвиран во аферата, а не само како сведок?

– Воопшто не стравувам. Единствено можно кривично дело во продажбата на Македонска банка е даночна евазија. Не е мое да утврдувам дали соодветниот данок на добивка бил платен кон државата. Мојата улога беше консултант и преговарач, постапувајќи по инструкциите на Никола Груевски. Не сум имал никаква директна или индиректна контрола врз кој било од акционерите ниту, пак, имав каков било финансиски бенефит или интерес од самата продажба. Инаку, многу брзо по продажбата на „Македонска банка“ јас заминав од ВМРО-ДПМНЕ, не согласувајќи се со многу нешта од начинот на работа на Никола Груевски.
КРИМИНАЛОТ ВО ТЕЛЕКОМ
Јавноста Ве памети и како директор на „Македонски телеком“ и тоа во оние клучни моменти, до неговата продажба во 2001 година. Како гледате на обелоденетото сведочење на поранешниот разузнавач Слободан Богоевски, објавено од страна на судот во Њујорк, а според кое во периодот од 2004 до 2006 година се вршел поткуп на видни политичари и се споменува исплатена сума од 4,8 милиони евра на Владо Бучковски, Али Ахмети и на Муса Џафери, како и други износи што ги имало во документи според кои практично се спроведувала шемата на поткупот?

– Немам сомнеж дека сведочењето на Богоевски е базирано врз факти со кои располагал. Судскиот случај произлезе од Американската комисија за хартии од вредност, која освен сведочењето на Богоевски, располагала и со други материјални докази. Инаку, Богоевски посочува износ за поткуп од 10 милиони евра, од кои 2,5 милиони евра биле за Сашо Мијалков, а за главни актери при примањето на поткуп ги посочува Владо Бучковски, Али Ахмети и Муса Џафери.
Но, во овој огромен скандал, за мене не помалку важна е и улогата на Никола Груевски. Тој лично раководеше со процесот на приватизацијата на „Македонски телекомуникации“ во 2001 година, ги носеше сите клучни одлуки при продажбата и е потписник на сите клучни договори во име на Република Македонија.

Најклучниот договор што Груевски тогаш го потпиша, беше таканаречениот Акт на обврзување. Со тоа ја обврза Република Македонија да гарантира монопол на „МАТАВ“ како стратешки инвеститор во „Македонски телекомуникации“ до 31 декември 2004. Фактот што македонскиот пазар на телекомуникации не се либерализира на 1 јануари 2005, се должи на одложувањето на новиот закон за телекомуникации, нов интерконекциски договор и регулативата за ефикасен протокол за пренос на броеви. Со примање пари од „Македонски телекомуникации“ во партиската фирма „Аналитико“, Никола Груевски свесно или несвесно си дозволил да стане дел од овој поткуп. Со овој чин, тогашниот опозиционер Груевски практично го премолчал фактот што нема либерализација од 1 јануари 2005. Така продолжи периодот на монопол за неколку години подолго од законски загарантираниот период обезбеден во Актот на обврзување. Овој акт е потпишан од самиот Груевски на 15 јануари 2001 година.

Македонските институции немаа реакција за овој случај?

– Имаме апсурдна ситуација. За поткуп на македонски политичари, во Њујоршкиот суд се води постапка започната уште во 2008 година, против тројца поранешни извршни директори на „МАТАВ“, а македонските институции упорно молчат. За оваа апсурдна ситуација Богоевски дава одговор дека уште во 2008 година одредени посредници од Грција исплатиле 2,5 милиони евра на Сашо Мијалков за да се спречи судска постапка во Македонија против одредени лица од Грција, вработени во „Македонски телекомуникации“. Всушност, овие лица, по налог на тројцата извршни директори од „МАТАВ“, биле одговорни за обезбедување на средствата за поткуп од „Македонски телекомуникации“ преку фирми во Кипар. Со самото стопирање на истрага од страна на македонските институции за овој случај, не само што се поштедени овие лица од Грција што тогаш работеле во Македонија, туку всушност се поштедени и Владо Бучковски, Али Ахмети и Муса Џафери.

Целото интервју со Ден Дончев прочитајте го тука.


Viewing all articles
Browse latest Browse all 18380

Trending Articles