Основниот суд Скопје 1 му го продолжи куќниот притвор за нови 30 дена на градоначалникот на Битола, Владимир Талески.
„Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 – Скопје постапувајќи по предлог на Обвинителството за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите ( СЈО ) за продолжување на мерката за обезбедување присуство против В.Т., осомничен дека го сторил кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 ст.5 в.в со ст.1 в.в со чл. 22 и сл.45 од КЗ, го уважи предлогот и ја продолжи мерката куќен притвор за нови 30 дена.
Надзорот над мерката куќен притвор ја спроведува МВР на РМ, СВР Битола, а доколку осомничениот не се придржува кон мерката куќен притвор против истиот ќе се определи мерка притвор“, стои во соопштението од судот.
Инаку Талески вчера беше на распит во СЈО. Против него се води истрага во случајот „Транспортер“ каде тој и уште 22 лица се товарат за злоупотреби со превозот на ученици во Битола, тешки 360.000 евра.
По завршувањето на распитот, Талески изјави дека се работело за наметната постапка и дека врз основа на една снимка се правела политичка хајка против него.