Ви пренесуваме дел од колумната на Катерина Блажевска за Призма:
Сега е кризна ситуација и власта не сака да биде прекинувана со непотребни прашања кои ќе го нарушат нејзиното засукување на ракавите. Но, зошто таа не одговори ни на прашањата што ѝ беа поставени од опозицијата на 17 јули, кога немаше ни поплава, ни никаква кризна ситуација. А прашањето гласеше: Зошто огромни суми пари преку програмата за рурален развој без контрола на претходно извршената работа завршувале кај фирми и лица за чистење канали? Вкупната исплатена сума на овој начин, што ја навел ревизорот во најновиот извештај, била околу 3 милиони евра.
Значи, дали е цивилизациски (во согласност со законот) парите за наводно исчистени канали да ги добиваат лица или фирми, само врз основа на барање и документација, без притоа овластени контролори на Платежната агенција да ја проверат фактичката состојба на терен и да направат записник? Дали Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој била должна согласно со законот, пред да ги исплати парите да ја утврди состојбата на теренот? Ако ревизорот констатирал дека не се вршеле контроли пред одобрување на новите барањата, тоа секако укажува на можност за злоупотреби.
Зошто на ова прашање не беше одговорено во време на некризна состојба? Ако му било посветено должно внимание, можеби каналите кои минатата недела не го апсорбираа и евакуираа вишокот вода, навреме ќе беа исчистени и од отпад и од неодговорност и ќе ги ублажеа или спречеа последиците што денес не можеме да ги доброиме. Освен загубата на човечки животи, која е немерлива, најголемата утврдена штета од овие поплави не е материјалната туку онаа спознајната.
Кога поплавата ќе открие кои и какви полуписмени кадри раководат со институции поврзани со превентива и заштита од непогоди, луѓето сфаќаат дека изгубиле нешто многу поголемо и од куќите и од нивите. Дека е изгубена државата. Дека кадрите од чија стручност и вештини зависат нивните животи, се всушност неспособни потрчковци кои не прават ништо друго, освен што се влечат за грбот на Груевски и во тефтерче ги запишуваат неговите наредби. Тие врз грбот на маката на граѓаните допрва учат што требало да сработат за да не се случи тоа што се случи.
По сето ова, јасно е дека сите сили ќе бидат впрегнати што поскоро да ја заборавиме оваа тажна августовска недела, за животот „да продолжи нормално да тече понатаму“ и да не се чепка по темните кадровски петна. Нема ништо нормално во ваква ненормалност претставена со судбинско тројство – на небото Господ, на земјата Груевски, во куќите вода. Се разбира, поплава од неодговорност . Во една пристојна држава експресно би уследила сериозна истрага за утврдување на одговорноста за тешки кривични дела против општата безбедност, за изгубените животи, за уништените домови…
Ете тоа е цивилизациска постапка. Но, ние не сме пристојна земја. И нема да станеме таква сѐ додека „нецивилизациските прашања“ ги туркаме под талогот од поплавите. Од аспект на активна превентивна и безбедносна функција во вакви случаи, државата станува сѐ помала и невидлива, а граѓаните сѐ повеќе се препуштени сами на себе и на растечката емпатијата и солидарност меѓу нив. Државата на местото на катастрофата доаѓа задоцнето, парадерски, во суви панталони, во бели кошули и во лакирани обувки.
Прво ги игнорира проблемите, а кога ќе кулминираат, се враќа таму, но не за да ги реши туку за да ја демонстрира својата наводна оперативна моќ во нивното санирање. И на крајот, сите се надлежни, но никој не е одговорен. Ако е ова посакуваната цивилизациска практика, Илија, немој да нѐ будиш од тврдиот нецивилизациски сон. Ни случајно да не ти текне. До гледање до следната поплава.
Целата колумна на следниот линк.