Quantcast
Channel: Топ вести Archives - Либертас
Viewing all articles
Browse latest Browse all 17458

Тивка вода брег рони

$
0
0

Како последен колумнистички аматер, минатата недела го прогласив месец август за здодевен и небитен. Каква глупост! Во оваа Македонија, за жал, никогаш не е здодевно, па дури ни среде август. А од тогаш, до сега, речиси сè се кажа и опиша, во слика и текст, за несреќата што ги снајде неколкуте населби во близината на скопската обиколница.

ordanoski ordanovski

Резимето е јасно: природните катастрофи секогаш оставаат поголеми последици за луѓето и имотот кога не функционираат системите во државата за нивно најавување, нивна максимална системска превенција и справување со нивните последици. Во сите три сегменти, сегашната македонска држава потфрли. Она што загрижува во оваа констатација е дека тоа потфрлање, без разлика на степенот на драматичната нефункционaлност во разните области на државните задолженија за овој вид несреќи, е збирен резултат од масовните несоодветни кадровски решенија на режимот во комбинација со корупцијата и криминалот во сите сегменти на кризниот менаџмент, од пошумувањето и чистењето на одводните канали, преку водните пумпи и гумените чизми, до државните резерви со вода и капацитетот за навремена дистрибуција на помошта. Таквиот систем секогаш пука кога ќе стане „најтенко“, кога ќе нè стрефи несреќа.

Тоа е „тивката вода“ (режимот на власт), која толку го поткопала „брегот“ (Македонија), што кога ќе дојде и не толку „големата вода“ – брегот сам паѓа.

ИНСТИКТОТ НАСПРОТИ НЕСПОСОБНОСТА

Што значи тоа во практика?

Се покажа дека сите институции, на сите нивоа, се подредени на еден човек: Никола Груевски. Бидејќи системот е пополнет со ист вид неспособни партиски кадри – од Тоталниот Ноубади за премиер, преку неколкуте дечиња-министри околу него, до „вештите“ типчиња во разните надлежни државни управи и дирекции, чија главна работна задача, 24/7, е спроведување тендери – потребно е Груевски итно да се врати од Анталија за, од позиција на неофицијален шеф на групава неспособни владини функционери, лично да раководи со справувањето со кризата. Тоа е тоа: кога цела деценија градите систем во кој вождот шета низ државата и со телефонот во рака, пред камери, решава најбанални проблеми на граѓаните само за сите да знаат на избори дека тој е единствениот шеф на животот и смртта во Македонија, тогаш нема систем што може самостојно и компетентно да функционира во ситуација на криза. Пак мора Грујо, пак со телефонот, пак пред камери. Само што во ова реално „риалити шоу“ тоа веќе не е комично, туку сосема трагично.

Потоа проработи инстиктот на луѓето, кога гледаат дека државата не функционира, самите да помогнат, кој колку може. Значи, бидејќи државата со денови не е организирана да однесе леб и вода до поплавените, граѓаните ќе одат по продавници да купуваат пакети со вода – ало, вода! – и приватно да ги разнесуваат низ погодените подрачја. Бидејќи државата нема доволно вработени во МВР и во АРМ и во Дирекцијата за справување со кризи и во Шумското државно претпријатие и низ стотиците општински служби и илјадниците други земај-плата-клати-врата по државните канцеларии – да потсетам, само на последниот конкурс на ВМРО-МВРО се прими бригада од 600 млади, силни и надежни полицајци – се очекува и од такви како мене, со стомаците и вкочанетите половини, да се фатиме за лопати и да расчистуваме кал.

Всушност, моја оценка е дека само пропагандниот систем на власта беше на висината на предизвикот на кризава, а речиси сите други државно-партиски инсталации потфрлија. Тоа е можеби и за очекување: ти со години му даваш пари за чистење канали, тој гради тип-топ партиска телевизија, па нормално е неисчистените канали да предизвикаат поплави, а партиската телевизија да те следи во чекор како со телефонот, бидејќи не ти функционираат бројните служби, делиш укори и наредби.

ТАСТАТУРИТЕ НАСПРОТИ ЛОПАТИТЕ

Се разбира, во вакви ситуации, бројни поединци, без разлика на нивните партиски афилијации и политички ангажмани, покажаа висок морал и голем личен ангажман на теренот, за што заслужуваат секаква пофалба. И мене ми е јасно дека, сега, најважно е да се расчисти калта, а не да се пишуваат или читаат и гледаат рецензии за тоа кој што направил.

Но, јас сакам да кажам дека слоганот „Оставете ги тастатурите, фатете се за лопатите!“ е најблагородниот повик што може да се упати во времиња на несреќа, сепак, само како последица на неспособноста на оние што се платени да бидат способни. Со други зборови, како што сум јас платен да бидам добар со тастатурата (за што ќе пресудите вие, моите читатели!), така е некој платен за да биде добар со „лопатата“, ако таа е добрата метафора за справувањето со оваа криза. Бидејќи, ако смеам да кажам, со целиот ризик да бидам сфатен како циничен и бездушен драмосер, овие поплави сепак ги немаа ниту димензиите, ниту последиците на оние од Дедо Ное, опишани во некој од заветите на Библијата. Се поплавија (само) неколку села и еден лошо направен обиколен пат во непосредна близина на главниот град… На тој релативно ограничен, краткотраен и непријатен тест на природата, ни се удавија десетици луѓе, со материјални последици што никогаш нема да можат да се добројат.
Затоа, еве, иако можеби ќе звучи несоодветно и непристојно на моментов, јас СЕГА прашувам знаете ли кои ќе бидат последиците од следната посериозна поплава на Вардар, кога ќе се „слизнат“ сите клучни градби на „Скопје 2014“, неодговорно и незаконски изградени на кејот на реката? СИТЕ, буквално СИТЕ знаат дека на тие згради таму не им е местото. Па, сепак, никој од оние што се платени за „лопатата“ не најдоа професионална сила и карактерна стамина да му се спротивстават на болниот ум на Градителот, кој ни до тоалет не може да отиде без да биде следен од камери. Останува да се надеваме дека таквата несреќа никогаш нема да се случи или дека, можеби, ќе се случи ноќно време, кога тие згради се испразнети од администрацијата што преку ден неуморно работи на продолжениот опстанок на овој болен режим на власт. Ама, знаете како велат: надежта е лоша стратегија за опстанок. Ете, јас сега ја користам тастатурата, пред да дојде време да мораме масовно да се зафатиме за лопатите. И што дека?

ГОСПОД НАСПРОТИ РАЗУМОТ

Секогаш кога ќе потфрли државата, настанува масовна психоза во која „народот“ се препушта на „волјата“ и непредвидливоста на „Бог“, како врвниот создател на природата. Кога ви е неисчистен каналот за одвод или кога цевките од канализацијата, заради крадење, имаат помала ширина или должина од потребната, тогаш и помала поплава од оваа се третира како „божја волја“, со неизбежното „така требало“. Кога системот масовно ќе ги доведе своите граѓани за на бајачка, тогаш е нормално што системот не бидува повикан на одговорност, бидејќи судбините на луѓето се во рацете на Врвниот Демиург.

Проблемот во демократиите е тоа што Господ не оди на избори. На избори одат оние што се одговорни за функционирање на државата. А кога повеќето од бирачите мислат дека нивниот живот зависи од волјата на Господ, тогаш бираат калпазани што ќе ја водат државата и ќе им делат леб и вода ОТКАКО ќе бидат поплавени. Значи, да ја доведам тезата до својот апсурд, не е проблем што една будала раскажува дека поплавите во Скопско се дел од американскиот план за уништување на Македонија (преку напад во Синѓелич и Стајковци!) со некаков ХАРП-систем; проблемот е во тоа што еден процент од населението веројатно мисли дека тоа навистина е така. Прашањето колкав е тој процент е клучната компонента за дијагнозата за „болеста на племето“.

Според тоа, повторно, одговорност ќе нема од никого. Напротив, предвидувам дека ќе се бара одговорност – барем морална! – од оние што повикале на одговорност. Срам да им е, народ гине, а тие се занимаваат со „политика“!!!

Среќа во несреќа, се наоѓаме пред избори, па оштетените претпоставувам дека ќе бидат правично компензирани, солидарно, од парите на сите, од Буџетот на државата, што ќе им го раздели Груевски, пред камери, како негова лична донација. Ќе им го купи молкот со нашите пари и со друг вид компензации, како што тоа, впрочем, го прави со години наназад. Па, да бидам сосема непријатен, дури ни роднините на загинатите не бараат истрага ни за настаните од „Диво насеље“, кога заради очигледна непрофесионалност и друг вид вмешаност на командниот кадар во МВР загинаа или беа повредени десетици полициски специјалци – и таму власта им ги „позлати“ устите на семејствата и колегите, за да молчат. И си молчат, неутeшни, и си мислат дека сето тоа и онака е „божја работа“.

Сè додека еден ден Господ, навистина, не крене рака од Македонија и не нè пушти сите низводно да се исподавиме по Вардар, оти подобро, изгледа, и не заслужуваме.

Сашо Орданоски

Колумната е објавена во Слободен печат


Viewing all articles
Browse latest Browse all 17458

Trending Articles