Екипата на ТВ21 со чамец се обидува да стигне до шталата на еден овчар од Арачиново. Гледаме мртви овци. Вкупно во поплавите настрадаа 250 овци. Жителите стравуваат од појава на епидемии, информира Тв21.
Само на десетина километри од Скопје, ова е потенцијална заразна бомба, за која ветеринарните служби знаат, пишуваат записници и извештаи, но понатаму никој ништо нема преземено.
Агенцијата за храна и ветеринарство исто така беше известена. Но денеска никој од таму не одговори на повиците од ТВ21. Портпаролката ни пиша порака дека е на одмор.
ТВ 21 на ова место прв пат дојде пред една недела. Тогаш пцовисаните овци беа на истото место , надуени на августовското сонце, но сеуште не во фаза на распаѓање. Денеска ситуацијата е многу полоша.
До ова место се даоаѓа лесно, од патот стотина метри пеш, а потоа со лесен чамец, затоа што сеуште стои барата создадена од дождовите. Ако до тука можеше да стигне новинарска екипа, надлежните служби кои на располагање имаат секаква механизација, сигурно ќе стигнеа уште полесно и побезбедно.
Во разговорот со неколкумина ветеринари денеска ни беше потврдено дека ова е сериозна, односно опасна ситуација за цело Скопје. Дека во услови на висока температура, влага и животно во распаѓање се развиваат патогени бактерии кои предизвикуваат болести. Но ниту еден од нив не се охрабри да зборува јавно. Свесно неразумно, призна еден од нив.
Дознавме и дека надлежен ветеринар има и денеска напишано извештај за состојбата со ова мртво стадо, во распаѓање. И дека опишал оти во околината „не се дише“. Но тој не сакаше ниту да разговара со новинари.
Во околината на ова место, само на 200-300 метри се првите куќи од Арачиново. Од другата страна се гледаат зградите на деловни објекти од скопската индустриска зона, и автопатот од Куманово кон Скопје. Но никој не насетува што се крие во близина.
ТВ21 и натаму ќе алармира до надлежните служби. На влезот на главниот град се развива потенцијална зараза. Многумина знаат, но тие што се најповикани, и 17 дена по поплавите го игнорираат проблемот.