Привремената комисија за следење на медиумското преставување денес не се состана поради отсуството на членовите предложени од ВМРО-ДПМНЕ Слаѓана Димишкова и Цветин Чилиманов. На состанокот присутни беа членовите Горан Трпеноски и Љубомир Костовски, кои се предложени од СДСМ. По еден час чекање да дојдат сите членови, заклучиле дека состанокот нема да се одржи, пренесе СДК.
„Ние стоиме на услуга на политичките фактори ако изнајдат решение за излез од блокадата“, изјавија присутните членови на телото.
Сега на ред е Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, која денеска треба да констатира дека петтиот член не е избран и за тоа да го извести Собранието, кое ќе треба да најде решение за да не дојде до одложување на изборите, неофицијално дознава САКАМДАКАЖАМ.МК.
Согласно договорот меѓу партиите, петтиот член треба да биде Албанец, а за него треба да постигнат консензус четворицата членови предложени од партиите.
Вчера не беше постигнат договор, а неофицијално, кандидатите кои останале во најтесниот избор се Даут Даути кој беше дел од Лустрациската комисија чии одлуки паднаа на Управен суд и експертот за медиуми и комуникации, д-р Сефер Тахири кој има докторирано на Одделот за комуникации при Универзитетот Њујорк во Скопје на тема „Влијанието на политичките партии во уредувачката политика на јавниот сервис МРТВ во периодот 1998-2006“.
Инаку рокот кој го договорија политичките партии а во кој ад-хок телото требаше да биде комплетирано истече синоќа на полноќ.
Од договорот ќе зависи и дали лидерите на политичките партии ќе можат до 31 август да постигнат договор за избори во декември, најверојатно на 11 декември.