Ви пренесуваме дел од интервјуто на поранешниот премиер Љупчо Георгиевски, сегашен претседател на ВМРО-НП за Утрински весник:
Кога Македонија се осамостојуваше сите иднината ја гледаа во ЕУ и НАТО. Од каде е сега овој нагласен евроскептицизам, па дури и отворен антиамериканизам, и потребата за идентификација со Русија. Дали е тоа дел од вкупните поместувања во Европа или во значајна мера е поради разочарувањето од ЕУ и предолгото чекање на преговори за членство?
Не може да се каже дека предолгото чекање пред ЕУ е виновно за оваа состојба, затоа што ЕУ и НАТО многу одамна многу јасно ги формулираа условите за да одиме напред. Тоа е компромисот со Грција. Не знам зошто некои луѓе во политиката во Македонија се прават луди по тоа прашање, кога требаше да знаат и пред да дојдат на власт дека тој проблем ги очекува. И дека треба да го решаваат. Нема што да се лутиме ниту на ЕУ, ниту на НАТО. Тие застанаа по принципот на солидарност на страната на Грција. Ако тоа некому не му е јасно, не треба воопшто да се занимава со политика во Македонија. Овој евроскептицизам и антиамериканизам кој се форсира дополнително се засилува во контекст на последнава политичка криза. Некој сака да се вади дека тоа е прашање на заговор. Јас сум убеден дека тоа е погрешна карта, бидејќи е јасно дека целата криза е внатрешна. Затоа Специјалното јавно обвинителство треба да расчисти дали повеќе се виновни луѓето кои се блиску до СДСМ или пак комплетно се одговорни луѓето од власта кои извеле едно од најграндоманските прислушувања во историјата на Европа. Во согласност со правдата што ќе ја истера СЈО пред изборите треба има и политички консеквенции, не само правно кривични. Ако СДСМ бил дел од тоа, треба да понесе соодветни консеквенции, но ако се случи и се потврди дека на СДСМ му се само предадени прислушуваните разговори кои власта ги снимала, тогаш ВМРО-ДПМНЕ не треба ни да се појави на избори. Прво, затоа што го правела тоа на таков грандомански начин, второ затоа што две години ја блокира Македонија.
Македонија сега мора да помине два клучни испити – на 11 декември да организира фер, слободни и демократски избори, но и на СЈО да му овозможено да работи според прописите. Сметате ли дека ќе успееме да се справиме со овие предизвици?
Се’ уште сметам дека Македонија поминала во многу потешки премрежја отколку ова што се случува. Но, очигледно, македонските политичари прават многу поголема драма. Ова што денеска се случува не може да се спореди со оние рани 1990 години кога се тресевме дали Милошевиќ ќе ни влезе со југословенската армија. Дури ни со атентатот врз Киро Глигоров кој беше единечен, меѓутоа опасен. Да не зборуваме со кризата 2001 година, бомбардирањето на НАТО на Србија. Сите тие кризи јас ги сметам за многу потешки, подраматични, посуштински. Ова е криза која во принцип ја има во многу држави во светот и завршувала многу поелегантно. Јас уште сметам дека најдобро ќе беше договорена амнестија за одредени кривични прогони, со тоа што одреден корпус политичари ќе се повлечат од политичката сцена. Вака имаме апсурдна ситуација, ем очигледни криминали, ем аболиција, ем некој да остане да владее, што е комплетен парадокс.
А каде е тука одговорноста? Каква порака им се праќа на новите генерации политичари?
Сметам дека амнестијата треба да биде на ограничен број кривични дела, проследено со нова законска регулатива во која ќе биде ставен акцент на коруптивните зделки и злоупотребите на буџетот. Но, од трета страна и со драстично зголемување на примањата на политичарите во Македонија.
Целото интервју на следниот линк на Утрински весник.