Пред нешто повеќе од десетина години се емитуваше една хрватска телевизиска серија „Долга и темна ноќ“, во режија на Антун Врдолјак, познат хрватски режисер, кој на маестрален начин преку животните премрежија на главниот лик успеа да ни ја доближи темната страна на тоталитарните режими, и нема да го заборавам она кога кога главниот лик во една реплика и вели на својата сопруга дека „Ова ќе биде долга и темна ноќ“. Токму овој наслов ме инспирира веќе подолго време и долго размислувам на оваа тема, кога почна нашата, односно Македонската „Долга и темна ноќ“.
Многу текстови, анализи и размислувања се испишани изминатиов период околу тоа во каков политички систем ние денес егзистираме. Дали живееме во авторитарно или тоталитарно општество со сериозни елементи на диктатура, дали во некој хибриден режим како што некои професори го именуваа како авторитарен популизам или изградивме систем со посебни белези кој не е виден до сега во Европа и модерниот свет. По многу работи кои до сега ги видовме и ни се случуваат пред нашите очи може слободно да констатираме дека сепак ваков политички систем како што е Македонскиот, вакво институционално устројство и поимање на политиката, сепак не е забележан до сега никаде. Сепак ова претставува нешто ново кое идните генерации сигурно ќе го проучуваат и анализираат.
Но како ни се случи ова? Како дојдовме до овој стадиум да дебатираме дали е диктатура, дали е нешто слично. Што се случи тоа со нас. Овие прашања си ги поставувам доста често. Во овој текст во неколку делови, ќе се обидам да дадам едно свое гледање и размислување на овие теми, и ќе се обидам да предложам некои мои ставови и решенија за излез од оваа ситуација, односно како да се порази една погубна политика и на крајот сите да бидеме победници, односно Република Македонија да биде победник.
Но пред да се обидеме да ги дадеме можните решенија за тоа како да излеземе од оваа ситуација, односно како да се справиме со диктатурата и нејзините последици кои ги остави по сите нас, ние мора да ја објасниме и анатомијата на таа диктатура, нејзините корени, и како се започна. Мора да имаме една барем приближно точна дијагноза за тоа што се случуваше пред нашите очи, а сите се чудевме и молчевме.
Ништо не навестуваше во таа 2006 година дека ќе дојдеме до оваа ситуација што ја имаме денес. Мислам дека за прв пат пред парламентарните избори во 2006 година во ВМРО-ДПМНЕ се донесе одлука која наиде на големо одобрување, имено, им се овозможи на Општинските комитети сами да ги селектираат кандидатите за пратеници и на еден демократски начин преку селекција и интервјуа да ги предложат најдобрите кандидати кои потоа ќе бидат верификувани од Извршниот комитет на партијата. Тоа беше еден демократски чин кој беше за поздравување. Немаше ниту меници, ниту уцени, немаше ништо од тоа. Во таа насока се направија и прелиминарни листи со најдобрите кандидати кои требаше да бидат верификувани. Но непосредно неколку часа пред заклучување на листите дојде до тотална промена на конечните листи. Се направи хаос. Околу шеесет проценти од кандидатите кои беа најдобро рангирани беа дел преместени, дел исфрлени и другиот дел ставени на сосема небитни места негде погоре. Нивните места ги завземаа некои сосема други и непознати ликови кои беа многу послабо рангирани од општинските комитети или воопшто не беа рангирани. Ова беше една голема измама која многу не зачуди и не вознемири сите нас и тоа се случи буквално на самиот почеток од мандатот на новата политичка гарнитура во Република Македонија.
Се прашував тогаш зошто ги тормозеа луѓето со разни интервјуа, разговори, зошто правеа селекција, прелиминарни листи, кога се било една фина зафрканција и всушност измама завиткана во една демократска фолија. Но подоцна видов дека се е овде фасада и измама и ништо повеќе. Многу од тогашните вмровци кои беа на листите го коментираа истото, само тогаш гласно за разлика од сега. Како што знаете и денес оваа иста измама се користи. Секој оглас кој се распишува е всушност една голема измама, да создава една лажна перцепција за отвореност и демократичност, а всушност се избираат сосема други луѓе во деведесет отсто од случаите, наводно луѓе од доверба кои не ни учествувале воопшто на конкурсите или им било кажано да учествуваат со цел да бидат избрани. Така е и со сите други отворени конкурси, како и онаа глупост која не постои никаде во светот ,,Оглас за избор на амбасадор, пази молим те, ама и по тоа сме уникатни во светот и ни се смеат насекаде. Денес пак во изборот на кандидатите за пратеници буквално во пет до дванаесет не им кажуваат на луѓето дали ќе бидат или нема да бидат на кандидатските листи и тоа е едно грозно изживување и неизвесност што се практикува во ВМРО-ДПМНЕ.
Но да се вратиме на таа 2006 година. Во тогашниот состав на пратеничката група со декрет, преку ноќ, како што реков, влегоа сосема други луѓе, исклучително слаби и непознати кадри со чест на неколку исклучоци, кадри кои не беа рангирани, некои женички собрани од дома со недооформено образование, по некоја комшика или роднина на некој од првите луѓе во партијата, некои поранешни тепачи со понекоја купена диплома, по некој полуписмен бизнисмен, и тоа беше главното оружје во парламентот кој не ветуваше многу.
Во тој состав не влезе ниту еден квалитетен кадар од политичките и дипломатски академии на партијата кои ги создадовме и правевме токму поради тоа, и притоа многу квалитетни луѓе се разочараа и заминаа и сега ги нема никаде. Но нели ни требаше квалитет. Каде е тука квалитетот, кој ќе биде на говорница, кој ќе говори, кој ќе брани проекти, закони итн, се прашував. Но тоа не беше воопшто потребно. Еурека. Тогаш ја разбрав поентата на новиот концепт кој беше во зародиш. Овој концепт воопшто не беше замислен така за да има квалитетен парламент и силни институции. Токму тоа беше целта. Да се донесат во парламентот како и во сите институции што послаби анонимни луѓе, слаби говорници кои едвај можат нешто да прочитаат ако им напишат, кои нема многу да мислат туку само ќе гласаат, односно потребна е гласачка машина која ќе ги спроведува одлуките од едно место од еден центар. Со еден збор нема што да мислат, има кој да мисли за нив. Многу мислење не треба знаете. Ете затоа се случи и оваа фарса со кандидатските листи.
Долго размислував во тој период за овој настан и со која причина ова се случува кога вистински верував како и многу луѓе дека зборот е збор, дека ќе градиме и создаваме една нова перцепција, нов квалитет, силни институции итн. Сега кога гледам од оваа временска дистанца мислам дека токму овој момент беше навестување и раѓање на оваа долга и темна ноќ.
(Продолжува)
M-р Глигор Стоименов