НОВАТВ истражуваше кои се луѓето кои овде добиле земја и дозвола да градат деловен објект веднаш до новата барокна зграда на Факултетот за драмски уметности спроти зградата на Министерствто за внатрешни работи. Од таму дошле до имињата, но не и до одговорните.
И зад инвеститорот и зад изведувачот стои бизнисменот Тони Каранфиловски, човекот чии фирми во Македонија го добија целиот бизнис со изградба на гасоводот во РМ во износ по повеќе од 100 милиони евра, пишува НОВА.
„Иако се обидовме да добиеме коментар од фирмата „Рапид Билд“која е изведувач на овој објект, оттаму љубезно не одбегнаа тврдејќи дека директорот бил на пат. Прашања по електронска пошта испративме и до Каранфиловски и до „Рапид Билд“, но до објавувањето на овој текст одговори нема.
Се обидовме да добиеме коментар од компанијата која е надлежна за надзор на градежното место – „Поинт Дизајн“, но откако се претставивме на одговорниот и кажавме за што ги бараме, ни спуштија слушалка. Ѕвоневме повторно, но потоа не ни одговараа“, пишува НОВА.
Фирма од Прага поседува половина од фирмата инвеститор
Инвеститор во овој проект е компанијата “Волис Проперти ФЛ“, додека изведувач е „Рапид Билд“. Во „Рапид Билд“, Тони Каранфиловски преку неговите семејни компании „Детоил“ (бензински пумпи низ Македонија) и „Квалитет-пром“ (гасоводот) ги има речиси сите удели заедно со братот и таткото. Додека во фирмата-инвеститор „Волис Проперти“, Каранфиловски има и друштво од други компании и физички лица.
Документите од Централниот Регистер покажуваат дека ко-сопственици на оваа компанија покрај „Квалитет – Пром“ се Зоран Антиќ и фирмите „Квалитет – ПРОМ ДООЕЛ“ од Куманово и „Билдинг Капитал“ ДООЕЛ Скопје. Антиќ и Каранфиловски имаат по 25 проценти од уделите во оваа фирма, додека мнозински сопственик со 50 проценти е „Билдинг Капитал“ чија сопственост е во Прага, Чешка.
Сопственик пак на другата фирма – „Билдинг Капитал“ е фирма од Прага, наречена „Буилд Фасхион гроуп“.
НОВА провери во бизнис регистарот на Чешка и според тамошните податоци, фирмата “Build fashion group” е основана на 11 септември минатата година или неколку дена пред основањето на фирмата во Скопје. Нејзин сопственик и управител е е Зоран Костадиновски.
Повеќе за Каранфиловки прочитајте во оваа сторија на НОВА.