Грчкиот бизнисмен Димитрис Кондоминас молчи во врска со неговата вклученост во избирањето на екс премиерот Никола Груевски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ во 2003 година. Телма се обиде да добие коментар од Кондоминас за изјавите на поранешниот прв разузнавач Слободан Богоевски околу неговата вклученост во избирањето на лидерството на ВМРО-ДПМНЕ, но не добивме никаков одговор.
Од редакцијата на телевизијата се обиделе да стапат во контакт со неговата компанија, групацијата „ДЕМКО“ во која се вклучени телевизијата и радиото Алфа, кинематографската компанија „Village Cinemas“ и осигурителните компании на Кондоминас, од каде биле пренасочени кон телевизијата Алфа и кабинетот на директорот Василис Пападросос како одговорно ПР лице и претставник за Кондоминас. Телма и телефонски и преку електронска пошта побара коментар од Кондоминас за изјавите на Богоевски, но од таму не добивме одговор на нашите прашања.
Грчкиот бизнисмен не важи за светец во Грција. Сопственикот на телевизијата „Алфа“ веќе подолго време е на мета на грчкиот правен систем. Пред само една недела, грчкото обвинителство поднесе кривична пријава против Кондоминас за даночно затајување на 48 милиони евра и перење пари во периодот од 2006 до 2008 година. Од пред две години за Кондоминас се води и судски случај за заем во висина од 110 милиони евра и негово соучество во мултимилионски банкарски скандал, измами и перење од грчката „Поштенска банка“.
Кондоминас има силни врски со Македонија и македонските политичари и се споменува во голем број финансиски скандали, најавени и недовршени проекти во телекомуникацикиот сектор и недвижнини. Кондоминас се товари за посредување при поткупот на македонски фунционери при купувањето на „Македонски телеком“ од страна на „Маѓар телеком“, а вклучен е во проектот „Скопје 2014“ преку купеното земјиште од над 6000 квадрати на плоштадот Македонија за изградба на Офицескиот дом по цена од 100 евра за квадрат.
Голем број од неговите активности се поврзуваат со периодот на владеење на Љубчо Георгиевски и влезот на голем број грчки капитал во Македонија. Богоески во интервју за „Фокус“ тврдеше дека Кондоминас во 1999 бил главен посредник во продажбата на рафинеријата ОКТА. Поранешниот сопственик на телевизијата „Алфа“ во Скопје ја имаше и компанијата „Космотелко“, која пак имаше дел од акциите во „Македонски телеком“ и доби лиценца за WiMax широкопојасен Интернет, проект кој не беше спроведе, Кондоминас купи земјиште од околу 22.000 квадратни метри кај хотелот „Александар палас“ за изградба на голем трговски и бизнис-центар, но оваа идеја пропадна бидејќи голем дел од земјиштето преку денационализација беше вратено на сопствениците. Ништо не излезе ниту од неговите најави за отворање банка и осигурителна компанија во Македонија.
Грчкиот тајкун се поврзува и со обиди за поткуп на македонски политичари околу спорот за името. Грчкиот портал Протагон.гр во 2012, по интересот на Кондоминас да се вклучи во тендер за хидроцентрали во Македонија објави информација дека на поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу му била доставена понуда за грчки инвестиции во Македонија преку која ќе може да се влијае побрзо за решавање на спорот за името, во која се потенцира дека оние кои ќе ги одобрат инвестициите имаат потреба од финаниска поткрепа. Ваква понуда на времето добил и премиерот Костас Симитис, а порталот индиректно индицираше дека се работи токму за вклученоста на Кондоминас и инвестицискиот бум на грчки компании во Македонија во периодот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ од 1998 до 2002 година.
извор: телма