Голема група демонстранти се обиде да го попречи партискиот собир на ДУИ кумановско Черкези. Предводени од роднините и пријателите на Командант Шќипоња, кој беше убиен минатата година демонстрантите ги блокираа улиците, но беа спречени од полицијата во намерата да не му дозволат на Ахмети да го одржи собирот, објави Алсат-М.
Револтираните демонстранти фрлаа со камења кон возилата во кои се наоѓаа претседателот на ДУИ и другите функционери од оваа партија, кои во придружба на полициските сили успеаја да влезат во објектот каде беше организиран собирот.
„Од „Сопот“, до„Монструм“, па се’ до тука во Куманово, до Дива Населба.М и го убија Шќипоња. Никогаш нема да му го простам тоа. Се е во крв, сите ги остави во крв. Тоа не се заборава. Нека знае тој дека нема што да бара во Куманово“, изјави Мједи Реџепи, татко на Џемаил Реџепи алијас Командант Шкипоња.
Меѓу демонстрантите беа и жители на Дива Населба, но и лица кои сметаат дека нивните роднини и пријатели се неправедно осудени.
„Јас сум брат на Реџаил Ќерими, кој беше наместен во 2008 година и осуден на доживотен затвор. Веќе осум години Али Ахмети со неговиот политички клан мамат, лажат секојдневно. Знаеме дека е невин, но немам сила да ја завршам работата, вели Јетула Ќерими за Алсат-М.
На паролите кои демонстрантите ги држеа во своите раце, го обвинуваа претседателот на ДУИ, Али Ахмети, за предавство и го потсетија на убиството на Командант Шќипоња, престрелките во Дива Населба, како и тешката состојба на Албанците во Куманово. Во обраќањето пред своите поддржувачи, Али Ахмети рече дека демонстрантите биле манипулирани.
„Овде е љубовта кон татковината, патриотизмот на Албанците од Куманово кои не паѓаат замката на одредени групи кои работат за интересите и им служат на нашите непријатели, на нашите вековни окупатори“, рече Ахмети.
Најгласни против Ахмети беа пријателите на Командант Шќипоња, кој беше убиен на 23 јули 2015 година, поради незадоволството во огранокот на ДУИ во Куманово, додека судот пред неколку месеци, одлучи обвинетите за овој случај да ги пушти во домашен притвор.