-Никој нема да ме обесхрабри и нема да влијае на исполнување на задачите која ми ја дадоа граѓаните. На моја страна се Уставот, законите, правдата и вистината.
Неа да молчам за ниту една нерегуларност и никој нема да биде заборавен во борбата против беззаконието. Криминалците мора да застанат пред судот на правдата независно за кој станува збор – изјави Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, при објавување на денешната најнова истрага „Таргет“ за нелегалното прислушкување.
Во продолжение интегралниот текст на прес конференцијата:
Почитувани граѓани на Република Македонија
ПОЧИТУВАНИ ПРЕТСТАВНИЦИ НА МЕДИУМИТЕ
На почетокот на оваа прес конференција сакам да потсетам дека на вчерашен ден, 17.11.1991 година е донесена одлуката за прогласување на Уставот на Република Македонија. По точно 25 години од денот на донесување на Уставот како највисок правен акт со кој се гарантираат основните слободи и права на човекот и граѓанинот, со длабоко жалење може да се констатира дека темелните вредности на уставниот поредок се уништени. Со незаконското следење на комуникациите на повеќе илјади лица кои живееле во Република Македонија во периодот од 2008 до 2015 година, ниту им се почитувани приватноста на личниот и семејниот живот, ниту пак била гарантирана тајност на комуникациите.
Нема сомневање дека денешните можности, за повреда на приватноста се големи, но токму затоа е неопходно секој еден граѓанин да знае дека државата согласно Уставот има двојна одговорност, од една страна да се воздржи од неовластен упад во приватноста, а од друга страна да ги заштити од упад во нивната приватност од страна на трети лица, но за жал оваа обврска не се почитувала, напротив се злоупотребувала од посебно важна институција и тоа од УБК, од службените лица кои работеле таму, со средства сопственост на РМ.
Неспорен е и фактот дека државата во одредени околности има право законски да навлегува во приватноста на граѓаните, но тоа треба да се спроведува согласно прецизна правна рамка која треба да биде спроведена од страна на лица кои се овластени за тоа.
Чувствувам обврска во оваа прилика да повторам дека во извештајот на ПРИБЕ од мај 2015 година на недвосмислен начин се наведени бројни недостатоци во функционирањето на сите државни институции во Република Македонија вклучувајќи ја и УБК.
Од извештајот произлезе основањето на Специјалното јавно обвинителство кое во својот мандат треба да даде одговори на суштинските прашања, кој како и на кој начин прислушкувал во Република Македонија и кривично правните аспекти на тие разговори, кои незаконски се прибавени и се однесуваат за периодот од 2008 до 2015 година.
Јавно кажувам дека никој нема да ме обесхрабри ниту може да влиаjae врз исполнувањето на оваа задача што вие ГРАЃАНИТЕ ми ја дадовте.
Повторувам и во оваа прилика дека се чуствувам слободна и цврста во мојата работа бидејќи на моја страна се уставот, законите, правдата и вистината, и што е многу важно чувствувам широка подршка од јавноста.
Јасно и гласно кажувам дека нема да молчам ниту за една нерагуларност, ниту пак некој ќе биде заборавен во борбата што ја водам против беззаконието.
Ќе ги вложам сите сили криминалот да не ја одбегне казнивоста заради тоа што криминалците мора да застанат пред судот на правдата, независно за кој станува збор.
Исто така, моја обврска е да ја потенцирам професионалната посветеност на мојот тим, во исполнување на мандатот кој го има ова Јавно обвинителство, но воедно и објективноста и сериозноста со кои се пристапува кон исполнување на нашата мисија, а во интерес на сите граѓани на Република Македонија.
Денешната истрага која ке биде отворена од моја страна е резултат на повеке месечна работа на целиот мој тим обвинители, истражители, информатичари, стручна служба и администрација.Во текот на предистражните постапки кои се водат пред ова Јавно обвинителство, а се однесуваат на незаконското прислушување во Република Македонија, во овој момент се собрани доволно материјални и вербални докази, за да се отвори истрага, а за која подетално ќе Ве извести мојата колешка, јавниот обвинител Фатиме Фетаи, потоа јавниот обвинител Ленче Ристоска ќе одговара на вашите прашања.
Истрагата ќе се води под името “ТАРГЕТ”.
Основно прашање кое мора да го одговори ова обвинителство е кој, на кој начин, со кои средства и крајно, со какви мотиви вршел незаконито прислушкување во Република Македонија.
Одговорот на ова прашање, освен во делот на мотивите, што е предмет на истрагата, добива слика во дејствијата на 10 лица, тогаш, а дел и сега вработени во УБК на различни работни позиции, од највисоките структури до пониските ешалони, за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 од Кривичниот Законик.
Во конкретниот случај постои основано сомнение дека осомничените лица искористувајќи ја својата службена положба и овластување на штета на средствата на државата, преку злоупотреба на системите за следење на комуникациите, потешко ги повредиле основните човекови права на незаконито прислушкуваните граѓани.
Доказите со кои во овој момент располагаме, упатуваат на основано сомнение дека преку системите за следење на комуникации во периодот 2008-2015 година незаконски била следена комуникацијата на најмалку 4286 телефонски броеви, за кои воопшто не биле издадени судски наредби за нивно следење. Следена е комуникацијата и на телефонски броеви во период, пред да биде издадена судска наредба, а истата е следена и по завршување на траењето на наредбата. На ваков начин незаконски била следена комуникацијата на најмалку 1541 телефоснки броеви или вкупно на најмалку 5827 телефонски броеви. Притоа, незаконски биле следени и сите лица кои комуницирале со телефонските броеви кои биле таргет на незаконско прислушување во тој период.
Во конкретниот случај предмет на истражување беше работењето на системите за следење на комуникации во период од 2008 година заклучно со 2015 година. Притоа, утврдивме дека во овој период во употреба биле три различни системи за следење на комуникациите. Зависно од тоа кој систем на следење на комуникациите бил во употреба, биле преземани различни дејствија на извршување.
Доказниот материјал упатува на основано сомнение дека во текот на 2008 година тројца од осомничените лица, како лица на раководни позиции, спротивно на законските прописи давале налози за внесување, односно и сами внесувале телефонски броеви кои не биле предмет на судски наредби и воедно пристапувале кон слушање на телефонските разговори снимени во системот за следење на комуникации за кои немало судски наредби.
Досега прибраните докази покажуваат дека преку првиот систем за следење на комуникациите во УБК, во период 1.1.2008 година до 30.11.2008 година без судска наредба биле следени комуникациите на најмалку 229 телефонски броеви и дополнително на најмалку 21 телефонски број, надвор од периодот наведен во судските наредби.
Вториот систем за следење на комуникациите бил во употреба од крајот на 2008 година до 20.01.2015 година. Преку вториот систем во период од 01.12.2008 до 20.01.2015 година без судска наредба била следена комуникација на најмалку 3646 телефонски броеви, и дополнително на 1268 телефонски броеви, надвор од периодот наведен во судските наредби.
Преку третиот систем во период од 21.01.2015 до 31.12.2015 година без судска наредба била следена комуникацијата на најмалку 401 телефонски бројни дополнително на најмалку 252 телефонски броеви, надвор од периодот наведен во судските наредби.
Според доказите, постои основано сомнение дека првоосомничениот кој бил на раководна позиција во УБК, иако немал никакво законско право, пристапувал кон слушање на телефонски разговори за кои не биле издадени посебни истражни мерки, а воедно давал и наредби за внесување на телефонски броеви во системот за следење на комуникации кои припаѓале на лица кои биле во блиски приватни односи со првоосомничениот, лица припадници на политичката, бизнис и новинарска фела во Република Македонија и други лица.
Постои основано сомнение дека второосомничениот-исто така раководно лице на оддел во УБК е оној, кој заедно со првоосомничениот, а во многу случаи и самостојно ја искористил својата службена положба и овластување, и спротивно на Законот за кривична постапка и Законот за следење на комуникациите го организирале процесот на незаконско следење на комуникации, преку злоупотреба на техничкиот потенцијал на УБК.
Доказите упатуваат дека второосомничениот бил запознаен со сите кориснички имиња и лозинки кои биле креирани за пристап кон системот за следење на комуникации, а наредил и воспоставување на посебен начин на следење и евидентирање на незаконски следените комуникации, при што освен што давал наредби за внесување на телефонски броеви за кои не биле издадени судски наредби и самиот во системот за следење на комуникации внесувал телефонски броеви за кои не биле издадени судски наредби и слушал телефонски разговори од броеви за кои не се издадени судски наредби.
Во конкретниот случај постои основано сомнение и дека третоосомничената како раководно лице во сектор на УБК, постапувајќи по насоките на второосомничениот, ја злоупотребила својата службена положба и овластување и спротивно на Законот за кривична постапка, Законот за следење на комуникациите и воспоставената пракса на вклучување и исклучување на броеви во системот за следење на комуникации, иако не постоеле судски наредби за следење на комуникациите за одредени телефонски броеви, проследувала телефонски броеви кои требало да бидат внесени во системите за следење на комуникациите испишани на лист, без приложување на судската наредба, со налог до кој краен корисник требало да биде проследена можноста да ја следи комуникацијата на тој телефонски број, а најчесто тоа биле прво и второосомничениот.
Доказите во конкретниот случај упатуваат и на основано сомнение дека двајца од останатите осомничени лица искористувајќи ја својата службена положба и овластување, спротивно на законските прописи ги внесувале броевите во системот, па откако телефонските броеви ќе биле внесени во системот, останатите осомничени лица вршеле транскриптирање на содржината на незаконски прислушкуваните разговори, за потребите на прво и второосомничениот.
Ваквите дејствија биле забележани од лице вработено во УБК, кој прибавил дел од транскриптите што ги правеле овие осомничени, а воедно прибавил и дел од аудио записите на незаконски следените комуникации.
Овие аудио записи и транскрипти лицето вработено во УБК, ги предавало на друго лице, а крајно преку трето лице биле предадени на лидерот на една политичка партија, кој на 30.12.2015 година ги предаде на ова јавно обвинителство.
Предмет на анализа и истражување беше и работата на третиот систем за следење на комуникации, кој моментално е сеуште во употреба во Управата за безбедност и контраразузнавање, а чија работа ја истражувавме за периодот од 21.01.2015 година до 31.12.2015 година.
И во овој период доказите упатуваат дека осомничените преземале различни дејствија на извршување на злоупотребата, при што постои основано сомнение дека второосомничениот и понатаму го организирал и координирал незаконското следење на комуникациите, со тоа што прибавивме докази од кои произлегува дека истиот од компјутерот одземен од неговата канцеларија вршел внесување и слушање на телефонски разговори кои не биле предмет на законско следење на комуникациите, односно за кои не се издадени судски наредби. Останатите осомничени се теретат дека без да бидат издадени судски наредби, внесувале телефонски броеви во системот за следење на комуникации, а по налог токму на второосомничениот.
Ваквите дејствија на осомничените постои основано сомнение дека се преземени спротивно на Законот за кривична постапка и Законот за следење на комуникациите и на штета на системот на следење на комуникации како средство на државата.
Една од последиците на незаконското следење на комуникациите е потешката повреда на правата на лицата чии комуникации биле следени на ваков начин, односно без воопшто да бидат издадени судски наредби.
Дел од овие лица како оштетени лица предјавија оштетно побарување. Како пример за траењето на незаконското следење на комуникациите, ќе наведам периоди во кои незаконски се следени комуникациите на дел од оштетените лица.
Така на пример, едниот телефонски број на оштетениот Борјан Јовановски незаконски е следен во периодот од 03.12.2010 до 10.01.2013 година, додека другиот негов телефонски број е незаконски следен во периодот од 25.12.2012 година до 10.03.2015 година.
Оштетената Мери Јордановска е следена незаконски во периодот од 15.02.2014 година до 10.03.2015 година, додека оштетениот Горан Михајловски незаконски е следен во периодот од 01.02.2013 година до 10.03.2015 година.
Вакви примери има и меѓу политичари, бизнисмени, Оваа истражна постапка неминовно ќе има свои импликации и во постапката по предметот познат во јавноста како „Пуч“.
Имено, во рамки на предистражната постапка беше извршена анализа и на хард дискот доставен до нас од страна на претседателот на политичката партија СДСМ. Притоа беше констатирано дека комуникациите на дел од обвинетите лица во предметот Пуч биле незаконски следени, односно комуникациите на овие лица биле следени подолг период пред издавањето на судските наредби.
Конкретно, според податоците со кои во моментов располагаме, телефонските комуникации на обвинетиот Зоран Верушевски во истражуваниот период незаконски биле следени најмалку 600 денови и тоа пред издавањето на судските наредби, додека комуникациите на телефонскиот број кој го користела обвинетата Соња Верушевска се незаконски следени најмалку 816 денови.
Кај обвинетиот Бранко Палифров, телефонските комуникации незаконски биле следени најмалку 90 денови и тоа пред издавањето на судските наредби.
Еден од телефонските броеви на обвинетиот Зоран Заев незаконски бил следен најмалку 1150 денови, од кои најголемиот дел во периодот пред издавањето на судските наредби, а околу една година и по истекот на периодот определен во судската наредба, додека другиот негов телефонски број незаконски бил следен најмалку 400 денови.
Имајќи го предвид сето наведено во конкретниот случај постои основано сомнение дека незаконското следење на телефонските комуникации во периодот од 2008 година до 2015 година во Република Македонија е вршено со злоупотреба на системите за следење на комуникациите во Управата за безбедност и контраразузнавање.
Воедно, од прибраниот доказен материјал произлегува и сомнение дека незаконското следење на комуникациите продолжило и после обелоденувањето на аферата со прислушкувањето и како податок може да Ви презентирам дека на ден 31.12.2015 година незаконски биле прислушкувани вкупно 138 телефонски броеви, а доказите кои ги поседуваме покажуваат дека процесот на злоупотреба на системот за следење на комуникациите продолжил и во 2016 година.
Сакам да потенцирам дека и покрај потешкотиите со кои се соочивме во предистрагата, сепак обезбедени се не само вербални, туку и многу материјални докази кои се во поткрепа на основаноста на сомнението.
Сепак уништувањето на двата системи за следење на комуникациите кои биле во употреба во периодот од 2008 до 20.01.2015 година, значително го забави времето за прибирање на доказите. Како што веќе сте запознаени, за уништувањето на системите се води истражната постапка Тврдина.
Сепак дејствијата на отежнување на докажувањето не завршуваат со Тврдина. Имено, на почетокот на 2016 година преземени се и дејствија на архивирање на податоците кои се наоѓаа на интермедијациските уреди за чие обезбедување баравме помош од надворешен експерт.
Архивирањето всушност значи дека овие податоци се отстранети од серверите во периодот кога од наша страна веќе беше отпочната предистражна постапка за незаконското следење на комуникациите.
За овој дел од уништување на податоците за лица вработени во УБК моментално се води предистражна постапка поради што во овој момент не сме во можност да Ви соопштиме детали.
Почитувани!
Нападот врз човековите слободи и права е најсилниот удар врз едно цивилизирано демократско општество. Сега е ред на таквото општество да возврати.
Видео – А1он