Предметот „Таргет“ не имплицира дека се случил ексцес во тајната служба. Сомнежите упатуваат на повеќегодишна практика на партиски стратези во тајната полиција и рутиниран начин на работа – методи типични за тоталитарни држави, за каква што требало да биде крунисана и Македонија од мала издвоена врхушка, за нејзини лични потреби и моќ, а наводно „за доброто на народот“.
На овие луѓе не им недостигала ни мрачна амбиција, ни техника. Биле многу посуперирни во однос на некогашната диктаторско-прислушкувачка „икона“, Николае Чаушеску, кој не запрел во намерата да влезе во животот на сите Романци. И тоа ќе мора да биде правно санкционирано, без оглед што засегнатите се надеваат дека „нивниот народ“ на избори ќе одлучува за вистината и правдата. Тој филм овде нема да се гледа. Дострелите на авторираната врхушка се прочитани и во Македонија и во демократскиот свет.
Додека едниот братучед шеташе низ Баварија со цел да остави впечаток дека и натаму е „радо виден гостин“ во најуспешните европските држави, тамошни медиуми го објавија одговорот на германската влада на прашањето за состојбата со човековите права во Македонија, поставено од пратениците Луизе Амтсберг, Фолкер Бек, Мануел Сарацин, други пратеници и пратеничката група на Зелените во Бундестагот:
„Една од причините за кризата е заострената конфронтација меѓу владејачките и опозициските партии, натамошно засилена со еклатантното погрешно однесување на Владата и тајната служба, кое опозицијата го обелодени со објавување снимки од телефонски разговори. Притоа, од снимките се создава впечаток дека највисоките владини кругови во најмала рака имале сознанија за активностите на тајните служби“, се вели во одговорот.
Во него се потенцира и дека „клучни за идниот развој на Македонија се непречената работа на СЈО и имплементирање на препораките од Извештајот на Прибе“. Прва на листата во тој извештај – е неопходноста од темелни реформи во УБК.
Само по длабока и целосна екстракција на практиките за приватизирање и злоупотреба на тајната полиција, ниедна власт не ќе може да биде несанкционирано сеприсутна во животите на граѓаните, на досегашниот волунатристички и незаконски начин. Тоталитарната симетрија и апсолутната контрола ги бројат своите последни денови. Оние кои не сакаат да го разберат и прифатат тоа, дури ни задоцнето, први ќе стигнат до бездната каде што ќе бидат јавно погребани манирите на неограничената прислушкувачка мегаломанија, заедно со нивиот личен учинок во градењето на најмрачниот и срамен УБК-овски „дигитален магацин“ во Македонија.
Колумната на Катерина Блажевска во целост прочитајте ја тука