Камерите со кои се обезбедува Музејот на албанската азбука во Битола го уловиле вандалот кој лепел лепенки со навредливи содржини на објектот и со бехатон плочки ги искршил стаклата од влезната врата, дознава СДК.
Камерата снимила едно лице како лепи лепенки на објектот и спомен плочата околу 23 часот вчеравечер. Не може да се види прецизно ликот, но носи светла виндјакна и темни панталони. Во два часот по полноќ во два наврати со бехатон плочка ги скршил двете стакла од влезната врата.
На лепенката која ја залепил на вратата има лав со меч кој му ги пресекува главите на двоглавиот орел и пишува „Смрт за шиптари“. На другата лепенка поставена на спомен плочата пишува „Стоп за шиптаризација на Македонија“ и прецртан е албанскиот национален симбол, односно двоглавиот орел.
Овој вандалски чин се случи в очи националната прослава на Денот на албанската азбука во Битола. Токму попладнево се планирани повеќе пригодни активности, меѓу кои и отворање на спомен соба на заслужните лица кои учествувале во создавањето на албанското писмо.
Директорт на музејот Нуер Арслани за СДК го осуди ваквиот вандалски чин и изрази надеж дека во иднина вакви работи нема да се случуваат во интерес на зачувување на соживотот на граѓаните.
Битолчани пак се сомневаат дека ваквиот вандалски чин има политичка позадина, поточно дека е инспириран од нечии политички центри со цел да наруши соживотот во Битола и да се собираат политички поени.
Кандидатот за пратеник од СДСМ, Мухамед Зекири претходно објави видео.
„Еве како ни го честитаа денот на Албанската азбука партнерите на ДУИ – ВМРО ДПМНЕ. Ова е денеска во Битола во Музејот на Азбуката“, напиша тој на Фејсбук.