Авионот на „Туркиш ерлајнс“ кој поради дојава за бомба привремено беше задржан на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, по извршените безбедносни проверки вечерва во 22:56 часот полета за Истанбул.
Во авионот требаше да патува и делегација предводена од претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во која е и министерот Бил Павлески. Од кабинетот на шефот на државата велат дека поради безбедносните процедури, претседателот Иванов и членовите на делегацијата не отпатуваа за Истанбул од каде требаше да заминат за Мадагаскар на Самит на франкофонијата.
Авионот на Туркиш ерлајнс кој според редот на летање требаше да полета во 20:40 часот беше задржан на пистата на Скопскиот аеродром по дојава за бомба. По безбедносните проверки е утврдено дека не станувало збор за експлозивна направа, туку за мобилен телефон. Согласно авиопроцедурите авионот морало да биде дополнително проверен, по што е издадена дозвола за негово полетување и тој замина за Истанбул.
Од ТАВ засега нема официјална информација за настанот. Повеќе детали најавуваат за утре.