Министерот за транспорт и врски и директорот на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор (ЈПССДП) делеле социјални станови на свои, партиски другари од ВМРО-ДПМНЕ кои биле на државни функции. Газдите на социјалните станови никогаш не биле социјални случаи. Поголем број од становите се во Охрид. Новите сопственици, повеќето на работа во Скопје нашле начин како да профитираат, а становите да не им бидат празни. Дел ги издавале под кирија, а други пак, си ги користеле за „останати намени“, велат за Плусинфо од Министерството за труд и социјална политика.
Оттаму додаваат дека за да се поделел некој стан требало да се добие мислење од Министерството за труд и социјална политика, по што тоа се праќало до комисија која давала одобрение за предметот. Таа комисија, велат од МТСП, брои 7 члена, а побројни се членовите од Труд и за секој предмет, локалните, односно вработените во градските Центри за социјални работи правеле наводна проверка и давале мислење за барателот.
– Трагедијата да биде поголема, на адреса на државни социјални станови кои засега се без сопственик, владечајката партија запишала и фантомски гласачи. После смената на двајцата министри и тројцата дополнителни заменици министри од опозицијата во мај годинава, Комисија за делење на социјални станови од Министерството за транспорт и врски експресно поделила социјални станови во зградите во Ресен на жители на реонот на Мала Преспа. Во Прилеп пак, се делеле социјални станови на лица кои по ниту еден основ не ги исполнувале условите да конкурираат или пак да добијат ваков бесплатен стан – изјави вчера на прес конференција министерката за труд и социјална политика, Фросина Ременски.
Таа додава дека сите овие криминални активности на владејачката партија ги открила истрагата на Министерството за труд и социјална политика.