Началникот на СВР Куманово Стојанче Величковиќ обвини дека синоќешниот претрес на неговиот дом бил со цел да го заплашат за, како што вели, победата на опозицијата во Куманово, пренесува СДК.
„Во 18.30 часот дојдоа да ме уапсат бандитите на Марко Зврлевски, а организирани од Митко Чавков. Влегоа со автоматски пушки, ми го преплашија семејството и почнаа да прават претрес во мојот дом. Ми фингираат списоци и сакаат да ме заплашат за победата во Куманово. Никој не најде забелешка за изборите во Куманово. Претураа по мојата чанта, ми го проверуваа тефтерот и најдоа документи кои не се строго доверливи. Нека водат постапка и доколку сум виновен ќе одговарам. Јас не сум началник на една политичка партија туку на сите граѓани“, изјави Величковиќ, кој беше назначен за прв човек на СВР Куманово од министерот Оливер Спасовски.
Драмата пред куќата на семејството Величковиќ на улицата „Поток Серава“ во Куманово започнала по 18 часот, кога неколку возила со припадници на специјалната полиција пристигнале во неговиот дом по налог на Обвинителството на Марко Зврлевски да извршат претрес, поради наводни изборни нерегуларности. Неофицијално, причина за упадот биле документи и списоци за поделбата на дрва во предизборната кампања на социјално загрозени семејства Роми, за која се тврдеше дека ја врши невладина организација, а власта обвини дека е предизборен поткуп од опозицијата.
Откако се рашири веста дека ќе се апси началникот на полицијата, неколку стотини граѓани и симпатизери на СДСМ се собраа пред неговата куќа подготвени да го спречат неговото приведување. Се создаде тензична состојба, а на моменти беа упатувани навреди кон полицајците и функционерите на централната власт, особено кога се ширеа информациите дека началникот ќе го изнесат од друга улица или, пак, дека доаѓа засилување на специјалците од Скопје.
Протестот заврши без инциденти околу 21 часот, откако Величковиќ излезе од куќата, се качи на полициското возило и насобраните граѓани ги замоли да дозволат специјалците да си заминат затоа што му ветиле дека нема да го приведат.