Лидерот на ДУИ Али Ахмети втува дека нема да ги разочара Албанците со одлуката со кого ќе влезе во коалиција за состав на новата влада, но не прецизира дали изборот ќе биде ВМРО ДПМНЕ или СДСМ.
Тој негира дека има некакви преговори ниту со Груевски ниту со Заев.
– Ќе им кажам на сите Албанци во Македонија да не стравуваат. Конечната одлука ќе ја одразува волјта на мнозинството граѓани Албанци, затоа што ДУИ никогаш не донела одлука која е против својот народ, изјавил Ахмети во интервју за емисијата 200 – пренесува Алсат М.
Тој не ја исклучува и можноста земјата да остане без влада ако не се прифатат неговите барања за унапредување на правата на Албанците во Македонија. Тој рекол дека кај македонските партии треба да преовлада разумот, бидејќи најштетната за земјата е да остане без влада.
ДУИ води преговори и со ВМРО ДПМНЕ и со СДСМ. Контактите се интензивирани, а конечната одлука ќе ја донесат во зависност од тоа кој ќе ги прифати нивните барања, јави Телма повикувајќи се на извори од партијата.
Од ДУИ брифираат дека нема да прават отстапки од црвените линии.Свесни се дека од пратеничките мандати на Албанците зависи формирањето на Владата, бараат претседател на Собранието да биде Албанец, официјализирање на албанскиот јазик на цела територија, СЈО да стане уставна категорија, ослободување на политичките затвореници, рамномерна распределба на Буџетот, правична застапеност во сите институции.
Али Ахмети по Нова година ќе иницира уште една средба со партиите на Албанците. Очекувањата се дека покрај Алијансата на состанокот ќе дојдат и претставници на ДПА, а отворена е и поканата за Беса.
Останува неизвесно која партија од македонскиот политички блок ќе ги прифати максимилистичките барања и дали воопшто некој ќе успее да состави Влада.