Каков очаен претседателски буф. Мислам дека се појави пред камери само за вам да ви ја расипе новогодишната бајка, да не се опуштите и да не помислите дека работите можеби се тргнати во подобра насока.
За овој викенд планирав да пишувам една нежна, духовита, разблажена новогодишна бајка. Баш се радував на дигиталната белина на празниот лист хартија на мојот компјутер, како што се радувате на белото зимско утро во кое, дури и пред да ги отворите очите, знаете дека ноќта снежело, бидејќи утринските звуци, што рече еден вдахновен поет, се придушени и крцкави како кога газите по свеж снег, а вие сте дома со накитена елка, полни со утрински оптимизам, мирис на свежо кафе и арома на цимет од новогодишните колачи. Решени сте денот да го поминете само во смислување добри желби за да го потиснете копнежот – бидејќи сте на којзнае која диета по ред – по беспрекорната руска салата и меките кифлички со сирење што некогаш ги правела вашата баба.
Си мислев, заслужуваат луѓето барем еден викенд без нашите политички наклапања, после 365 напорни денови исполнети со грижи, стресови, разделби и врзувања крај-со-крај во она што се нарекува македонско секојдневие. Значи, си реков, е баш ќе смислам нешто да ги опуштам и, можеби, да ги насмеам луѓето, не многу гласно, туку онака како што самите тивко ќе се закикотите на белите мустаќи што ќе ви останат од пиење салеп, за да заборавите барем на кратко дека животот, сепак, е некаде другде…
Тоа ми беше намерата.
А потоа се случи „новогодишното обраќање“ на претседателот Иванов.
Тоа ви е како да ви снема струја во осум навечер, пред новогодишните гости само што да не заѕвониле на врата, а вам печењето ви е уште во рерна! Тоа ви е како да ви паднал шлагот на Васината торта баш пред да ја послужите. Тоа ви е како да ви се откачи капачето на соларникот токму кога ги мерите последните зрнца за солење на салатата од кисела зелка; како кога кучето ќе ви се измоча на сред тепихот, а вие сте шлапнале со чорапите во барата, без да ја видите! Едно монументално јебига!
Иванов ми ја растури инспирацијата за новогодишната бајка како што се распаѓа Снешко во април, кога се растопува во калта. Останав со морковот в раце.
ПРАЗНИ ЗБОРОВИ ВО ПРАЗНА САЛА
Гледајте: прво, влегува Хорхе во некаква сала за да го прочита тоа што злобно го срочил, а салата – без траги од макар и дискретна, новогодишна накитеност, да се види некаква топлина и допир на домаќинлук – значи, салата полупразна; второ, на десетина столчиња седнале троа новинари и неговите службеници од Кабинетот, облечени во капутчиња, бидејќи собава, најверојатно, не ја ни греат; и, трето, елементарно, дури и од вработениве никој не станува од столчето за да го испочитува претседателот кој официјално влегува во просторијата! Па, ние во ЈНА и на постарите водници им рипавме на нозе и кога само ќе ѕирнеа во војничките спални!
Толку ли нема авторитет оваа претседателска „жална врба“ – „фикус“ ми звучи како претеран комплимент – дури и за новогодишното обраќање да не наполни една осредна саличка, ако не со политичари, барем со два-триесет угледни „цивили“, некакви што ќе одглумат дека се негови почитувачи?! Да се види некоја свечена офицерска униформа, некоја извезена попска мантија или чоена чалма на оџа, некој банкар, бизнисмен, дипломат, професори или угледници од уметничкиот свет? Да имаше некоја насмеана дама или испеглан господин, да соберел еден клас гимназијалци во бели кошули или студенти, алумнисти од неговата „политичка школа“? Да се покажат некои што со своето акустично присуство ќе се обидат празните зборови од претседателскиот говор да не се одбијат од празните столчиња во аудиториумот, за шупливоста на тоа што го раскажа да не ечи до високите таваници на претседателската безнадежност?! Па, секој втор од листата за аболиција да дојдеше, во салата ќе се бараше столче повеќе!
А, си мислам, можеби ги поканиле, ама никој не се одзвал? Се извиниле поради грипот, рекле дека умрела баба им, можеби некои веќе и пребегале, станале недостапни, смениле адреса?! Бидејќи, објективно, тоа е друштвото на претседателот: торбите им се спакувани, спремни се за секоја евентуалност правната држава и демократијата во Македонија ненадејно да не проработат.
РАСИПУВАЧ НА ЗАБАВИ
Каков очаен претседателски буф. Мислам дека се појави пред камери само за вам да ви ја расипе новогодишната бајка, да не се опуштите и да не помислите дека работите можеби се тргнати во подобра насока. Јасно порача: ќе ја спречи секоја можност Македонија да излезе од кризата, па макар да мора да одржи уште десетина говори пред угол празна сала! И тој ги искара странците, остро и без да ги именува, како што доликува на претседател кого ни на Водно никој не го посетува, а уште помалку некој го вика некаде за да чуе нешто паметно од него. На „клетите“ Албанци им се закани со попис, оти на сите треба да им е јасно дека тие во Македонија се само неколку илјади гости во домот на неколкуте милиони библиски Македонци, чијшто претседател е Ѓорге (Крстоносец) Иванов. На опозицијата и на правната држава јасно им порача дека ги бројат последните денови, бидејќи кај него е уставната сопственост за давање мандат и прогласување вонредни состојби, а тој побрзо би се фрлил во Вардар, одошто би дозволил Македонија да стане нормално место за живеење.
Така говореше Гаргамел. Како ехо-комора на Фамилијата и на нивниот постизборен лузерски Проглас. Не остави можност да му пожелиме ниту среќа ниту бериќет во Новата 2017 година.
После претседателското обраќање никој не аплаудираше. Половина од десетината присутни во салата излегле на сред говор надвор за да си запалат цигара; другата половина задремала и го преспала крајот од говорот. Знаат и тие дека напразно „утепале“ неколку часови слушајќи глупости, наместо да отидат да купат некое подароче за Нова година.
А и мене ми отиде по ѓаволите новогодишната бајка! Ни салеп, ни кифлички, ни цимет, ни руска салата – овде македонското здравство и на Дедо Мраз, сто-посто, му нашло холестерол и висок притисок, па е на некаква сезонска диета или се тегне и вежба во некоја теретана!
Сепак, запомнете: конечно и не е важно колку ви е висока новогодишната елка, како е накитена и колку подароци оставил Дедо Мраз под неа – поважно е кој ќе се собере околу елката, за да го гушнете, да го бакнете и да ја видите вашата среќа во неговите очи. Верувајте во промените, бидејќи постојат уште шанси идната година да ви биде подобра од оваа.
Среќно!
Сашо Ордановски
објавено во „Слободен печат“