Quantcast
Channel: Топ вести Archives - Либертас
Viewing all articles
Browse latest Browse all 17373

Ајде да им кажеме се во лице

$
0
0

Овие денови за време на преговорите околу формирање на новата Македонска влада, мнозинството наши граѓани поради напливот на лажни информации со право беа вознемирени од можноста ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ повторно да формираат каква таква влада. Оваа вознемиреност се чувствуваше насекаде околу нас, иако фактите и вистинските информации го кажуваа токму спротивното, дека мандатарот не може да го обезбеди потребното мнозинство за да формира влада, што и навистина се случи. Членството и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ за да се држат во кондиција беа најбезобзирно лажени и манипулирани уште по завршувањето на изборите, демек Али Ахмети и Груевски веќе имале договорено коалиција и таа требало да се верификува на Собраниска седница на 28 јануари 2017 (сабота). Кога тоа не се случи повторно се измислуваа жолти комбиња, па некој од странците упаднал во Мала Речица и им ја растурил толку посакуваната коалиција, па измислуваа дека Груевски ја одбил коалицијата зошто несакал да му ги исполни условите на Али Ахмети и многу други измислици и будалаштини кои и самиот ахмети беше принуден да ги демантира. Но ништо од ова не е точно. И уште ги лажат. Информациите кои ги имаме говорат дека се што сакаше ДУИ беше прифатено од страна на ,,големите патриоти,, во ДПМНЕ, освен некоја модификација на начинот околу продолжување на мандатот на СЈО и друго ништо не било одбиено. Сигурен сум дека ДУИ еден ден ќе го покаже ова документирано и потврдено. Ова треба да им се каже во лице за да не ги манипулираат граѓаните со наплив на голем патриотизам.

Gligor-Stoimenov

Но зошто го кажувам ова и зошто е важно. Затоа што се работи за патологија на едно владеење. И ова треба исто така да им се каже во лице. Во 2014 година се повлеков од партиските структури на ВМРО-ДПМНЕ под налетот на една разулавена политика која земаше се поголем замав по Локалните избори во 2013, и се закануваше сериозно да го доведе во прашање опстанокот на оваа земја. Не сакав и не можев да бидам дел од вакви структури затоа што поинаку ја разбирам политиката и поинаку сум воспитан. Но зошто велам патологија на едно владеење. Оние луѓе кои гледаат од страна а не биле во овие структури, не можат да ја разберат вистински оваа заслепеност и фанатичност на вмровското членство. Овие луѓе, мислам на членовите и симпатизерите, десет години силно се индоктринираат и се заглупуваат со некоја омраза и страв од сите други кои ,,Ќе им го земат местото,, како што ги лажат постојано.

Партиските состаноци ги почнуваат со реченицата ,, Знаете ли што ќе ви направат СДСМ ако дојдат,, абе ќе ве бркаат, ќе ве фрлаат, ќе ве јадат, затоа борете се за себе, тепајте се за себе, идете на улица за себе, ете вака почнува секој состанок. Оние пак кои нема да подлегнат на овој реакционерен вознес ќе подлегнат на закани, притисоци, и страв. Ете така функционира внатрепартиската демократија во ВМРО-ДПМНЕ. Но тоа нема врска со демократија и со политичка партија, тоа е како во некоја секта, ништо поразлично. Барем да научеа нешто од ДУИ. Тешко може нормален човек да го издржи ова понижување. Токму поради оваа силна индоктринација и масовна корупција на разни слоеви од населението тие создадоа и свои медиуми, свои новинари, свои професори, свои судии, свои адвокати, свои попови итн.

Погледнете што прават со професорите од Правниот Факултет при УКИМ. И на нив треба гласно да им кажеме во лице да не ја газат науката под нозе. Но сега јас ли треба да го бранам повторно Правниот факултет. Каде се другите и зошто молчат. Чест на исклучоци кои се борат јавно, но требаше да се соберат и да реагираат затоа што поединци, ,,професори,, ја злоупотребуваат својата службена положба во партиски цели и ги манипулираат луѓето. Онакво смешно и манипулативно толкување на Уставот во партиски цели не е видено мислам никаде во светот. Овде не се работи за слободно експертско убедување и толкување, туку за свесно манипулирање и злоупотреба на професијата универзитетски професор на кој треба да му веруваат поголем број на граѓани.

Македонскиот Устав е сосема јасен и прецизен во член 90. Абе веќе сто години модерниот и цивилизиран свет го востановил ова демократско начело кое извира од духот на парламентарните демократии, дека не може на иста партија доколку не формира влада да и се дава мандатот повторно и повторно. Каде води тоа. Се подразбира дека Мандатот го добива втората партија по број на мандати и таа се обидува да состави влада. Така се толкуваат овие Уставни одредби во целиот демократски свет, тоа е смислата, и за ова воопшто никаде не се дебатира, ама пази молим те, не пишувало никаде. Па не може во Уставот да се предвиди секоја глупост што може некому да му текне. Уставот е највисок акт на државата и не може да биде сега ,,Lex specialis,, само за изборното право, какви се овие глупости. Точно е дека во некои Устави е попрецизно разработена оваа материја но тоа нема врска со ова востановено обичајно правило на толкување прифатено во целиот нормален и демократски свет, алоооо, професори дали разбирате нешто.

За претседателот Хорхе не сакам ништо да коментирам. Се што имам напишав во еден мој текст од пред неколку месеци и му кажав во лице, и мислам дека не вреди ништо повеќе за него да се каже. Тој и понатаму е присутен со своето отсуство, и го користат само кога треба да спроведат некоја незаконска или неуставна глупост. За ништо повеќе не им треба. Кога ќе му заврши мандатот по ништо нема да биде запаметен освен по она грубо кршење на Уставот со амнестијата, и од него ќе се срамат граѓаните на Република Македонија уште долго време.

Но сега е значајно за сите нас во овие моменти да останеме присебни и со ладни глави затоа што оваа политичка гарнитура, овој режим полека се руши веќе и паѓа пред нас. Но токму во тој пад ќе направи уште многу штета на оваа држава и треба да бидеме спремни и свесни за тоа. Тие не се свесни и токму по потезите што ги превземаат, и во немоќ прават големи грешки но и голема штета. Ќе се обидат да не раскараат со целиот свет, со амбасадите, со ЕУ, со САД, со НАТО, да направат раздор меѓу демократскиот и граѓански ориентиран народ, но нема да успеат. Ќе фрлаат огромни пари да лобираат кај Американски конгресмени против Американската амбасада ама ќе се изглупираат и ќе бидат смешни. Ќе бидат веднаш демантирани. Така не функционира меѓународната политика, особено не американската надворешна политика, ама на кого да му кажеш. Ќе удрат со силна пропаганда овие денови преку нивните умоболни новинари кои ќе ве плашат дека поминало времето на слобода и демократија затоа што Трамп победил во Америка и сега ќе се врателе диктатурите и затворените општества, абе брилијантна глупост на лудаци што смислиле ваква манипулација. Ништо не верувајте, издржете. Слободата, правдата и демократијата се на дофат и ќе победат. Под налетот на поривот за слобода и демократија многу диктатури и многу империи се срушиле, бидете убедени во тоа.

Затоа Македонските граѓани овој пат треба силно и одлучно да застанат зад граѓанската опција и да го поддржат лидерот на опозицијата Зоран Заев и неговиот план за живот во Македонија. Таа поддршка треба да биде силна, широка и општо прифатена од сите политички партии, граѓански здруженија, независни интелектуалци и сите кои и мислат добро на оваа држава. Албанските граѓани покажаа голема зрелост и тоа треба да се нагласи и покажаа како се размислува и се брани држава во вистинска смисла. Само така можеме сите заедно да и помогнеме на Република Македонија да стане нормална држава и пристојно место за живеење, и само така ќе бидеме во можност да им кажеме се во лице за сите овие пропаднати години зад нас. Бидете сигурни дека ова ќе се оствари.

М-р Глигор Стоименов


Viewing all articles
Browse latest Browse all 17373

Trending Articles