Груевски се отепа заканувајќи се и заплашувајќи ги странските амбасадори да „престанат да се мешаат во внатрешните работи на Македонија“, а тој самиот потроши стотина непроспани ноќи и којзнае колку милиони долари за да ја придобие „меѓународната заедница“ на своја страна.
Од американскиот амбасадор во земјава нема ни трага ни глас, а ДПМНЕ сепак ќе оди во опозиција. Груевски се отепа заканувајќи се и заплашувајќи ги странските амбасадори да „престанат да се мешаат во внатрешните работи на Македонија“, а тој самиот потроши стотина непроспани ноќи и којзнае колку милиони долари за да ја придобие „меѓународната заедница“ на своја страна. Во неговиот партиски кабинет (оној, со џакузито до неговата канцеларија, лево од портретот во масло на мајка му) телефоните се стопени од вртење по странство (мислам дека кредитот од Комерцијална банка е добиен за таа намена, да се покријат трошоците за лобирање по светот), а секоја шуша што има некаков контакт со некого на Запад (од Вилма Трајковска и Срѓан Керим, до чичко му, трампист, на комшијата Трајче што има бурекчилница во Детроит) е приведена на убедување за да заврти број, да пише писмо, да испрати абер и да се обиде да ја стопира, да ја преиначи, да ја фалсификува, да ја заплаши јасно изразената желба на бирачите во Македонија Фамилијата да оди во политичка пензија и во долг, среќен и активен затворски живот.
Значи, од американскиот амбасадор во земјава нема ни трага ни глас, а ДПМНЕ сепак ќе оди во опозиција. Ваквата надежна домовинска опозиција сега е влезена во друг филм: добро, тоа е тоа, настрана целата хистерија, ние во влада нема да бидеме, но таа влада во која ние нема да бидеме мора да трае кратко, да се брои во месеци, и така неуспешна да распише нови вонредни избори веќе до крајот на годинава! На таа тема се актуелните молби, домунџавања и преколнувања што ДПМНЕ сега ги упатува кон ДУИ и кон старото другарче Ахмети, лично, оти без власт повеќе од неколку месеци Фамилијата не може да издржи, тој чист кислород што го дишат интубирани на моќта и сигурноста што ја дава власта им е неопходен за да останат вечно млади и богати! „Аман, Али, прај што ќе праиш, до декември пак избори да има, бидејќи и најголемиве будали во нашево членство можеме да ги лажеме уште максимум пет-шест месеци, дека ова е само кратка пауза во нашето столетно владеење со Македонија. Ако се види дека ќе потрае повеќе – се распаднавме уште вчера!“ (Тоа ви е таа прочуена идно-мината граматика на македонската политика…)
КЕШ СИ Е КЕШ!
Ви велам, од американскиот амбасадор во земјава нема ни трага ни глас, а ДПМНЕ сепак ќе оди во опозиција. Во кабинетот со џакузи и со големи платна во маслена техника се толку растревожени од таа вест, што не им текна ни една своја анкета да објават од која јасно ќе се види дека „народот“ сака нови избори на кои тие (и верните „пратиљи“ од ДУИ) би победиле со три-спрема-еден разлика. Напротив, целата памет им е само во парите, во тоа како и последните милиони да ги изнесат во последните минути од Македонија, како да ги направат анонимни, сметките да важат само на доносителот на потврдата, да не може да им се влезе во трага, да ги раситнат, да ги поделат до трето колено, клучевите од сефовите да се загубат, ма и самите сефови да ги снема, а тужбите да траат подолго и извршувањата никогаш да не се случат. Сите тргнале да распродаваат и да ситнат, од Ивона до Орце, зашто кешот нема ни мирис ни имотен лист, а ако добро го настегаш, и во пластични шишиња се транспортира. Испробано! Па, ми вели еден познаник кој е познаник со еден од познатите, нема Македонија да пропадне од неколку гајби „сокови“! „Дај им на луѓето, само нека се тргнат!“… И така наскоро, кога ќе пропадне еврото, ќе треба на некој шалтер да се појават за тој кеш да го менуваат во новите национални валути, а тогаш – ако сме здрави и живи и доволно внимателни – точно ќе видиме кој колку украл.
Па, иако од американскиот амбасадор во земјава нема ни трага ни глас, ДПМНЕ сепак ќе оди во опозиција. Најголемиот дел од партиското раководство ќе си заминат од власта како милионери. Членовите на потесната Фамилија, пак, како милијардери. (Патем, каде застана расправата за тоа од каде му се на г. Груевски 250.000 евра скромна заштеда официјално пријавена во последниот имотен лист?! Продал нешто или г-ѓа Нада му препишала некакво наследство? Бидејќи, нема ни теориска можност за толкава заштеда од неговата и од платата на сопругата… Човекот е цел живот на државна плата и, наеднаш, пријавува заштеда од 250-илјади-факинг-евра?!?!) Значи, милионериве ми даваат за право да мислам дека нивната разделба со власта, наспроти заканите за војна и дестабилизација на земјата што дале налог будалетинките интензивно да ги шират, ќе си помине во најдобар ред. Патриотски милионери не се тепаат; тие само сакаат на мир да си ги трошат лесно спечалените пари. Да имаа гаранции дека во милионите нема да им се чепка, транзицијата на власта ќе се направеше веќе лани, на 12 декември. И сега целата драма се сведува само на тоа како на Фамилијата да ѝ се гарантира дека нема да одговара за опљачканото?! Како на монархот да му се гарантира дека абдикацијата нема да доведе до демонтажа на џакузито?
МАЛКУ ЗАБАВА, ПОВЕЌЕ РАБОТА
Сакам да кажам, иако од американскиот амбасадор во земјава нема ни трага ни глас, ДПМНЕ сепак ќе оди во опозиција. Што значи дека ќе биде од исклучителна важност што ќе сработи новата влада во првите шест месеци од доаѓањето на власт. Тие шест месеци ќе поминат во натпревар да се докаже (ДПМНЕ) дека „со Македонија е готово, бидејќи СДСМ се предавници и непатриоти кои за власт ја продаваат татковината“; или дека (СДСМ) „Македонија ќе биде економски просперитетна, демократска и правна држава во која има перспектива за живот, бидејќи за сторениот криминал се одговара“… Со други зборови, после првото задолжување на странските пазари на пари, ќе се смени ли Марко Зврлевски во првата недела од поставувањето на новата власт, или Ахмети ќе успее на новопечените македонски патриоти од Фамилијата да им испорача нешто од гаранциите што сега им ги ветува?
Ете, иако од американскиот амбасадор во земјава нема ни трага ни глас, ДПМНЕ сепак ќе оди во опозиција, а за тоа што ќе прави новата влада прилично ќе дознаеме од партискиот распоред на ресорите и од поименичните кадровски решенија за најодговорните стотина позиции во државата. Додека очекуваме драматичен пораст на минутите и страниците во медиумите посветени на работата на СЈО и на црната хроника, еднакво внимание ќе треба да се посвети на тоа што ќе прави новата власт со иднината на земјата – оти, не може целото време да ни отиде на забава, ќе има многу работа што ќе треба темелно да се одработи. Да, да, нѐ очекуваат пот и солзи, само е прашањето како таа нова реалност општествено ќе се дистрибуира.
Оти, нели, да ве потсетам, иако од американскиот амбасадор во земјава нема ни трага ни глас, ДПМНЕ сепак ќе оди во опозиција.
Сашо Орданоски
(Колумната е преземена од „Слободен печат“)