Quantcast
Channel: Топ вести Archives - Либертас
Viewing all articles
Browse latest Browse all 17424

Алан Андов Форд

$
0
0

Двапати мислев и премислував дали да се впуштам во било какви расчистувања што и како се случило во 1991-та во врска со носење на Уставот и посебно неговата Преамбула. Имено, дали да полемизирам со Стојан Андов, еден возрасен господин и екс политичар кој има своја улога во осамостојувањето на Македонија и која улога од свој аспект, Дон Кихотски и фабулозе, се обидува да ни ја приопшти во скоро поетско – фантамазгорично четиво наречено „Драматичната 1991 година“.

 

frckoski

Човекот ми е симпатичен. На иста страна сме во овие денешни премрежија на уривање на диктатурата во Македонија. Имам разбирање за веројатно класичната болест на пишувањето мемоарски четива, кога ликот својата улога ја зголемува до бескрај, до невкус, до извитоперување настани и факти.
Литерарен лик на таква метафора е „Број 1“ водачот на групата ТНТ од Алан Форд.

Но, две околности ме нервираат искрено, во сета таа старечка приказна за славата – војната и мирот. Крајната неетичност на маргинализирање на Глигоров и негово претворање во некаков лукав лик, скоро „измамник“ на независноста. Глигоров нема кој да го брани денес, но чувството на тој политички инцест кој го прави Андов кон него е, благо речено, одваратен. Во својата заслепеност со менување на историјата на независноста од „левата позиција“, опозициска и граѓанска, Андов се обидува да ги бетонира симпатиите врз себе на сета левица и опозиција денес во моментот на нејзината борба со диктатурата и поттура личен проект за таа верификација. Тој проект е фалшив. Тој влегува во суетна стапица, де-факто ја понижува сопствената држава со создавање на слика за неа како некава играчка која ја создал тој самиот борејќи се со завери и заверенички ликови на сите страни: со Глигоров (кој замислите работел по налози на Милошевиќ, а Андов тоа го раскринкал ), владата на Кљусев која ја исмева во својата слабост и национализам; младите експерти (тоа сум јас и експертската група која го правеше Уставот кои биле малтене инструменти на Глигоров (?); со Љупчо и ДПМНЕ кои благонаклоно ги водел како деца на прав пат и советувал да не направат глупости (инаку имале исправни национални ориентации кои тој ги увидел и искористил за доброто на Македонија. Секако останува најнејасна неговата поддршка на идејата за поделба на земјата развиена од Георгиевски и некои академици долж 2001-та и судирот внатре во Либералите што таа подршка на Андов за оваа деструктивна идеја на Љупчо Георгиевски ја предизвика); со Парламентот кој бил негова соба за „оргии“ и ги водел за доброто на Македонија, суверено и лукаво, скоро византиски вешто итн и на тоа слично.
Андов не гледа во овој свој гротескен текст дека ја прави Македонија партал.

Да и се плукнеш на државата која независноста ја изборува со лукавствата на еден човек (макар бил тоа и Стојан Андов византиецот) политичар од маргините на политичката моќ (Либерали имаат 17 пратеника тогаш како нивен пик на влијание).
И конечно Андов се плетка во периодот на носење на Уставот, каде неговата улога е јасна и маргинална, а за која има богами уште појасни и по вигорни сведоци во ликовите на луѓето кои го правеа (дабоме). Тоа е посебна грешка на славеникот и автор на книгата, која го судира или ќе го судри со неумитни факти, а не интерпретации и „сведочења“. Така што „Драматичната 1991“ може лесно за него да стане „предраматична“!

Имено во виорот на себе-восприемањето како граѓански-месија од левицата, Андов во својата книга (и неколку интервјуа патем) вели дека Уставот бил првично поднесен со Преамбула која содржела некаков текст за конфедеративен принцип (Сојуз на југословенски држави) и континуитет со бивша Југославија (која Милошевиќ му ја порачал на Глигоров, а која тој ни ја задал нас на експертската група да ја напишеме) и кога Андов византиецот тоа го видел (?) му се заканил на Глигоров со оставка и му рекол да ни нареди да ја избришеме и пренапишеме таа Преамбула.

Ова секако е гротескна лага, а од аспект на Глигоров би била и валкана клевета, богами (како да Глигоров, а не Андов беше член на партијата на реформиските сили на Анте Марковиќ). Овде стариот византиец „прошмелцал“, што е најблага квалификација, сите други би биле поостри и полоши за него!

Тој направил некаков ментален „гемиш“ од концептот на платформата Глигоров-Изетбеговиќ, како последен обид да се реши по мирен пат распадот на СФРЈ и кој заврши неуспешно. Тој концепт пропадна на 06.06.1991 и беше крај на турата средби на претседателите на Републиките од поранешната СФРЈ  за мирно решавање на кризата за распадот. Потоа Киро Глигоров го одржува она историско обраќање во Собранието каде кажа дека Македонија ќе треба да се ориентира кон целосна независност.  Предлог Уставот на РМ од 1991 во процедура во Ноември (претходно од 25 Мај беше во процедура пред Уставната Комисија на Собранието) влезе во потполно чиста ситуација околу независноста и немаше никаква потреба од правење било какви компромиси на тоа поле.

Стојан Андов во тој тек на настани, освен што бил информиран, веројатно од Глигоров, и ја закажал седницата на тоа важно Собрание, нема никаква битна улога.

На иницијатива на Владо Поповски (иако мојата меморија, фала Богу, за тоа е јасна) побаравме и ги најдовме сите текстови на Преамбулите од нацртите на Уставот (Првата и Втора верзија, кои ги имам во оригинал кај мене) и од двата формални документи на Уставот предложени во Собранието, оној на Нацрт Уставот од 01.08.1991 и конечно Предлог Уставот од 01.11.1991. Едиствена Преамбула напишана и предложена е само една и гласи:  Тргнувајќи од историското, културно, духовно и државно наследство на македонскиот народ и од неговата вековна борба за национална и социјална слобода и создавање своја држава, а посебно од државно – правните традиции на Крушевската република и историските одлуки на АСНОМ и уставно-правниот континуитет на македонската држава како суверена република во Федеративна Југославија, од слободно изразената волја на граѓаните на Република Македонија на референдумот од 8-ми септември 1991 година, како и од историскиот факт дека Македонија е конституирана како национална држава на Македонскиот народ во која се обезбедува целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите и другите националности кои живеат во Република Македонија, а со цел…..

Следат демократски и либерални цели кои се надоврзуваат на клучната одредба за суверенитетот од член 2 кој гласи: Суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните… (значи ниту од еден колективитет споменат во Преамбулата,која останува единствено констатација на историски хрононологии, но нема правно-позитивна реализација низ членовите на Уставот во делот на суверенитетот и остварување на власта, кој е поврзан единствено и само со граѓаните.

Мене по вкус ми беше една сосема поинаква Преамбула и јас, и мислам Лазе Китаноски, ја напишавме како експеримент (знаевме дека сите националистички падавичари ќе се бунат со неа, па сериозна алтернатива беше онаа со историски реминисценции) да се знае и таа гласеше вака : Македонија е граѓанска држава каде суверенитето произлегува и им припаѓа единствено на граѓаните. Таа е заснована на почитување на човековите слободи и права, на принципите на еднаквоста, слободата,правдата, демократијата и солидарноста….

Нормално се случи тоа што знаевме дека ќе се случи. Се собраа еден куп „интелектуални“ и национални дејци од МАНУ, Универзитетот, Правниот факултет и Институтот за Национална Историја и сл.  и во Собранието, токму кај Андов, ламентираа хистерично дека сега е историскиот момент да се создаде национална држава на Македонците и ништо друго.

Дополнително ДПМНЕ и половина од СДСМ беше на иста позиција (што отворено, што потајно ). Под тој и таков притисок она што одлучивме е да ја „жртвуваме само Преамбулата“ правејќи ја таква каква ја цитирав со историските национални констатации и ништо повеќе.

По секоја цена одлучивме да го браниме и одбраниме граѓанскиот карактер на текстот на Уставот. Мислам дека во тоа успеавме на крајот.

Во таа и таква борба и дебата Стојан Андов нема скоро никаква улога. Тој добро ја водеше Уставната Комисија. Ја водеше на „наша страна“ и тоа беше ОК. Никаква друга содржинска улога немаше, освен што не се согласуваше со поделбата на извршната власт меѓу владата и Претседателот на државата и сакаше да име чиста парламентарна демократија (сега ќе бевме соочени со уште посилна ролја на постојниов диктатор при таков избор, иако ни Хорхе не е од некоја корист за баланс, освен за глупости).

Да е за право, ни Глигоров во ниту еден момент не се мешаше ниту во работата, ниту во дебатата за Уставот. Никакви сугестии никакви консултации не правевме со него за ништо. Имавме целосна слобода, која веројатно никој повеќе во политиката во Македонија не успеа да ја доживее во вакви операции . Тоа беше затоа што владееше огромно незнаење и неизвесност што понатаму и дали воопшто ќе не биде? Затоа што некои од професорите по Уставно право (освен незнаењето за либералните институции и демократија) се занимаваа со пишување на контра-устави на скратената Југославија во Црна Гора, а другите беа во „движењето за Југославија“. Затоа успеавме да направиме нешто што би го нарекол „преторијанска либерална завера-наметнување“ со носење на граѓански устав кој воопшто не беше „по мерка“ на провинциската националистичка и ксехофобична интелегенција и  „надобудни“ пратеници во едно не-либерално, пред-политичко време на националистичка еуфорија во раната независност. И тоа успеа.

Тој Устав ги доби можеби најдобрите оценки и комплименти од Бадинтер и серија професори кои следеа по него и послужи за афирмација на земјата од неочекуван вид како демократска, либерална и сл. (што таа всушност тешко дека беше во стварност). Таа тоа не е ниту денес, 25 години по носење на тој Устав, политичката пракса и култура „не му е дорасната“, но е светилник на демократските борби на граѓанската зона, Универзитетот и сите граѓани, који него го имаат како единствена институционална потпора за борбата за слобода, владеење на правото и демократија.

Уставот од 1991-ва авторитарните популистички елити денес го сметаат за „конспирација“ против органското единство на Македонскиот народ.
Човековите права и поделбата на власта во него ги третираат како песната на Сирените (кои го лажат Одисеј и го отргнуваат од патот да се врати на Итака) кои го отргнуваат Македонецот од патот кон „Македонија факинг Вечна“.
Со оваа приказна Андов нема блага врска. Имам впечаток дека на врв на јазик му било да каже дека тој всушност го напишал или конструирал и Уставот, но му било незгодно како Претседател на Собрание да го предложи согласно проектот „На мојот начин“ и византиецот ни го дал нас да го предложиме.

Независно од пензијата и возраста, малку усул со историјата, фактите и славата би бил елемент на пристојност.

 

Љубомир Д. Фрчкоски


Viewing all articles
Browse latest Browse all 17424

Trending Articles