Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги реагираше на текстот на Либертас со наслов „Скандалозно: Зоран Трајчевски ја молел Дуња Мијатовиќ да каже дека нема потреба од медиумски реформи“.
Реакцијата ви ја пренесуваме во продолжение:
Интернет порталот Либертас, денеска објави допис од претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите г-ѓа Дуња Мијатовиќ до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, под наслов „Скандалозно: Зоран Трајчевски ја молел Дуња Мијатовиќ да каже дека нема потреба од медиумски реформи“. Објавениот допис од г-ѓа Мијатовиќ е одговор на претходно писмо што Агенцијата го упати до неа во декември минатата година, а кое регулаторното тело го објавува во прилог на оваа реакција со цел да придонесе за објективноста и точноста во известувањето.
Како што е познато, Канцеларијата на г-ѓа Дуња Мијатовиќ, претставничка за слобода на изразување при ОБСЕ, имаше активна улога при носењето на медиумското законодавство во РМ во 2013 година, при што се инсистираше на транспарентност. Истовремено, од страна на ОБСЕ беше нагласено дека ваквиот пристап мора да биде почитуван при било какви измени на законите за медиуми.
Токму во овој контекст, Агенцијата испрати допис од кој јасно се гледа дека единствената цел на регулаторното тело беше да ја извести канцеларијата на Мијатовиќ дека законите за медиуми се предмет на политичко преговарање, наместо на отворена јавна дебата со сите релевантни чинители, што впрочем беше побарано и од новинарските здруженија. Во ниту еден момент не е побарано ОБСЕ да каже дали има потреба од медиумски реформи или не.
Дописот кој Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, го испрати до ѓ-ѓа Дуња Мијатовиќ, претставничка на ОБСЕ за слобода на медиумите во месец декември 2015 година, може во целост да се преземе на следниот линк.
========================
Одговор од Либертас:
Ви благодариме за реакцијата која во случајов не е демант, туку обид за појаснување.
Како што се гледа и од писмото на Трајчевски до Мијатовиќ, кое самите сте го испратиле, се забележува обид суптилно да се издејствува став од ОБСЕ дека не се потребни реформи, повикувајќи се на нивниот став и учество во законските измени во 2013-та година.
Според писмото, Трајчевски индиректно ја клевети опозицијата за предлозите што ги дава (и ги праќа во прилог), а тие меѓу другото предвидуваат и реформа во Агенцијата, што веројатно токму Трајчевски најмногу и го тангира.
Инаку, и во одговорот Мијатовиќ вели дека таа не може да влијае врз актуелните политички процеси кои се резултат на Договорот од Пржино, потпишан од лидерите на четирите партии со посредство на ЕУ и САД.
„Информирана сум дека Мисијата на ОБСЕ во Скопје, како набљудувач, одблиску го следи целиот процес, вклучувајќи ги и разговорите за медиумската сфера“, му пишува Мијатовиќ.
Зошто би напишала така, ако таа писмото не го разбрала како негово сугерирање и таа да се вмеша?