И покрај најавите дека авторот на текстовите во италијанскиот весник „Ла Верита“, Лорис Гајсер, денеска ќе објави нови материјали за случајот „Рекет“, неговото гостување во италијанското радио се сведе на лична оценка за случувањата поврзани со аферата, пренесе 360.
Неколку домашни портали објавија дека Гајсер во гостувањето рекол дека со објавувањето на аудио и видео материјалите се разоткрила системска корупција – политичка и судска.
Посочил оти стравувал дека доказите ќе исчезнат и затоа јавно ги објавил. Една од тезите што деновиве се пласира и во „Ла Верита“, а особено во медиумите блиски до власта во Србија, а ја повтори Гајсер во денешниот радио-настап, е дека политичката кариера на премиерот Зоран Заев е готова.
„Ла Верита“ е нискотиражен весник во Италија, близок до екстремнодесничарската владејачката партија „Лига“ на министерот за внатрешни работи Матео Салвини, кој не ги крие блиските релации со унгарскиот премиер Виктор Орбан. Неодамна беше објавена и снимка од состанок на најблискиот соработник на Салвини со тројца Руси во Москва на која се разговара за руско финансирање на крајната десница во Европа со цел да се поткопаат либералните демократии и да се формира нова, националистичка Европа блиска до Кремљ.
извор: 360