Британскиот весник Гардијан го промени насловот на текстот во кој се пренесени изјави на премиерот Груевски поврзани со прашањето за името.
Првичниот наслов беше: „Македонија е отворена за промена на името за да се реши 24-годишниот спор со Грција“.
Потоа реагираше Груевски дека не изјавил такво нешто. Како што изјави Груевски, тоа се гледало и од самиот текст.
Насловот сега е: „Македонскиот премиер отворен за дијалог за името за да се реши 24-годишниот спор со Грција“.
Македонскиот премиер вели дека е подготвен за промена на името на неговата земја, со што ги подгреа надежите за крај на еден од нејнеобичните дипломатски спорови во светот, објави денеска британски Гардијан.
Никола Груевски во интервју за весникот, сепак го условува крајното решение за деценискиот спор со плебисцитарно изјаснување на македонските граѓани. „Подготвени сме да разговараме, да започнеме дијалог со нив, и да најдеме некакво решение“, вели Груевски за Гардијан.
„По долгогодишна непопустливост од обете страни, македонскиот лидер сега имплицира дека можеби е подготвен да ѝ попушти на Грција“, наведува Гардијан.
„Сакаме колку што е можно побрзо да започнеме дијалог со Грција за изнаоѓање решение, и доколку најдеме решение потоа сакаме да им се обратиме на граѓаните и да организираме референдум. Преку разговор мораме да најдеме некакво решение, и потоа да ги прашаме граѓаните: дали е ова правилно или не е?“
Весникот наведува дека и „високи членови на левичарската влада на Алексис Ципрас веќе долго укажуваат дека би сакале да се ослободат од проблемот создаден од десничарскиот национализам“.
Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски в четврток, 17.12., во Атина ќе се сретне со својот грчки колега Никос Коѕиас. Тоа е прва посета на шеф на македонската дипломатија на грчкиот главен град од 2000-та година, кога Александар Димитров беше во Атина. Во пресрет на состанокот, Попоски во интервју за весникот Катимерини рече дека „е дојдено време за изнаоѓање решение за спорот“. Говорејќи за создавање позитивна атмосфера меѓу двете земји, Попоски оцени дека двата соседни народи се „роднини“.