Quantcast
Channel: Топ вести Archives - Либертас
Viewing all articles
Browse latest Browse all 17535

Фаустовски синдром

$
0
0

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски повторно тргна во кражба на души. Овој пат тргна по душите на младите, оние кои по природа копнеат и веруваат во идеали, отворена иднина и можност за кариера. И како што доликува на искален крадец на души, тој овој пат не се ни потруди да го сокрие својот потемнет лик, но целото внимание го посвети на добро спакувана убава слика која ја нуди на младите за искушение: ,, Го одведе ѓаволот потоа на многу висока планина, и Му ги покажа сите царства на светот и нивната слава,
и Му рече: „Сето ова ќе Ти го дадам, ако паднеш и ми се поклониш,,Матеј4-8,9)

donkaBardzieva[1]

Шемата е иста, да се поклонат на лидерот, да потпишат верност, да ја остават совеста… Им понуди грандиозна лага, пропаганден флаер за реконструкција на амфитеатар ( кој впрочем е само театар!) овој пат на археолошкиот локалитет Скупи, кој ќе биде „реконструиран“ и „ревитализиран“ само за нив за да имаат свое место за концерти и да уживаат во забави! И не само тоа, тој не ги запостави ниту младите битолчани затоа што и тие заслужуваат свој простор за забава. Е за нив го одбра Официрскиот дом кој откако не успеа да го украде и да го продаде сега, во манирот на „благороден“ крадец и голем хуманист, еве им го дава на битолчани. Дури ќе го реконструира, и тоа сигурно ќе биде некоја грандиозна реконструкција, за да не останат покусо битолските млади од скопските. Уфф штета, да не беше реконструиран театраот во Хераклеја и младите битолчани ќе добиеја грандиозно реконструиран „амфитеатар“. Но што е тука е, нека не очајуваат. Мефисто мисли на сите млади, па до крајот на предизборната кампања сигурно ќе смисли уште нешто, не само за нив туку и за младите во другите градови. За среќа на нашите археолошки локалитети има уште „амфитеатри“…

Од вкупната тазе понуда на водачот на ВМРО-ДПМНЕ, најмногу сум „фасцинирана“ од неговата желба да ги учи младите, посебно со донесувањето на закони за високо образование и отварање на ланец на државни универзитети. Со својот личен пример ќе ги научи младите дека лагата е подобра од вистината, ропството од слободата, парите од образот и честа, а совеста… тоа ќе ги научи, зошто никој не му е рамен во тоа искуство; а потоа стоте најдобри ќе ги вработи во државните институции!!!, затворот на душите каде нема глас, каде нема мериторност, каде се е нарачано и извршено. Лагата е гламур а потоа горчина, а вистината трнлив пат и жртва но блага. Тој секако ќе ги научи на лаги, манипулации, корупција и криминал, бидејќи така го разбира светот, а посебно власта која треба да биде концентрирана во една личност, заради неговата сигурност. Тоа е она што тој најдобро го знае и само тоа може да им го понуди! Во кои државни институции ќе ве вработи кога држава нема, институциите се негови и тој ќе ве вработи во неговите институции. А таму каква кариера очекувате да направите со тој висок просек што ќе го обезбедите – мериторна? Не. Во неговите институции можете да направите само партиска кариера, а брзината на напредување ќе ви зависи од бројот на врбувани „души“ на избори, редовно учество на митинзи, глорификација на водачот и верност до гроб. Ако потпишете пакт со ѓаволот истиот треба да го заверите на нотар! Е тогаш тешко дека ќе можете да го раскинете договорот, затоа што продавајќи си ја душата го губите образот, совеста, достоинството, чесноста, доблеста, чувството за праведност! Од тој момент вие веќе за ништо нема да одлучувате, за вас ќе одлучува оној кому сте му ја продале душата! Од слободни личности со силен потенцијал, ќе станете робови на сопствените слабости. Оној кој ви нуди таков договор знае колку сте скапоцени, затоа сака да ве заведе и евтино да ве купи. Нему тоа му е работа ,или како што велиме „ѓаволот ни ора ни копа, туку само седи и мисли кого да превари“!

Но да не бидеме неправедни, понудувачот не треба да се обвини, туку оној кој потпишува, бидејќи е извршител на делата. Мефисто не оди на суд, туку Фауст!

д-р Донка Барџиева Трајковска


Viewing all articles
Browse latest Browse all 17535

Trending Articles