На новинарско прашање за забелешката на пратеникот на ДУИ Артан Груби, кој коментира дека цената на мирот е неспоредлива со цената на имплементацијата на законот, односно дека со законот е купен мир, премиерот Заев посочи дека законот е човечко право што произлегува од правото на употреба на јазици и јазикот е средство за разбирање, за животот да ни биде полесен.
-Оттука и доаѓа буквално употребата на јазиците. Тоа е уставно право на граѓаните. Ништо не се сменило во нашата држава, а граѓаните имаат дополнително право да си го користат, рече Заев.
Тој притоа посочи повеќе практични примери за употреба на јазикот, како при добивање на социјална помош и како тоа ќе послужи ако една стара возрасна жена знае само албански јазик или пак жена Ромка која живее во Шуто Оризари и не знае на друг начин да комуницира за да го оствари ова свое право.
-Дефинитивно треба да бидеме демократи да донесеме закон, а Венецијанската комисија ќе ни ги даде своите укажувања и конечно сме подготвени да го имплементираме. Бидејќи ако сакаме да влеземе во Европската Унија, треба да ги почитуваме европските институции, истакна Заев и дополни дека во државата се е транспарентно и сите знаат како се одвиваат процесите.
Во врска со проблемите во инститициите и на менаџерите за непознавање на албанскиот јазик и дали планира Владата Македонците да научат албански, а Албанците македонски, премиерот Заев потенцира дека како Влада им стојат секојдневно на располагање на граѓаните да ги поддржат нивните потреби „не само да дадат тренинг за квалификувана работна рака, туку да поддржат се за да создадат подобри услови за работа и полесно граѓаните да најдат работно место“.
-Ние им стоиме на располагање на граѓаните. Знаењето на јазиците е богатство. Знаеме дека дома сите ги тераме децата да учат јазици затоа што ќе им се најдат во животот. Затоа, јас верувам дека колку знаеме повеќе јазици, толку ќе им помогнеме на децата во нивните планови во животот. Владата ќе поддржи се за полесно да се вработат граѓаните, а посебно младите, потенцира премиерот Заев.