Во дебата на „360 Степени“ пратеничките Нола Исмајлоска-Старова и Даниела Рангелова зборуваа за околностите околу референдумот за името и гласањето во Собранието за Преспанскиот договор.
Исмајлоска-Старова рече дека на партиското раководство му било поважно да не успее референдумот, отколку да не помине Преспанскиот договор и дека тоа не било така претставено меѓу членството и меѓу граѓаните.
„Јас ќе кажам за дента на референдумот. Ние пред референдумот имавме Извршен комитет и кога претседателот на партијата кажа дека секој може да се произнесе по своја волја, јас побарав збор и прашав дали доколку јас излезам на референдумот е спротивно од партискиот став, тој ми рече – не, можеш да излезеш и да гласаш „за“. Праша и Драган Данев и ни рекоа дека не е во спротивност на партискиот став. Но, очигледно не беа искрени, заради тоа што веднаш после нашето излегување, буквално не масакрираа на социјалните мрежи со реторика дека ние сме некакви предавници, дека ја предадовме партијата, државата, со што јас не се согласувам. Ако поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ и оние коишто ја поддржуваа таа политика излезеа и се произнесеа дека се против Преспанскиот договор, барем ќе бевме на чисто колку се против, а колку се за. Вака засекогаш ќе остане во некоја идна историја дека излегоа 600 илјади и нешто „за“, и 40 и не знам колку илјади беа „против“. Значи, точната бројка никогаш нема да се знае. И пак ќе повторам. Во Собрание ВМРО-ДПМНЕ не влеговме како пратеници да гласаме против Преспанскиот договор. Во историјата ќе излезе дека беа 81 „за“ и 0 „против“. Тоа беше исто така одлука на ВМРО-ДПМНЕ. Пак отстуство на став“,
рече Рангелова.
Исмајлоска-Старова зборуваше и за, како што рече, лицемерието на дел од колегите пратеници споменувајќи пример од 2014 година.
„Има уште еден момент што за мене е неприфатлив. А тоа е лицемерието на дел од колегите коишто застанаа покрај ѕидот. Добар дел од нив беа пратеници во 2014. Кога бевме побарани за да бидеме кандидати за листи, нели, мора и да се согласиш. Прашањето коешто ни беше поставено на голем дел од нас, веројатно не им било на некои коишто биле можеби во повисоките структури, коишто и би учествувале во такви разговори, или коишто веќе дале одговор на тоа прашање, но, кога мене ми се јавија ми кажаа дека можеби пратеничкиот мандат ќе донесе и големи предизвици, како што претходно било гласањето за хашките случаи и беше конкретно кажано, дали сум спремна да гласам за промена на името. Јас прифатив да бидам пратеничка спремна да гласам за промена на името“,
рече Исмајлоска-Старова.
Тоа е пред изборите во 2014?
„Да, 2014“,
рече Исмајлоска-Старова.
Кој ви се јави?
„Од раководството на партијата“,
рече Исмајлоска-Старова.
Вие тврдите дека и на други пратеници им било поставувано тоа прашање?
„Јас сум разговарала со најмалку 10 и мислам дека би било доблесно тоа и да го признаат и да го прифатат“,
рече Исмајлоска-Старова.
Рангелова рече дека пред изборите во 2014 година неа и се јавил тогашниот претседател на партијата Груевски, но дека за неа ова не било прашање.
„Можеби јас сум била повисоко во раководството и најверојатно сметале дека ако си раководство, кое и да е тешко прашње, би требало да се согласуваш со актуелното раководство, во однос на гласањето, можеби Нола била нов пратеник и сакале да ја проверат колку таа би била лојална ако се донесат такви тешки одлуки. Мене не ми направија проверка и не ме прашаа, тоа е вистината“,
рече Рангелова.
Извор: 360 Степени