Во интервју за порталот Курир, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, зборува за средбата со бугарскиот премиер Бојко Борисов и неговиот одговор на прашањето дали го поддржува договорот со Бугарија.
„Имав конструктивна средба со г-динот Бојко Борисов на негово барање. Средбата ја прифатив со задоволство, затоа што верувам дека потребно е да се градат мостови на соработка, а не да се создаваат конфликти. На средбата се разговараше за актуелните теми во Македонија, во Бугарија, акцент беше ставен на иднината, но исто така и на теми кои се дел од минатото на двете држави. За дел од темите имавме исти позиции но за дел различни. Помалку непријатно беше што се снимаше почетокот на средбата каде вообичаено има неформален разговор помеѓу соговорниците кои се познаваат и жалам што нашиот политички противник СДСМ, целосно извртувајќи ја вистината, преку креирање на лажни вести се обиде да ги злоупотреби граѓаните. Никаде на средбата не го споменав договорот, тоа не може да се извлече како цитат затоа што не го кажав, но еве гледаме дека може да се прават лажни вести под владината палка и да се редат зборови во уста кои јас никогаш не сум ги кажал. Инаку да, порано сум истакнал, му го кажав тоа и на г-динот Борисов, а еве ќе го повторам и сега дека имам намера да подржам се што е добро за двете земји, тоа подразбира дека без никакви дилеми подржувам економска соработка, да јакнеме трговски, да градиме соработка со соседите, културно, спортски, научно да соработуваме, доколку проценам дека Македонскиот народ и граѓаните на Македонија имаат интерес од тоа. Но воедно тоа значи и спротивното, дека никогаш нема да прифатам работи кои се на штета на Македонскиот народ и граѓаните на Македонија, непринципиелни барање, ултиматуми или компромиси со невистината за други цели. Јас дилема немам ниту за нашиот-македонецот Гоце Делчев и неговата борба за создавање на Македонска држава, ниту за посебноста на македонски јазик. Не сум човек кој прави компромиси со вистината, а најмалку на штета на Македонија.
И точно можеби сум нов во високата политика и со помала километража кога станува збор за билатералните средби, и можни се протоколарни слабости од кои учиме, но ве уверувам кога станува збор за суштината точно знам што говорам, за што се борам и какви интереси штитам и ќе продолжам да го правам тоа“, вели Мицкоски во интервјуто.
За потсетување, на средбата Борисов го праша Мицкоски што мисли бидејќи како што кажа навистина се направени големи напори за подобрување на односите меѓу С. Македонија и Бугарија.
На ова лидерот на ВМРО-ДПМНЕ одговори дека нема дилема дека единствената алтернатива е ЕУ и НАТО и тоа уште во 1991 година.
– Не треба да има дилема. Ние уште во 1991 година си ги кажавме нашите политики, а тоа се ЕУ и НАТО, за разлика од тие кои од СДСМ кои се колнеа во Белград и Москва. Тука не треба да има никој дилема и не треба да има дилема – рече Мицкоски.
Среща с лидера на ВМРО-ДПМНЕ Християн Мицковски
Posted by Boyko Borissov on Среда, 20 ноември 2019
Тој како поткрепа на ова кажа и дека тој се образовал и во Италија и во Германија, а Влатко Ѓорчев е оженет со Американка.
Мицкоски доби и второ прашање од Борисов а тоа е дали тие го поддржуваат договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, на што првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ одговори:
– Се што може да биде позитивно и за двете страни и за Македонија и за Бугарија ние го поддржуваме и тука исто не треба да има дилема.