Quantcast
Channel: Топ вести Archives - Либертас
Viewing all articles
Browse latest Browse all 17440

 Дефакторизација, реалност или заблуда           

$
0
0

Безброј пати до сега сум бил во дилема дали прашањето околу некаква наметната тема за дефакторизација на Македонскиот народ која постојано се нагласува, особено од страна на опозицијата, вреди воопшто да и се дава некакво поголемо значење и да се дебатира и пишува околу тоа. Но сепак фактите говорат дека треба и мора за некои работи да се зборува и да се размислува гласно.

Имено, според моите согледувања и анализи, како и заклучоци кои ги носам од секојдневните разговори со многу луѓе, можам да кажам дека главните два правци, две линии по кои се движи најголемата критика кон владата и се губат политички поени или поддршка, се прашањата на ткн “дефакторизација“ на Македонците, од страна на Албанскиот фактор, како и одредени слаби кадровски решенија, односно поединци кои ги нервираат луѓето и кои имаат лош рејтинг во јавноста. Јас генерално не се согласувам во целост со овие два аспекти на критика и сакам да дебатирам со овие тези кои  ги слушам доста време во изминатиов период. А се изнаслушав се и сешто, од тоа дека многу сме им дале на Албанците а за сметка на тоа сме ги ослабеле Македонците кои како мнозинска заедница се носечки столб и фактор на државноста, дека ова било една предавничка политика и многу други работи. Не се согласувам и за ова сепак треба нешто да кажеме, не може да молчиме, затоа што ова се прашања на кои многу лесно се печалат политички поени, многу лесно се профитира од овие теми.

Во изминативе две години оваа влада ја имаше таа среќа или несреќа да мора да затвори многу крупни прашања кои беа останати нерешени. Едно од тие прашања кое требаше да биде затворено беше и Законот за употреба на јазиците кој е всушност и обврска од Охридскиот договор. Добро, тогаш пишувавме а еве и сега кажуваме, едноставно се договоривме и со Албанската страна дека законот ќе биде проследен на оценка до Венецијанската комисија и сето она што ќе се утврди дека е проблематично или може да создава проблеми во иднина, да се измени или корегира, трето нема, се е јасно како бел ден. Јас ги разбирам опозиционите Албански партии дека врескаат заради својот рејтинг и политички поени, но не можам да разберам сега зошто од страна на владеачката ДУИ ова за кое самите се согласија сега се негира и се зборува за нарушување на некој баланс и слични работи. Инаку до сега највеќе критики од моите пријатели Албанци добивав затоа што сум ги бранел ДУИ, но јас и понатаму мислам дека тие се сепак најзрел и најстабилен политички фактор кај Албанците иако во многу работи не се согласувам со нивната политика и за многу работи им се лутам. Кај нив има еден друг проблем, тоа е што имаат неколку проблематични ликови кои се високо во структурите на партијата, проблематични за правдата и правото и претставуваат голем баласт за нив, па кога ќе дојде на ред некој да ги процесуира наеднаш не важи ништо повеќе за нив, ниту една вредност за која декларативно се залагаат, ниту ветинг, ниту право, ниту правда, ништо повеќе не важи од оној момент кога ќе бидат тие засегнати, па од тука потполно го разбирам потпретседателот на СДСМ Зекири кој е во некаква постојана војна со нив. Инаку, далеку од тоа дека се сите такви, одговорно тврдам дека таму во ДУИ има зрели и совесни политичари кои може да бидат на највисоки позиции без никаков проблем. Но со овој отпор кој го имаат спрема укажувањата на Венецијанската комисија, не само ДУИ, туку целиот Албански политички фактор ризикува три работи:

Првиот ризик, секако доколку низ дебата и разговор не се корегираат одредени одредби од законот,  се движи во правец на тоа дека никогаш во потполност овој закон нема да стане применлив, пред се поради својата сложеност на имплементација во делот на судските постапки, немање на капацитет на институциите да се справат со ова како и отпорот на институциите да применуваат нешто што според Европските стандарди е тешко применливо.

Вториот ризик е во насока на тоа дека тој отпор ќе биде нотиран од страна на меѓународната заедница дека е отпор против Европските вредности и стандарди, а тоа значи пред се стремеж кон тоа работите да се рационализираат, поедностават, да бидат корисни и инклузивни за сите граѓани а не да се комплицираат. Впрочем такви правила важат и ќе важат и во земјите на ЕУ, па не може на цел глас да викаме ЕУ и НАТО а ваму кога ќе бидат засегнати нашите партиски и лични интереси веднаш ќе билдаме национализам и ќе се враќаме во деветнаесети век, така не може. Таков беше и оној несреќен случај со навивачката група “Шверцери“, кои беа пуштени во театар да прославуваат. Па каде го има тоа не знам. Да, тоа беше дивеење, не знам кој друг збор да се употреби, очекував ДУИ да упати остри критики кон ова а не да се обидуваат да полемизираат со фактите и сето она што го видовме во тие несреќни скандирања исполнети со провокации. Па не се проблем овде  “Шверцери“, било која друга навивачка група да беше во театар исто така ќе дивееше, да беа  “Комити“ или “Чкембари“, можеби исто ќе правеа, не им е место на навивачките групи таму во театар, но ние сите ќе рипневме и ќе ги осудевме, кој и да беше, што другата страна не го направи тоа, тоа ме загрижува, ете тоа се цивилизациски придобивки, тоа се европски вредности, по тоа се разликуваме дали сме за во Европа или не ни е таму местото. Веројатно долгиот период на коалиција меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ оставило трага во нивното однесување и сега пред избори како што беше и порано од Европјани се претвораат во националисти, па секој во своите ровови. Е така веќе нема да може, Македонија игра во друга лига, важат други правила, Европа од нас бара поинакво однесување.

Третиот ризик е всушност на некој начин и услов за подгревање на она прашање околу “дефакторизација на македонскиот народ“ и ова на никого не му оди во корист а пак најмалку на Албанската страна. Со непочитување и игнорирање на она што е договорено, како и непочитување на препораките на Венецијанската комисија апсолутно се остава простор за револт кај Македонската, мнозинска заедница, како и голем простор за дивеење и манипулација на оние структури кои со лажен патриотизам секогаш нешто ќаруваат во матно. Но една работа сите треба да ја знаат, јакнење и подгревање на национализмот кај мнозинскиот народ е многу поопасно од колку кај помалата заедница. А тоа со својата непромислена политика многу лесно може да го направи помалата заедница. Токму затоа треба да надвладее она рацио, да се седне и да се разговара и да се најде конечно решение околу оние работи кои треба и мора да се корегираат за доброто на сите.

Инаку што се однесува до онаа втора линија на критики, која ја слушам често, околу поедини слаби кадровски решенија, како и поединци кои нервираат со своето однесување и работа, до некаде се согласувам ама до некаде и длабоко не се согласувам. Во секоја влада има слаби кадровски решенија, инаку би било се идеално. Владата по претседателските избори наметна едно силно темпо на работа и ако се следат секојдневните активности на премиерот и министрите ќе видите дека агендата на настани кои се во функција на подобрување на секојдневниот живот на граѓаните е многу набиена и богата.

Ајде да бидеме искрени, нека ми каже некој од осамостојувањето на нашата земја па се до денес, кога се носел буџет како што е овој за 2020 година, каде што се предвиделе толку пари директно за граѓаните, еве ќе Ви кажам, никогаш. Оваа инвестиција во човечкиот фактор како што ја нарекуваат сега е сепак најисплатлива. Во многу сектори за краток период од само една година платите се зголемени повеќе од 20 проценти, тоа е нешто што мора да го признаеме и да се надеваме дека ќе биде уште посилно во наредната година. Тука се и многу други мерки и политики кои дефинитивно ќе придонесат за подобрување на стандардот на населението. Сепак се движиме во добар правец а тоа се виде и на онаа трибина во неделата на владеачката СДСМ која беше исто така поддржана од многу политички партии и граѓани, сето тоа делуваше доста европски и патриотски моќно, една победничка атмосфера,  вреди да се поздрави.

На крајот темата околу прашањето за “дефакторизација на Македонците како мнозинска заедница апсолутно сметам дека е пренагласена и се злоупотребува во политички цели. Нема дефакторизација. Меѓуетничките релации сега се сепак на едно завидно ниво, не гледам воопшто некаде меѓуетнички тензии како што беше случај порано, кога секојдневно на улиците гледавме се и сешто. Постојат одредени дилеми и недоразбирања околу одредени прашања но тие сега ќе ги решаваме низ дијалог и дебата. Така ќе биде и за Законот за јазиците.

Па луѓе мои, ние не сме биле впрочем никогаш повеќе факторизирани од сега. Од секогаш сум бил убеден дека клучот на македонската стабилност и факторизација на нашата нација лежи во силна меѓународна поддршка што ќе ја добиеме како како рамноправна членка на НАТО и земја членка на ЕУ.

Па само пред десетина дена во Лондон се вееше нашето знаме меѓу најсилните и најголемите земји во светот, седевме на иста маса со најголемите и најсилните, па зар тоа не е факторизација, да Македонија веќе станува фактор во светот, каква дефакторизација, какви глупости.

 

м-р Глигор Стоименов

                            

 

 

 

 


Viewing all articles
Browse latest Browse all 17440

Trending Articles