Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, веќе трет ден никаде го нема да се појави во јавноста. Како што јави Телма, неофицијално тој не бил ниту на средбата со европратениците која во овие моменти се одржува во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и не е познато кој од партијата е на средба со нив. Претходно на средби со нив беа останатите тројца лидери потписници на Договорот од Пржино – Заев, Ахмети и Тачи.
Груевски почна да се крие од медиуите и граѓаните од неделата, кога требаше да се појави на вонредната лидерска средба со амбасадорите на ЕУ и САД, Аиво Орав и Џес Бејли.
Како што објави Либертас, никој од раководството на владеачката ВМРО-ДПМНЕ се уште официјално не го примил извештајот на ЕУ и САД со оценката дека не се исполнети условите за фер и регуларни избори на 24 април.
Кога амбасадорот на Сад, Бејли и заменикот на ЕУ амбасадорот, во обид лично во премиерскиот кабинет да му го предадат извештајот на техничкиот премиер Емил Димитриев, завршиле со кус разговор со секретарката. Таа им пренела дека не се во дневната агенда на Димитриев и дека претходно не биле најавени.
Груевски не дал никаква изјава во однос на извештајот, ниту пак за иницијативите за одложување на изборите.
Не е познато каде е и што прави екс-премиерот, но јавноста памети дека Груевски често го нема кога и во државата да се случува нешто што не е поволно за него и неговиот рејтинг и „жешките костени“ ги префрла во рацете на неговите сопартијци, или пратеничката група.
Во меѓувреме, техничкиот премиер Емил Димитриев преку Фејсбук статус го кажа своето мислење за иницијативата за одложување на изборите, која вечерва би требало да се најде на гласање пред пратениците, по препораката на ЕУ и САД, според која нема услови за фер избори на 24 април. Како што може да се заклучи, Димитриев бара, доколку се одложат изборите, да се врати политичката Влада, најверојатно со екс-премиерот Груевски на чело.
До вечерва на полноќ ќе се знае исходот од преговорите, и дали ќе има избори на 24 април, на кои, најверојатно би учествувала само ВМРО-ДПМНЕ, или пак ќе има одложување. Дури и ако се изгласа одложување, не е познато дали за тоа би гласале пратениците од владејачката партија и коалициските партнери, или пак оваа одлука би се изгласала и без нив, што теоретски е можно.