На 10 минути пред полноќ, без ниту еден пријавен за збор, пратениците од владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ со 83 гласови за и 3 против, без гласовите на СДСМ, изгласаа одложување на распуштањето на Собранието, со што се поместува датумот за изборите.
Поднесена е измена и на Изборниот законик каде ќе се вметне датумот 5 јуни, но пред да дојде на пленарна седница, за него ќе мора да се изјаснат надлежните собраниски комисии. Собранието повторно ќе заседава во 30 минути по полноќ.
Сепак, со гласањето на 10 минути пред полноќ веќе е одложено распуштањето на Собранието, па тоа продолжува нормално да функционира.
Претходно, процедурално се обратија координаторите на пратеничките групи на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
„Уште еден пораз на Груевски и признание дека нема услови за фер и демократски избори на 24 април. Груевски 4 дена се криеше. Без прочистен избирачки список и медиумски реформи не може да има фер избори. СДСМ не гласаше за оваа срамна одлука, нема да гласаме ниту за нејзино одложување“, рече координаторото на пратеничката група на СДСМ, Горан Сугарески.