
Претседателот на парламентот Талат Џафери планира на претпоследниот работен ден на овој собраниски состав – 11 февруари да се одржи и претпоследната пленарна седница, со единствена точка на дневен ред – ратификација на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО. Во изјава за „360 степени“, Џафери вели дека следниот ден ќе се одржи седницата за распуштање на парламентот, така што ќе останат цели 60 дена до одржувањето на парламентарните избори на 12 април.
-До 11 февруари не е исклучено да заврши и постапката за ратификација на Протоколот за НАТО во Шпанија. Како и да биде, планирам на 11 февруари да закажам посебна седница за Протоколот да биде изгласан и во нашиот парламент. Следниот ден ќе се одржи седницата за распуштање на Собранието. Очекувам дискусијата по тој предлог да заврши до полноќ, затоа што нема тука што многу да се зборува, со оглед на тоа што сите партии се согласија за предвремени избори – вели Џафери за 360 степени.
Претседателот на парламентот вели дека уште истиот ден – на 12 февруари, би можел да ги распише изборите, од кога ќе почнат да течат роковите за спроведување на изборните дејствија, согласно Изборниот законик и роковникот што треба да го донесе ДИК. Ако, пак, во меѓувреме, не заврши процедурата во Шпанија за ратификација на Протоколот за НАТО, ратификацијата во парламентот во Скопје би била со одложено дејство, со оглед на тоа што Северна Македонија треба да биде последната земја што ќе ја заврши процедурата што води кон нејзино официјално членство во НАТО.
…