Првиот човек на ИВЗ е убеден дека настаните од Куманово, како и „пучот“ во ИВЗ, се оркестирани со цел да се одвлече вниманието од растечкото незадоволство кај граѓаните од владата на Никола Груевски, пренесува Призма.
Првиот човек на ИВЗ објаснува дека ова е причината зошто неодамна одбил да учествува на годишната конференција „Дијалог меѓу религиите и цивилизациите“.
„Каков легитимитет имам да учествувам на конференција која се организира под капата на политиката и под покровителство на првиот човек на извршната власт кој е незапомнет диктатор во политичката историја. Реков дека местото не ми е таму“, вели Реџепи.
Тој се сомнева дека Владата има вмешаност во „пучот“ во ИВЗ што се случи во мај минатата година, кога 40 противници на Реџепи 13 дена го окупраа седиштето на Исламската верска заедница, барајќи негово повлекување. Реџепи сѐ уште верува дека постои поврзаност меѓу „пучот“ во ИВЗ и настаните во кумановското Диво насеље.
Открива дека преку вработени во ИВЗ му било понудено команданти од Куманово да дојдат и да ја расчистат ситуацијата со „пучистите“.
„Го прашале (вработениот – н.з.) дали можеш да воспоставиш контакт со поглаварот, да му кажеш дека има некои команданти тука во Кумановско и сакаат да дојдат да ги расчистат, тоа значи да ги ликвидираат. Овде да се пука? Тоа е атомска бомба“, објаснува Реџепи.
„Два пати, три пати категорично одбив, им кажав: не се мешајте, подалеку од тука. Не ја прифатив таквата понуда. Можеби да дојдеа, тука ќе се пукаше. Ова не е моја куќа, ова е седиштето на сите муслимани во државата.“
Реџепи вели дека за случувањата во ИВЗ имал и телефонски разговор со Никола Груевски како тогашен премиер.
„Го замолив и премиерот во тоа време, му реков повлечи ги, овој пуч ми е направен од ваша страна. Телефонски зборевме, тие го прислушуваат тоа, кажав: дај стопирај го, повлечи се од таков лош обид. Не ја оштетуваш само Исламската заедница, со тоа сакаш да ја запалиш цела Македонија. Тој кажа: Не никако, не сум јас“, вели поглаварот на ИВЗ.
Реџепи е убеден дека „пучот“ во ИВЗ, но и настаните во Куманово се оркестирани со цел да се одвлече вниманието од растечкото незадоволство кај граѓаните од владата на Никола Груевски.
„Каква логика има да се војува во таква средина? Тоа е нон сенс и докажува дека сѐ е наместено и веројатно имало претходен пазар, претпоставувам им се ветило дека ќе добијат нешто за возврат, дека нема да се притворат, им требаше сценарио за да се одвлече внимание од политиката. Веројатно им се понудени пари.
Не знам за Македонците, но вмешани се измамници од албанскиот блок кои ја злоупотребиле функцијата во државата“, обвинува првиот човек на ИВЗ.
Според зборовите на поглаварот на ИВЗ, Груевски во еден од последните неформални разговори минатата година се интересирал какво мислење имаат муслиманите и Албанците за него.
„Му одговорив дека го гледаат како исламофоб, незапаметен во политичката историја на Република Македонија“, објаснува Реџепи. Во однос на тоа како го перципираат Албанците, му рекол дека оваа заедница во Македонија го гледа како албанофоб.
Повеќе од текстот на Призма на следниот линк.