Бидејќи гледам дека многумина пишуваат за одлуката на Уставниот суд од аспект на тоа дека сега ќе може да се помилуваат и педофили, и како тоа треба да не загрижува…
Да не се лажеме, одлуката не е донесена за педофилите или за некоја друга категорија злосторници, туку многу јасно, одлуката е донесена за да може претседателот Хорхе Трети Паљурски да ги помилува осомничените или осудени за криминал од ВМРО-ДПМНЕ (евентуално и од коалициските партнери), почнувајќи од Миле, Горде, па натаму, до Грујо и Мијалков. Сега се изборни измами, според предистражните постапки на СЈО, понатаму ќе бидат и многу други кривични дела за кои слушнавме и самите…
Што значи – не се секирајте, безбедни сме од педофилите… односно, дури и ако вашето дете биде нападнато од педофил, тој ќе биде осуден и ќе си ја отслужи затворската казна. Се разбира, ќе треба да се помолите педофилот да не е функционер на владејачката партија за да може да се надевате на правда, да се надевате дека нема да биде помилуван…
Исто, не се секирајте, безбедни сме и додека шетаме по улица… односно, дури и ако ваш близок биде прегазен на пешачки, несовесниот возач ќе биде осуден и ќе си ја отслужи затворската казна. Се разбира, ќе треба да се помолите возачот да не е функционер на владејачката партија за да може да се надевате на правда, да се надевате дека нема да биде помилуван…
Исто, не се секирајте, безбедни сме и додека спиеме… односно, дури и ако некој ви влезе дома и ве ограби на спиење, крадецот ќе биде осуден и ќе си ја отслужи затворската казна. Се разбира, ќе треба да се помолите крадецот да не е функционер на владејачката партија за да може да се надевате на правда, да се надевате дека нема да биде помилуван…
Исто, не се секирајте, безбедни сме…
Не… не сме и нема да бидеме безбедни во ниту еден аспект од живеењето се додека правдата не важи подеднакво за сите, а посебно за оние кои се избрани од народот да ја водат државата (под услов да не биле избрани со измами). И треба да се секираме се додека постојат „недопирливи“ за законите и за правдата.
Се дотогаш никој не е безбеден и сигурен…
Јован Постолоски – Јофе