Една половина од академиците не сакаат да видат што се случува надвор од нивниот удобен академски свет, ги уживаат благодатите на своето слепило и аутистички се затвораат во лажната девиза – да не ја мешаме дневната политика со науката и уметноста. Втората половина сѐ гледа и сѐ слуша, но одвива да зборува, како во миризливата градина на Вера и Ерлин
ДАЛИ СТЕ ЗНАЕЛЕ, господине академиче Таки Фити, дека на најстариот универзит во Нов Зеланд – Отаго, во градот Данедин, постои часовник кој непрекинато куца иако не е навиен уште од 1864 година? Ве прашувам, бидејќи вашиот бројчаник за јавниот долг на Македонија, мореден електронски, во 21 век престана да чука после само еден ден. Некој ќе рече дека било до навивањето. Па да, можеби е до навивањето. за кого навивате вие господине академиче Фити? За Македонија или за власта? За разумот или за сласта? За напредокот или за пропаста?
На споменатиот универзитет алумни се многу колеги на Фити и на неговите колеги. Научници, уметници, политичари, функционери… Меѓу нив е и Џенет Фрејм (1924-2004). Писателка. Во својот 79-годишен живот создала голем литературен опус. Стеклана слава и надвор од Нов Зеланд, пред се во Велика Британија и во САД. Првата книга што ја објавила во Лондон е „Мирисливи градини за слепи“ (Scented Gardens for the Blind), а веднаш по неа следувала и „Прилагодлив човек“ (The Adaptable Man). Првиот роман е за мајката Вера која ослепела и нејзината ќерка Ерлин која престанала да зборува. Вториов зборува за убиство, инцест и мистерија. Дваесет и пет години, господа од МАНУ, вие сте најголема мистерија за јавноста. Глумите слепило за стварноста, престанавте да зборувате за проблемите, прилагодливи сте на секакви власти, политики и потреби, освен за потребите на граѓаните што ве плаќаат, инцесоидно се подјебавате со нив и со нивните секојдневни маки, соучесници сте во убивото на иднината на оваа земја ми во прогонот на младите од неа. Вашиот блокбастер се вика No Country for Young Man, вие сонувате за геријатриска Македонија во која Никола Груевски и таквите како него што ќе ги узурпираат државните фотељи ќе ве ранат со лажиче додека вие глумите слепило и лудило, а за одливот на мозоци се секирате колку и за одливот на урина од мочниот меур преку катетерот во вашата топла геријатрска соба.
Пред неколку години, неодамна починатиот академик Томе Серафимовски ме покани на кафе во неговото ателје во МАНУ. Во задниот дел на ателјето имаше врата, која водеше право во отворената градина во внатрешниоста на МАНУ. По повод роденденот на Академијата, Серафимовски ја беше облагородил хортикултурата на градината со повеќе скулптури од наши знаменити луѓе. Фина тишина владееше во тој простор, среде урбаната џунгла на градот – мир, спокој, вистинско прибежиште за академиците, било да се уметници или научници да творат, умуваат и да придонесуваат за напредокот на сопствената земја и култура. Некако, следејќи ја фарсава со бројчаникот за долгот кој престана да брои како да го погодил скопскиот земјотрес (можеби Коце во некоја следна предизборна програма ќе вети дека ќе го поправи, којзнае), се потсетив на прошетката со академикот и не можам а да не ве прашам: Тоа ли е вашата мирислива градина за слепи, господине Фити? Една половина од академиците не сакаат да видат што се случува надвор од нивниот удобен академски свет, ги уживаат благодатите на своето слепило и аутистички се затвораат во лажната девиза – да не ја мешаме дневната политика со науката и уметноста. Втората половина сѐ гледа и сѐ слуша, но одвива да зборува, како во миризливата градина на Вера и Ерлин. Вториве молчат како мачка да им го изела јазикот. Не ви е ли срам мачката на еден странец да е позагрижена и погласна за вашата татковина од вас самите, врвните умови на оваа земја?
СТЕ ЧУЛЕ ЛИ за праптицата археоптерикс. Таа била летечки диносаурус, но не можела да држи правец, туку секогаш летала каде што ја носел ветрот. Дали МАНУ ќе смени нешто во своето делување или ќе остане да биде археоптерикс, да лебди врз Македонија и да го чека првото ветре? Ако судиме според бројчаникот, не можеме да бидеме големи оптимисти. Зошто ни е потребен МАНУ? За да го бутнеме режимот на Груевски? Ама ајде ви се молам, Груевски ќе падне со или без МАНУ. Зошто тогаш? Затоа што овој Џурасик парк во кој живееме после бандава дрпамесауриси ќе биде само фосилно наоѓалиште. Затоа што добрва ќе треба да го вратиме животот овде. Затоа што заслепените ќе треба да прогледаат, занемените да проговорат, силувачите да одговараат. Затоа што ќе треба да се смисли како ќе го враќаме бројчаникот наназад, односно ќе треба да се отфитиме за борчот со кои се жигосани генерации после нас. Затоа ни треба МАНУ излезен од својот аустистички свет.
Е да, непријатно ќе е малку. Овде надвор не е миризлива градина како кај вас внатре, смрди на трулеж, зашто додека вие молчевте – ние скапувавме. Но, без гајле, ние не ја бараме вашата градина, не бараме размена на територии, население и мириси со вас, само бараме да престанете да бидете Вера и да помогнете да се врати верата дека Македонија може да биде нормална земја така што нема да ја наведнувате главата пред секое замавнување на сабјата на власта.
Интересен стрип во Забавникот. ХОГАР СТРАШНИОТ здогледува птица црвеногушка и радосно крикнува: Доаѓа пролетта, сончево небо, цветчиња по ливадите, распеани птици, пеперутки, виножита! Потоа се присетува дека е Хогар Страшниот и се сепнува. ѝ се приближува на црвеногушката и ѝ вели: Ако некому писнеш за ова, надрља! Ама баш исто како и ова со МАНУ. Ја намирисаа пролетта, ги понесе и го поставија бројчаникот. Потоа Владата ги потсети кои се и што не смее да прават, па го тргнаа. Бројчаникот се разбира и сега постои далеку од очите на јавноста. Во канцеларијата е на Таки Фити. Ама ако некој каже дека уште одбројува – надрљал!
Сашо Кокаланов
Колумната е објавена во „Слободен печат“