Обраќање на Претседателот на СДСМ, Зоран Заев:
Почитувани граѓани,
Македонијо,
Лицето Ѓорѓе Иванов, човекот кој на криминални избори Никола Груевски го постави за претседател на државата, денеска го заокружи државниот удар врз Македонија.
Ова е државен удар.
Криминалната банда на Никола Груевски, уништувајќи ја судбината и загрозувајќи ја иднината на Македонија, се обидува да се спаси од злосторството и криминалот што и го направија на сопствената земја, на сопствените граѓани.
Иванов денеска стана директен соучесник во злостроничкото здружување против Македонија.
Тој сака парите украдени од граѓаните од криминалната банда да не бидат вратени кај граѓаните.
Од денеска нема правна држава.
Го погазија Уставот, законите, достоинството на граѓаните.
Денеска го погребаа Договорот од Пржино.
Македонија тоа нема да го дозволи.
Нема да дозволиме целосно рушење на државата.
Заедно со граѓаните застануваме на страната на Македонија.
Од денеска, со граѓаните ќе го вратиме правото и правната држава.
Бараме, заштитникот на криминалците, лицето Ѓорѓе Иванов, веднаш да поднесе оставка.
Доколку тоа не го стори денеска, државата ја доведува во вонредна состојба, на граница на експлозија.
Затоа Собранието мора веднаш да биде свикано и да покрене постапка за отповикување на Ѓорѓе Иванов.
Во името на целата демократска и правдољувива јавност судските процеси мора да продолжат и да има правна разрешница.
Криминалците да одговараат за криминалот. Невините да имаат можнст да ја докажат својата невиност.
Јас, Зоран Заев, на чело на демократска Македонија, ќе ги предводам граѓаните во битката за враќање на уставниот поредок и државноста на Република Македонија, на улици, на протести, во градовите и селата низ цела Македонија.
Или Груевски или Македонија.
Ако досега некој имаше било каква дилема, Иванов денеска ја расчисти.
Ќе победи Македонија!
Одговори на новинарски прашања,
Медиуми: Кога започнуваат протестите?
Заев: Веднаш штом ќе ги донесеме одлуките, денеска повикот е испратен. Веднаш штом ќе ги донесеме одлуките започнуваат сите алатки коишто ни стојат на располагање. Правдата и правната држава во Македонија мора да ја вратиме. Ова денеска е државен удар, не е само удар врз правната држава. Сите алатки коишто ни стојат на располагање ќе ги користиме. Повикот за протест денеска е испратен. Со добра организација сите родољубци на оваа наша земја, сите слободоумни граѓани, почитувачи на правната држава, на слободата, и демократијата, ги повикуваме да ни се приклучат.
Медиуми: Со последната одлука на Иванов, веќе се укина и СЈО, значи нема да продолжат со работа, поради тоашто осомничените се амнестираат. Доколку и Уставниот Суд ја донесе и официјалната одлука, дали ќе побарате да ви ги вратат прислушкуваните разговори и дали ќе ги објавите?
Заев: Треба да знаат граѓаните. Штом ќе бидат слободни и независни институциите повторно во државата, актите за помилување на Ѓорге Иванов ќе бидат ставени вон сила. Затоа што законот за помилување е нефункционален, сите одредби се укинати од Уставниот Суд. Старите одредби од законот не се оживеани, затоа нема законска можност Ѓорги Иванов да аболицира, помилува или слично. Ги повикувам правниците да го дадат конкретното јасно толкување на оваа теза, оваа е на прва од нашите тимови. Оттука, секако СЈО стапува на сила мора да се одговара за криминалот на криминалците во оваа држава, и од тоа бегање, нема.
За да нема дилема, ќе појаснам. Ниту барав, ниту прифаќам амнестија. Не сме сите исти, и не сме сите криминалци. Јас сум невин и својата невиност ќе ја докажам на Суд, низ соодветна процедура. Не сакам воопшто да бидам аболициран, ниту помилуван, не ја прифаќам оваа одлука. Не дозволувам да бидам ставен во ист кош со вистинските криминалци во власта. Ги повикувам сите коишто се невини, а политички обвинети, да побараат повлекување на оваа срамна одлука од Иванов. Истовремено апелирам и потенцирам, луѓето по затвори, се помалку луѓе од политичарите? Човекот што украл 100 кебапчиња е во затвор, а криминалците сакаат да бидат ослободени? Тоа нема да го дозволиме. Ве повикувам, граѓани, тоа да не го дозволиме, не смееме тоа да го дозволиме. И на крајот, процесот „Титаник“ е отворен доказ за нелегитимноста на Ѓорге Иванов. Тој има судир на интереси, тој не може да помилува, затоа што директно и неговиот избор е доведен во прашање, од каде ја црпе можноста да помилува од непостоечки закон со уништени одредби. Отварам комплетно секаква можност оваа одлука да не биде функционална. Доколку некој се обидува да биде финкционална, секако дека ќе ги искористиме сите елементи тоа да го спречиме. Прво да даде оставка, ако не даде оставка да побараме импичмент, да побараме да биде разрешен од Парламентот. Оваа карикатура соопштение од ВМРО ДПМНЕ, што го пуштија е навистина карикатура соопштение. Ако навистина стојат зад тоа соопштение ги повикувам да дојдат на Собранието и да ја поддржат нашата иницијатива, за разрешување на Ѓорге Иванов, ако се искрени во својата намера. Да ја сочуваме правдата и правната држава во Република Македонија.