Во станот на застреланиот Крпач не е најдено проштално писмо, неговото тело е најдено во спалната соба, а револверот со голем калибар му стоел од десната страна. Имал прострелна рана на градниот кош, а куршум е најден забиен во креветот. Последен пат бил виден вчера наутро околу 8 часот кога сопругата заминала на работа во УБК. Револверот марка „смит енд весон“ бил легален и се водел на името на застреланиот Коста Крпач, а претходно бил сопственост на неговиот починат татко, објави Телма.
Истрагата не дава други детали, а основното обвинителство во денешниот одговор наведува дека се преземени сите истражни активности. Никаде во својот допис основното обвинителство не наведува дека со сигурност станува збор за самоубиство. Се огласи и специјалното обвинителство: соопшти дека помилуваниот Крпач не бил осомничен туку сведок кој сам се пријавил, и дека има сознанија за притисок врз сведокот.
СЈО демантира дека тие вршеле било каков притисок врз Крпач и се понуди на колегите од обвинителството да им помогне во нивната истрага за смртта на 40-годишниот скопјанец.
-Лицето Коста Крпач доброволно се јави во ова Јавно обвинителство и истиот имаше својство на сведок во рамки на една предистражна постапка. Соработката со сведокот беше беспрекорна и се работеше за исклучителна личност, така што веста за неговата смрт ги погоди сите вработени во ова Јавно обвинителство. Во оваа прилика, сакаме да изразиме длабоко сочувство до членовите на семејството на сега покојниот Коста Крпач.
Воедно Ве известуваме дека ова јавно обвинителство поседува докази за многу релевантни околности, вклучително и за притисокот под кој се наоѓаше лицето Коста Крпач, но со оглед дека се работи за исклучително доверливи информации, истите нема да бидат соопштени на јавноста во овој момент. Секако, доколку се јави потреба ние сме отворени за соработка со органите на прогонот кои ја испитуваат смртта на сега покојниот, соопшти специјалното обвинителство.
Без детали и министерот за внатрешни работи.
Коста Крпач кој според тврдењето на СЈО е сведок, мистериозно и од никаде се најде на спиоскот 56 помилувани од претседателот Иванов. Специјалното обвинителство и натаму чека Иванов да им одговори од каде му податоци за списокот за аболиција.
-Пред ова Јавно обвинителство никогаш не била водена кривична постапка против сега покојниот Коста Крпач и истиот никогаш немал својство на осомничено лице. Од тие причини за нас нејасна е одлуката на Претседателот на Република Македонија да го помилува токму ова лице и сеуште чекаме одговор на поднесеното барање за достава на податоци од каде му се информациите на Претседателот на Република Македонија дека наводно против ова лице се водела кривична постапка, соопштија од СЈО.
Телма се обрати до кабинетот на Иванов дали ќе бара одговорност од тие што му подметнале сведок на списокот за помилување, Коста Крпач кој почина од истрел во срце. Од таму не добиле никаков одговор. Иванов и во своето постаболициско интервју тврдеше дека како претседател преку своите соработници дознал кого треба да аболира.
Истрагата за смртта на Крпач ќе проверува дали куршумите кои завршиле во комбито спроти зградата на починатиот се исти со куршумот најден во станот, дали барутните честички на облеката и на телото и трагите од крв одговараат на самоубиство или на убиство и дали раната одговара на калибарот на револверот најден до починатиот. Крпач беше аболиран, но сега СЈО откри дека бил сведок. Починатиот беше наведен дека е директор на компанијата Финзи преку која одело набавката и митото на израелска опрема за прислушување за што слушавме во опозициските бомби. Истата фирма беше сопственик и на агенцијата Нетпрес.