Откако Јоханес Хајндл го потврди тоа што за ситуацијата во Македонија го открија Хојт Ји, Нуланд, Кукан, Вајгл, Ховит и скопскиот двоец без кормилар во состав Џес Бејли и Аиво Орав, можеме да се надеваме дека и Нејзиното височество, кралицата Елизабета Втора, нема да пропушти да испрати свој пратеник во земјата на чипираните идиоти!
Добро, ако 007 и е зафатен со откривање на севернокорејските планови за нуклеарна инвазија врз Јапонија и Сеул, би можела да ни го прати Пирс Броснан во приватен формат или стариот, добар, Роџер Мур, сеедно!
Во највозбудливата, просто неверојатна мисија, каква што не би можела да му текне ниту на еден Јан Флеминг: има ли смисла ние од Обединетото кралство да се правиме блесави пред финансискиот и културоциден криминал на најодвратното злосторничко здружување во повоена Европа, а да изгледаме фини, загрижени, модерени…како да го обезбедиме апокалиптичниот центар на Злото пред инвазијата на разбудената слободарска свест на локалното население…можеме ли да го изолираме вирусот на слбодата ако Злото падне…доволно ли ќе биде ако им понудиме да одат на избори или ќе треба да им однесеме и некои други политички огледалца, јојоа и лолихипи какви што им дававме на Абориџините кога ја освојувавме Австралија…тоа би биле инструкциите што заменикот на Џејмс Бонд би ги свиткал во шнолата за розевите кравати ала “Срча Н Керим” пред да тргне кон Хитроу на летот на Бритиш ервејз број 345 за Скопјанг!
Ако дојде во октомври, веќе во ноември може да го подготви извештајот во кој во име на кралицата ќе ги замоли лидерите на уништената земја да ги стават интересите на државата пред интересите на своите партии и пред своите лични интереси, да утврдат точен датум на избори, да се фокусираат на реформи кои ќе го вратат владеење на правото, да му дадат подршка на Специјалното јавно обвинителство итн.
На малиот Бонд тоа нема да му биде тешко зашто се што ќе треба да направи е да го препише Хајндл, кој го препиша Ховит, кој пак го препиша Бејли, кој е познат по тоа што препишуваше од Хан, можеби не баш по тој редослед, но така некако!
Адреса за контакти: четворицата лидери!
Еве, читам дека и претседателот на ИРИ, Марк Грини, и тој како некаков специјален агент, гледал на резултатите од последната анкета како на “критичка потреба лидерите на Македонија да се фокусираат на реформи што одново ќе ја изградат јавната доверба во демократските институции во земјава”.
Браво Марк!
Ова е толку бесмислено срочено што јас мислам дека, резултатите од анкетата, уште пред да бидат стокмени во феноменалната кооператива на Брима галуп, гледале на неговото мислење како на “критичка потреба лидерите на меѓународната заедница да се фокусираат на реформи кои ќе обезбедат статус квото во земјата да ги гарантира сите услови за непречен развој на бесправната држава и на криминалот!”
Анкетата, сакам да кажам, е порачана за да го потврди мислењето на Грини, односно анкетата произлегува од неговото мислење, а не обратно. Добро, можеби и мислењето на Грини произлегува од нешто, можеби е тоа општиот цинизам, дистанцата, површноста, благиот или малку посилниот презир кон едно, сепак, претполитичко општество, корупцијата како загадено овошје што го предизвикува сиот овој смрдлив политички пролив ќе ја заборавиме во оваа прилика!
Но, да се разбереме, можеби од лидерите за кои се водат толку многу истраги и, особено, за главниот лидер, за кого Специјалното обвинителство побара мерка на претпазливост, не е сосема бесмислено да се бара да ги стави интересите на земјата над партиските интереси и над своите интереси и да се фокусира на реформи кои за него закономерно ќе завршат со смртна пресуда. Не затоа што е реално да се очекува дека тој од утре ќе почнат интензивно да работат против себе, туку како некаква удав варијанта на постојан притисок кој не го остава на мира и го уништува и како режим и како особа, постојано и досадно, како што спортската редакција на мртв ги уништува нервите на овдешните гледачи.
Проблемот на тој пристап е во тоа што е по дефиниција против новото, против новите идеи за Македонија, против новата, модерна конституција на Македонија. Тој пристап тежнее злосторничкото здружување на власта да се облагороди низ контактите со опозицијата, а опозицијата да се искомпромитира низ контактите со злосторниците, меѓу другото и низ се поверојатната смена на власта. И затоа го притиска конфликтот во институциите, незавсно од тоа колку се тие разорени и обесмислени.
Затоа ме загрижува кога Социјалдемократскиот сојуз ќе ми се покаже како Задгранично биро на меѓународната заедница задолжено за таква регулација на конфликтот, за мелиорација на излеаната река незадоволство во институциите, вклучувајки ги тука и изборите, како, наводно, единственото решение кое може да не спаси од жртви. При што се заборава дека мисијата на разбудената слободоумност не е да ги спасува Договорот од Пржино и Македонија од жртви, дури не е ниту да ги спасува животите, туку да спасува нешто што е над самите животи и што консеквенцијалистите од најголемата опозициона партија никогаш нема да го разберат.
Ја гледав Шекеринска кај Оливера Трајковска.
Како флипер кугла се одбиваше од шемата на пречки на таблата на македонскиот конфликт, скокаше горе, доле, лево, па десно, собра доста поени во играта на зададеното рамниште, без никакви идеи и шанси да го пробие нискиот плафон и да излезе на светлото на денот со некаква нова вредност. Без зрнце спознаја за природата, закономерностите, импликациите, длабочините и другите клучни генералии на смртоносниот напад врз државата и општеството од страната на тие со кои таа седела и пак ќе седнувала на маса. Додека не биде сигурна дека Македонија е мртва. Ваљда! Само датуми, избори, изјави, аболции, судови и судии, меѓународни посредници, анкети, безброј техничко-политички детали од кои таа уживаше да се одбива во играта на Оливера за да го развлече до максимум своето пропаѓање во системот што ја уништува Македонија и луѓето во Македонија, значи, како дел од системот кој мораме час поскоро да го изнесеме од сцената и да го ставиме под некоја преса, па во сецкалка, па пак под преса, па во високата печка на главниот колаборационист на режимот, мандаринот Мин Чо!
Да не зборуваме за неверојатната заплетканост од елементарни контрадиктирности: од таканаречениот Уставен суд кој носи антиуставни решенија по нарачка, односно е антиуставна категорија по дефиниција, по нарачка да се бара да донесе уставна и разумна одлука во врска со СЈО; експертската влада ќе се судрела со вмровското мнозинство во нелегитимниот парламент, а техничката влада- не, без иницијатива експертската влада да може да владее со уредби, односно без апашанатскиот нотаријат на вмро, без одговор на прашањето како тоа сдсм не се судира со својата совест и принципи работејки во рамките на нелегитимниот парламент, без одговор на прашањето ако промените не се можни без избори, зошто во таква ситуација изборите би биле можни… Тажен, можеби и несвесен обид за забошотување на намерите и страв од вистински промени!
На нивото на конфликтот што го претставува, интерпретира, симболизира и одржува Шекеринска, можно е да се обезбеди ние и Македонија да преживееме, но за минимум пристојно преживување мораме да го пробиеме тоа ниво, мораме да се искачиме на друго ниво на свеста за себе и за светот и времето во кое живееме, со многу имагинација и ризик, агресивно и без пардон!
Перспективи што ги отвори Шарената револуција.
И кои треба да се развиваат и продлабочуваат.
Бранко Тричковски
(Колумна во “Слободен печат”)