Никола Груевски е соочен со една закана со која не знае да се справи. Соочен е со еден авангарден глас на граѓаните кој најискрено кажано е кул и фраерски, велат во интервју за Стандард.мк., момците и девојките од „Шарената револуција“.
Кога ќе разговарате со „командосите“, ведаш ви станува јасно дека тие не се вооружени само со чатали и со пиштоли со боја, ами со цврст став и со непоколебливост дека ќе останат до крај да ги бранат своите барања. Не „пукаат“ само со боја, туку и со идеи кои натераа многумина да застанат зад нив во колоната демонстранти на „Шарената револуција“. Павле, Ирена, Замир, Александар, Симона и Исмаил даваат надеж дека во Македонија работите полека се менуваат.
Во што ја гледате моќта на протестите?
Ирена Стеријовска: Генерално, „Шарената револуција“ е некое будење. Ние битката ја водиме внатре во умовите на луѓето, значи она што го прави „Шарената револуција“ е освестување, менување на целосната матрица на размислување, ослободување најпрвин на затворот во нивните глави, а потоа да сфатат дека можеме да ја вратиме слободата.
Павле Богоевски: Се согласувам со тоа што го кажа Ирена, но има друго нешто. Моќта на „Шарената револуција“ е во нејзината иновативност и нејзините методи. Значи нашето најсилно оружје е што во суштина ги земаме симболите на нивните политики, на нивниот начин на владеење на овој режим и им ги превртуваме на глава. Нé правеа насилни? Нé правеа хулигани по украинско сценарио? Им покажавме дека не сме и успеавме многу добро во тоа! Се горедееја со симболите на својата власт? Им ги обоивме им ги ишаравме и ги спуштивме на наше ниво. Сега се тоа наши симболи, на будењето на граѓаните! И мислам дека токму тука лежи моќта на „Шарената револуција“ бидејќи му дава целосно право на секој поединечен граѓанин кој барем еднаш се појавил на протест, да си ги присвои резултатите за себе.
Како гледате на денешната одлука за укинување на домашниот притвор на членовите на Левица?
Замир Мехмети: Небулозно беше одолговлекувањето на процесот. Ова беше сосема очекувано, власта се служи со вакви методи на покренување на процедури против нас и нашите другари само за да ни изврши притисок и да си го зголеми пазарот за процесот којшто ќе следи.
Александар Гочев: И не само тоа првата цел им беше да влеат страв кај обичните граѓани кои можеби првпат се разбудија и дојдоа на протест. Со притворот сакаат да покажат дека секој кој ќе се осмели да го крене гласот против нив ќе добие казна. Мислеа дека ќе падне енергијата, дека ние ќе се откажеме, голем дел од граѓаните ќе останат дома, ама тоа предизвика уште поголем револт. Ние сме на улиците и протестите станаа сé помасовни.
Зошто се решивте повторно да се закаже протест во 18 часот по најавата дека ќе има нова форма на дејствување, преку герила акции и блокада на раскрсници?
Симона Спировска: Со најавувањето на герила акции ние не се откажавме од првичната форма на протестот пред СЈО. Во моментот кога најавивме дека ние поставуваме црвена линија, датум до кој очекуваме исполнување на нашите барања, ние рековме дека ќе делуваме и низ други форми на отпор, но во ниту еден момент не се откажавме од протестите во формата во која започнаа.
Ирена Стеријовска: Генерално со менувањето на формата не се случуваат протести секој ден, меѓутоа ние најавивме дека ќе бидеме видливи секој ден, ќе бидеме тука. Она што е сега битно, односно во која фаза влегуваме, е фазата на одбројување, каде што практично поставивме рок да ни се исполнат барањата. Оваа форма на искажување на револт е еден степен погоре, прво бидејќи е поставен ултиматум, а второ бидејќи она што го боиме количински станува повеќе. Значи нашата форма на револт, односно нашата немирност ја манифестираме преку „обемот на боја“.
Дали се покажа дека блокирањето на раскрсници дава поголема можност за провокации?
Павле Богоевски: Секогаш има можност, не би рекол дека блокадите или новите форми ги зголемуваат таквите инциденти. Тој ризик постојано постои и за жал се покажа дека дури и да поминеме 50 дена без инцидент, не може да се опуштиме дека нема да има провокации. Треба секогаш да бидеме подготвени.
Замир Мехмети: Вие се сеќавате на почеток власта уфрлаше провокатори и на протестите каде една наша другарка беше најотоворено нападната пред огромна толпа на луѓе. И на човекот ништо не му се случи, најнормално си замина. Тука власта пукаше во себе и од тогаш понатаму не можеше да ја третира небулозната теза дека им спремаме „Украинско сценарио“. Видоа дека ние не сме насилници и дека залудно уфрлаат провокатори.
Павле Богоевски: Со тоа што за разлика од инцидентот кога девојката беше нападната на плоштад, инцидентот на блокадите, мое лично мислење е дека не беше партиска провокација, туку беше провокација од страна на индивидуално лице. Тоа покажува дека немаме само еден вид на ризици за кои треба да се подготвиме, туку треба постојано да одржуваме широк пристап на сочувување на безбедноста на протестите.
Што ќе се случи по крајниот рок на 18 јуни ако не се исполнат барањата на „Протестирам“ и „Шарена револуција? Ќе има ли радикализација на протестите?
Ирена Стеријовска: Ако ти кажеме, ќе треба да те обоиме (се смеат).
Целото интервју на Стандард.мк