Иако судот пресекол да му се врати на семејството Васовски атрактивна парцела во скопски Центар, две недели по оваа одлука државата продала дел од парцелата на хотелот „Солун“ и тоа во непосредна спогодба за 70 денари по квадрат, пишува Бирн.
(…)
Татко ми го купи имотот во 1939, сакаше да се преселиме, ама брзо се вративме во Тетово, бидејќи почнаа војната и бомбардирања“, раскажува 79 годишниот Божидар Васовски кој 15 години се бори за своето земјиште, 400 квадрати на улицата „Максим Горки“, кои социјалистичката држава ги одзела од неговото семејството уште пред половина век.
И покрај денационализацијата и судските пресуди во нивна корист, сè уште трае битка со државните институции за враќање на сопственоста врз земјиштето. Денес четвртина од парцелата се наоѓа во дворот на хотел „Солун“, сопственост на семејството на Владимир Здравев, поранешен функционер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а на остатокот од земјиштето денешната држава планира да подигне станбени згради. Хотел „Солун“ си купил двор за помалку од двесте евра Божидар Васовски од Тетово 15 години чека државата да му го врати земјиштето во центарот на главниот град
Државата ги одбила браќата Божидар и Драгољуб Васовски кога пред 15 години побарале по пат на денационализација да си го вратат имотот. Тие веднаш се пожалиле пред Врховниот суд и тој по три години, во 2007, побарал да се повтори постапката за денационализација и ја вратил топката кај надлежната комисија. Kомисијата подоцна одлучила дека парцелата, сепак, треба да им се врати на браќата.
И кога се чинело дека Васовски конечно ќе го добијат имотот се јавило Државното правобранителство, институција задолжена да ги брани интересите на државата.
Правобранителството сметало дека браќата Васовски лажно и делумно прикажале докази, односно дека нивното семејството за време на СФРЈ добило пари за земјиштето. По реакцијата на правобранителството комисија во 2009 ја сменила одлуката и по втор пат им го одбила барањето за денационализација на парцелата. Не поминале аргументите на браќата дека во 1968 ги продале само објектите што се наоѓале на парцелата, бидејќи не биле предмет на национализација, додека земјиштето никако не можеле да го продадат, оти веќе било национализирано.
Голготата на Васовски продолжила сѐ додека Управниот суд на 5. септември 2012 одлучил во нивна корист, односно констатирал дека комисијата згрешила кога се премислила и не им го вратила земјиштето. Подоцна пресудата ја потврдил и Вишиот управен суд. Сепак, браќата не ја добиле земјата. Две недели откако Управниот суд одлучил во корист на семејството Васовски, Министерството за транспорт и врски предводено од Миле Јанакиески продало 146 квадрати од истото земјиште на Хотел „Солун“, случајно или не, семејна фирма на Владимир Здравев, тогашен претседавач со Општина Центар.
Продажбата била возможна бидејќи истото лето општинскиот Совет во градежната парцела за Хотел „Солун“ впишал и 146 квадрати од земјиштето што фамилијата Васовски го бара назад по пат на денационализација. Фамилијарна фирма на Здравеви „Солун и Иван“ е фирмата што стои зад хотелот на семејството Здравеви. Таа е формирана при крајот на 2010 година, а во времето кога го купува земјиштето за дворот, кое е предмет на денационализацијата, сопственици се таткото и чичкото на Владимир Здравев, додека управител е неговиот брат Александар.
Александар и понатаму е директор, додека како единствен сопственик во моментов се јавува Веселинка Здравева. Хотелот „Солун“ купил дел од земјиштето за само 10.220 денари, односно за 70 денари по метар квадратен, искористувајќи го законското право за непосредна спогодба кое му се дава за оформување на градежна парцела доколку е веќе сопственик на најмалку 30 проценти од земјиштето определено за градба. „Здравеви го купиле земјиштето, иако знаеја дека е мое, се познаваме, ние сме од соседни села во тетовско, јас од Отуње, тие од Сетуле. Илјада услуги сум им направил во Тетово, а никој не ме информираше дека ќе го купуваат тој дел од мојата парцела“, вели Божидар Васовски за БИРН.
Функционерска кариера испреплетена со судири на интереси Од октомври минатата година 42-годишниот машински инженер Владимир Здравев е независен неизвршен член на Одборот на директори на Македонски телеком, а најпознат е како претседавач на Советот на Општина Центар кога кадрите на ВМРО-ДПМНЕ Виолета Аларова и Владимир Тодоровиќ раководеа со локалната самоуправа. Во период од две години, од 2008 до 2010 истовремено беше и генерален директор на АД МЕПСО, државната компанија за пренос на струја. Поради тоа реагираше Антикорупциската комисија, која констатираше дека Здравев не може да има две функции истовремено и побара во рок од 15 дена да се откаже од една „фотелја“. Тој одбра да замие од директорското место во МЕПСО. Антикорупциска увиде судир на интереси и при впишувањето на Хотел „Солун“ во детаљниот урбанистички план за Мал ринг во Центар, бидејќи, како што тврдеше тогаш комисијата, Здравев како претседавач на општината гласал за промените на овој план, иако градежната парцела била во сопственост на неговите татко и чичко Здравко и Светислав Здравеви.
текстот во целост прочитајте го тука