Quantcast
Channel: Топ вести Archives - Либертас
Viewing all articles
Browse latest Browse all 17366

Долга е раката на…Ердоган

$
0
0

Како што стојат работите, министерот за надворешни работи Никола Поповски потврди дека Фамилијата се подготвува да го спроведе барањето на Ердоган за затворање на овдешните основни и средни училишта од синџирот на меѓународните образовни институции „Јахја Кемал“ (кои ги има во пет македонски градови), како и неколку трговски, транспортни и други овдешни легално регистрирани и водени деловни операции зад кои стои извесен турски капитал. Познато е, зад брендот на „Јахја Кемал“ и другите фирми, барем во некаква преносна смисла, се наоѓа поддршката на сегашниот „смртен непријател“ и некогашниот близок соработник на Ердоган, учениот свештеник Фетула Ѓулен, кого актуелната турска држава го прогласи за изумителот на сите зла и заговори за уништување на турскиот народ и нивниот возљубен водач, Ердоган беј. И во Турција, како и овде, меѓу народот и водачот има знак на равенство, заемната љубов е безгранична.

ordanoski ordanovski

Ова евентуално драматично вмешување на Македонија во внатрешната турска политика – зад чии мотиви, немам сомневање, стои зависноста на Фамилијата од регионалните бизнис и политички операции на Ердоган, иако Поповски тврди дека таквата македонска политика се должи на „нашето законодавство“ (?) и “нашите национални интереси“ (!) – ќе има далекусежни последици за домашната и меѓународната позиција на Македонија.

Додуша, од владеењето на Груевски сите последици ни се далекусежни, па уште една таква последица, повеќе или помалку, белки ќе ја преживееме… Или нема. Којзнае.

СОВРЕМЕНА ОТОМАНСКА ЉУБОВ

Да не бидам погрешно сфатен: големите симпатии и искрената поддршка што постои и редовно се покажува во и од Турција и турскиот народ за Македонија не е спорна, како што не се спорни ни возвратните топли чувства од Македонија кон Турција! Таа состојба не започнала и нема да заврши со владеењето на Ердоган – а, патем, ниту со дисидентството на Ѓулен – бидејќи се темели на еден искрен однос на „поголемиот, постар брат“ во овој регион кон Македонија. Тој турски однос кон нас, во политичка смисла, е еманципиран од петте арачлиски века Отоманска империја која беше спрострена и врз нашите етнички и државни простори; но, истовремено, е дел од современите регионални геополитички амбиции (и конфликти) на Анкара, во кои Балканот има важно влијание врз нејзината „заднинска“ стабилност и нејзините комплексни односи (и конфликти) со арапскиот и со западниот свет.

Од друга страна, импликациите од разните струи и динамики во она што се нарекува „глобален политички ислам“ во Македонија се пресликува во животот на овдешната муслиманска религиозна и политичка заедница со една тектонска драматика за која мнозинското, македонско население главно е игнорантски настроено. Долгогодишните превирања во ИВЗ и борбата за превласт во неа имаат и своја „турска компонента“ која е деликатна и комплексна и има и доктринарни религиски аспекти и конкретни политички афинитети. Колку што јас разбирам, има во тоа сè и сешто, но дури до крај и да не ги сфаќате сите тие процеси, јасно ви е дека со експлицитното вмешување на македонската секуларна држава, претставена во ликот и делото на приземните интереси на Фамилијата, таа нестабилна смеса може да се направи дополнително експлозивна, со несогледливи последици по овдешните политички и безбедносни состојби.

КАРТОНСКА ПОЛИТИКА

На пример, од страна гледајќи, се чини дека најголемиот политички субјект во албанската политика во Македонија, ДУИ, не е толку воодушевена од светогледот на Ердоган. Нему му се многу повеќе наклонети некои понови политички иницијативи меѓу Албанците во Македонија. Евидентното гласачко слабеење на поддршката за ДУИ и на нејзиното општествено-политичко влијание меѓу Албанците се надополнува со одреден политички раст на БЕСА, но во заднината на таа легитимна политичка домашна борба застануваат и тенденции во кои ердоганистите во регионот имаат нескриени политички интереси. Автократското владеење на Ердоган е непоправливо скарано со демократијата во Турција, таман колку што е ДПМНЕ скаран со демократијата во Македонија. Драматично подигнатото ниво на антиамериканизам и антизападен сентимент во Турција го прави Ердоган авантуристички опасен партнер на нашите домашни недемократи. Имено, потентното „автократско партнерство“ меѓу Груевски и Ердоган, тазе збогатено со обновеното приближување на Турција кон регионалните интереси на Путин – новите односи меѓу Путин и Ердоган се како кога „лончето конечно ќе си го пронајде загубеното капаче“ – не е на линија на стратегиските интереси на македонските граѓани не само во енергетските, одбранбените, трговските и други важни ориентации, туку, уште поважно, и за развојот на партнерството меѓу етничките Македонци со мнозинските интереси на овдешните етнички Албанци, нашата домашна доминантна муслиманска општествена компонента.

Не помалку важен е нашиот однос со САД и со ЕУ. Добро, јавноста знае дека Груевски и неговите надворешнополитички „глави што говорат“ (Иванов/Поповски) пет пари не даваат за интересите на Македонија кон Брисел и Вашингтон и дека, кога би можеле, физички би нè пренеле во широките руски степи за таму, меѓу шумите со брези, да ја градат македонска „менаџирана демократија“ по рускиот модел што ДПМНЕ нескриено го идеализира. Но, бидејќи тој план, и покрај вложените силни напори и други масивни штети од страна на власта, нема да успее, тогаш со што нè остава во рацете ова наше вмешување во турските внатрешнополитички контроверзии пред нашите стратегиски сојузници на Запад? За догледно време, веројатно барем за една генерација, Турција е загубена земја за западниот свет и таа заемна недоверба е длабока и тешко излечива – но, зошто треба ние активно да држиме страна во таа меѓународна траума? Можеби Турција може без „гнилиот Запад“ и без НАТО; ама за Македонија сум сигурен дека не може, макар и како неостварена аспирација.

Впрочем, зошто нашите соседи Косово и Албанија, превладувачко муслимански земји, можат да се спротивстават на барањата на Ердоган, а нашата Фамилија не може? Дали картонската кутија за чевли со уредно наредени неколку милиони евра во кеш „наменети за Македонија“, како што се пренесе дека наводно бил одговорот на еден директор на Халкбанк запрашан за што му се тие пари кога, лани-преклани, го приведуваше турската полиција заради сомневања за негова вмешаност во криминал и корупција на тамошната фамилија, се суштината на македонска надворешна политика на овдешнава Фамилија?

ГРУЈО-БЕЈ И ЖОЛТИТЕ КОМБИЊА

Но, еве, да претпоставиме дека Ердоган е сосема во право: зад обидот за државен удар во Турција навистина стоел лично Фетула Ѓулен. Тогаш, да причекаме таа работа со „засилени правни напори“ (Бајден) да се докаже во САД, пред екстрадицијата на Ѓулен во Турција; па потоа уредно да се востанови евентуалната правна и бизнис поврзаност на „терористичката ѓуленистичка мрежа“ низ Балканот, пред да почнеме да ги затвораме неговите овдешни претпоставени деловни интереси. Оти, постапиме ли поинаку, ако не се лажам, ние секако ќе бидеме првите на Балканот кои се подготвени тоа да го направат, така.

Сакам да кажам, и покрај моите големи симпатии за турската нација и Турција, сè уште ги имам сите резерви кон официјалната приказна на Ердоган во врска со неуспешниот воен удар во Турција. Таа работа смрди на сите страни, од Реџеп Таипа, до Фетула. Бидејќи, на залезот на уставната демократија во Турција и нејзиното газење од страна на исламистичката верзија на Ердогановиот популизам, човек треба да е крајно претпазлив во носењето брзи заклучоци за вистинските околности на настаните, особено кога е во прашање таков суров антидемократски акт каков што е еден обид за државен удар во армиска изведба. Барем тоа не е тешко да се научи од столетната турска историја на преврати и контрапреврати, од султански до модерни времиња. Не за џабе Турците, уште од времето на Селџуците, „занаетот на владеењето“ го изучуваа низ крвавите византиски дворови и заговорничките кулоари на багдадските калифи.

Мислам, памтите дека, не така одамна, и Груевски се обиде да го уапси и судски да го процесуира овдешниот лидер на опозицијата за обид за пуч, наводно организиран од непријателски странски служби… Па, можеби и затоа што Македонија не е Турција, целиот план на Фамилијата, потпрен врз некакви жолти шпионски комбиња коишто возеле низ центарот на Скопје, трагикомично се распадна пред очите на сите, иако дури и во самата нивна режирана судска постапка се потврди дека прислушувањето е правено во МВР, во службите на Постариот Братучед. Да успееше таа фаза од намерите на Груевски така како што тие ја имаа замислено (не се залажувајте, тие беа мртви-сериозни во тоа!), не сум далеку од помислата дека и овде ќе се поминеше на апсење и отпуштање од работа на илјадници луѓе наводно вмешани во „конспирацијата“ на Заев, а ќе следуваше барање до САД да го испорачаат Сорос, како главен инспиратор и финансиер на наводниот обид за пуч во Македонија; потоа веројатно ќе се испратеше барање до Унгарија да го затворат Универзитетот во Будимпешта, финансиран од Фондацијата Отворено општество… И така натаму и на тоа слични, опасни, глупости.

Сакам да кажам, не треба, белки, Македонија да води надворешна политика водена од прес-конференциите на Ердоган за неговите внатрешнополитички турски потреби. Освен ако некој не се подготвува трајно да се сели од Скопје за Анталија.

Ха-ха-ха? Јас сосема не би ја потценил таа можност.

Сашо Орданоски

(Колумната е објавена во „Слободен печат“)


Viewing all articles
Browse latest Browse all 17366

Trending Articles