Quantcast
Channel: Топ вести Archives - Либертас
Viewing all articles
Browse latest Browse all 17668

Каде е господинот Финфишер?

$
0
0

Во манир на некаков политички мазохист, морам да признам дека уживам во оваа фаза на расплетот на македонската криза. Од една страна, не беше тешко да се претпостави како ќе помине целонеделното „сослушување“ на г-жа Катица Јанева на заседанието на собраниската Комисија за политички систем и млатење празна пратеничка слама – па, и Јанева знаеше дека не се оди во стриптиз-бар во потрага по романтична врска! Но, од друга страна, ни јас не очекував дека шефицата на СЈО со таков сервис-винер ќе им земе гем-сет-и-меч на Илија, Влатко и одбраната дружина „стриптизети“ со тоа што за време на една од собраниските паузи им го објави случајот „Трезор“ и фаќањето во мрежата на СЈО на првиот милион долари што Фамилијата го украла во МВР! Брилијантно!

ordanoski ordanovski

ПУКИ У НИЗОК ЛЕТ!

Уште прес-конференцијата на СЈО, практично, незавршена, а г. Мијалков, во содејство со г. Чавков, го пуштија г. Пуки да вежба алфа-десант врз Американската амбасада во Скопје. Оти, не е проблемот на Фамилијата само во тоа што, во детали, им е „провалена“ шемата за тоа како, наводно, краделе; проблемот е што не знаат каде им се наоѓа и што прави сега нивното скапо платено пријателче Финфишер, тој глобален експерт за растурање сечија приватност!? Скапо го купија, инкасираа провизија, удобно го сместија во еден стан во Скопје, отаде Рампа, а овој, како некое старо швалериште, си замина од станот без да им се јави. Знаат овие напуштени љубовници дека нивната симпатија Финфишер веќе не е кај Катица (нели пратеничката фаланга на Илче ја испитуваше Јанева во Собранието со колку клучеви ѝ се отвораат СЈО-сефовите!). Мислеле, мислеле, и на крајот решиле дека е најдобро Пуки да се истовари и со својата импресивна појава и безбедносна бројност да се закани, да исфорсира проверка во визбата кај Американците. Бидејќи, г. Финфишер има една неизлечива маана: сѐ што собрал памти, особено работи што не се за памтење. Експертите велат дека е неспоредливо подобар од израелската опрема за прислушување што нашиве благонадежни криминалци ја дробеле по отпади. За што, патем, исто така, ќе одговараат. За дробењето; плус и за таа провизија. И за уште 50-60 други.

Според тоа, етапата во која сега се наоѓаме може да се именува како истражна кромид-фаза: со систематското „лупење на кромидот“ од страна на СЈО, расплакани од среќа, лушпите една по една отпаѓаат, со што доаѓаме до срцевината на бандата. Затоа е „Трезор“ многу незгоден случај, бидејќи ги идентификува клучните играчи на македонската мафија инсталирани во подземјето на македонската пара-држава. Тоа е удар во самото нејзино криминално осило.

Истовремено, женерозна е таа стратегија на г-жа Јанева: на сите паметни – без тревога Илија, Влатко и Солза! – јасно им става до знаење дека таа е овластена да прогласи фајронт во балканската биртија на ДПМНЕ и дека не е останато многу време (ако воопшто!) за оние што ќе сакаат да се стават на страната на правдата. Во крајна линија, се работи за не повеќе од една дузина „жиранти“ на Фамилијата. Браќава Стајковиќ, на пример, во дует, а може и со солистички настапи; или Жарко Луковски, на пример, кого германскиот Дојче телеком толку го чува и негува, што не може човек да не се запраша за импликациите од таа упорна германска кадровска политика кога ќе дојде време за морално и материјално обесштетување; или Орце Камчев, на пример, кој треба да се кандидира за Нобелова награда за применета македонска економија… Изборот е нивен, Катица само се труди да им го олесни.

ПОЗДРАВИ И ЧЕСТИТКИ

Мијалков, Груевски, Зврлевски и Панчевски, пак, се трудат тој можен избор на потенцијалните заштитени сведоци да го направат што потежок. Во тоа се решени да ескалираат, секој во својата сфера на делување. Груевски „зад сцена“ се заканува со одлагање на изборите и понатамошно продлабочување на политичката криза во земјава. Зврлевски гласно порачува, а со тоа и охрабрува, дека и сите идни самоубиства е решен да ги третира како погребник, а не како јавен обвинител. Панчевски ветува да ја брани Фамилијата до последниот судија во Кривичниот суд, а потоа, ако е неопходно, и со својот грамаден правосуден авторитет да се фрли пред „шлеперот“ на правдата, само да го оневозможи спроведувањето на Законот во правната држава Македонија…

Сепак, ингеренциите на Мијалков за матење на водата сѐ уште се најделикатни. Минатонеделниот „поздрав“ до Американците, испратен преку Чавков и полициската тактичка показна вежба на Пуки, е дека не е исклучено повторно да заиграат Молотови коктели врз зградата на Амбасадата; поздравот е примен и мислам дека на него соодветно ќе се отпоздрави, можеби уште додека ги читате овие редови. До ДУИ и Ахмети, пак, тие верни партнери за секоја меѓуетничка ескалација во Македонија, „поздравите и честитките“ се испорачуваат во облик на пласирање нови, необјавени прислушувани разговори на интернет од чија содржина на Ахмети и на Муса Џафери, во депресија, им се дига само косата на главата – па, знае Мијалков дека нема да биде првпат во историјата на светот војни да се заподенале поради некакви швалерки! Кога можел еден Марко Антоние да ја стави судбината на Големиот Рим на коцка, што да не може еден Муса или Али да ја понудат Мала Речица за поткусурување!

КОЛКУ ПОЛОШО, ТОЛКУ ПОДОБРО

Затоа, со внимание ги следам изјавите на стариот полициски волк, Павле Трајанов, кој деновиве не само што не ја исклучува, туку ја оценува како растечка можноста за дестабилизација на Македонија. При тоа Трајанов – во стилот на „Осумтемина величествени“ во МВР од крајот на социјалистичките осумдесетти во Македонија – јасно ги лоцира инспираторите на таквата можна дестабилизација: Фамилијата и нејзината криминална, патогена политичка агенда. Тоа што, како што ми вели еден пријател, неодамна во Албанија се истовариле близу 2.000 припадници на некакви елитни американски единици за брза интервенција, не ме прави ни малку посреќен: Црна Гора се разграничува со Косово; Република Српска ќе слави независност преку поддршката на симболичниот референдум; а Македонија, низ креативното содејство на ДПМНЕ и ДУИ, повторно наврапито се турка да се стави во редот на најпроблематичните балкански државни ентитети.

Додуша, експертиве велат дека на американскиот контингент за брзи интервенции им требаат околу 26 минути за да се распоредат од нивните сегашни задгранични локации, до тревникот на Американската амбасада во Скопје – верувам дека тоа е доволно време за Пуки да упадне во Амбасадата, да разлупа сѐ внатре, да ги извади врзани со лисици Финфишер и амбасадорот на паркингот, да ги легне на асфалт и со пиштоли во устата да позира пред камерите на Сител и Канал 5 како ги апси… Ќе прославиме уште една значајна пропагандна победа на антизападните сили во ДПМНЕ што ќе се памти со години.

Е, после 26 минути ќе стане малку густо, ќе има бежанија и спасувај се кој може, ама Чавков и Мијалков веќе се спремни за победа врз НАТО-зликовците во операцијата под кодно име „Куманово 2“. Ако памтите, во Диво Насеље тактички и оперативно се прославивме, крајно време е да се повтори тој голем безбедносен успех, што ќе се преточи во уште една голема изборна победа на Фамилијата! Ќе добиеме и бесплатна минутажа на Си-ен-ен во рамките на пакетот „Инвест ин Маседониа“.

„Колку полошо, толку подобро“, е девизата со која започнува секој нов ден на Фамилијата… за потоа да продолжи со бесмислените најави за нови странски инвестиции, нови вработувања и нови колосални успеси на „трезористите“ на власт. Всушност, кога добро ќе размислам, најголемиот нивен непријател е онаа Силвана Бонева што ќе им го банкротира државниот буџет пред да стигнат целиот да го украдат. Порка мизерија!, што би се рекло на кирилица.

Сашо Орданоски

(Колумната е објавена во „Слободен печат“)


Viewing all articles
Browse latest Browse all 17668

Latest Images

Trending Articles