Поранешниот прв човек на тајната полиција Сашо Мијалков денеска не е достапен за јавноста за да ги коментира тврдењата на екс разузнавачот Слободан Богоевски дека во минатото учествувал во трговија со дрога, пренесува Телма.
Но реагираше ВМРО-ДПМНЕ каде што тој е член на Извршниот комитет, и на најави тужба за клевета Богоевски.
„Лицето Слободан Богоевски, осуден за криминал за кој има одлежано казна затвор, синоќа ја искористи Телевизија Телма и времето кое му беше дадено во емисија Топ Тема за да изнесе, лаги и клевети во обид да го наруши угледот на ВМРО-ДПМНЕ и функционери од партијата.“ Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека за сите невистини кои ги изнесе осуденото лице за криминал Слободан Богоевски, ќе добие тужби за клевета пред надлежниот суд.
Слободан Богоевски одби да ја коментира тужбата се до денот додека не биде повикан на суд за да се произнесе, и се уште не открива дали обвинувањата за вмешаност на Сашо Мијалков во трговија со дрога ќе ги поткрепи и со цврсти докази. До тогаш останува на тврдењата кои ги изнесе во емисијата Топ Тема.
Ако полицијата водела истрага, а Мијалков бил приведуван и сослушуван, такви траги треба да постојат во министерството, за кој јавноста до сега не била информирана. Поранешниот прв полицаец Љубомир Фрчковски, пак, вели дека во раните деведесетти години скопјанецот и син на покојниот миниситер за внатрешни работи, Сашо Мијалков и бил познат на полицијата, но за ситни прекршоци. Фрчковски вели дека жали што како министер во неговиот мандат 92- 96 година му ги кинел пријавите на младиот Сашо Мијалков од почит кон неговиот татко.
„Добро се сеќавам на еден случај. Инспекторот ми посочи дека лицето Сашо Мијалков било приведено откако со возило Џип влетал во ноќен кафе бар и учествувало во тепачка. Не го познавав но ми беше кажано дека е син на покојниот министиер за внатрешни работи Јордан Мијалков и од почит кон татко му не дозволив да му се напише пријава. Имаше и уште еден случај во кој младиот Мијалков беше прекршител на Законот, но не заработи пријава. За време на мојот министерски мандат толкави беа криминалиите на Сашо Мијалков“, рече за Телма рече поранешниот министер за внатрешни работи Љубомир Фрчковски.
Богоевски во интервјуто за Телма ги нарече како неосновани и изјавите на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, дека бил следен од службите на 16 годишна возраст.
Димовски денеска на својот фејсбук профил објави копии од документи на тајните служби од 1997 година, во кои меѓу другото е подвлечено и дека бил предмет на обработка на службите како потпретседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.