Лице од Македонија кое шест години се бара преку потерница од Интерпол, во земјава успеало да го смени идентитетот, да ја премине македонската граница и да се врати назад, а притоа да не биде фатено. Аднан Садики во 2014 година починал, а во евиденцијата на МВР сè уште се води како жив, a со тоа практично и како гласач на избори, пишува БИРН.
-Тој во 2006 година бил осуден за обид за силување во градот Хорсенс во Данска, и по издржувањето на казната бил депортиран во Македонија. Тогаш данските власти откриваат дека против него има уште една пријава за истото дело, го осудуваат на една година и девет месеци затворска казна, но бидејќи во 2009 година бил недостапен за судот, по него почнува да трага Интерпол.
-Освен неговата слика, датумот на раѓање и дека е со потекло од Македонија, за Аднан Садики на потерницата нема никакви други информации – пренесува Бирн.
Кога почнале со работа на сторијата од БИРН единственото нешто што го знаеле за Аднан Садики, е дека тој е роден на 20 април 1966 година во Тетово, дека во моментот живее во Тетово и дека се бара со потерница од Интерпол. Понатамошното истражување по него наликува на крими приказна.
-Во двомесечното истражување на БИРН, во кое поминавме низ безброј институционални лавиринти и нејаснотии за тоа што всушност се случувало, се покажа дека овој човек успеал преку системот на македонските надлежни институции да си го смени идентитетот во Аријан Алиу.
Успеавме да го најдеме и неговото семејство кое ни даде шокантен одговор дека Садики односно Алиу во јануари 2014 година починал во Скопје. Семејството ни го покажа неговото гробно место, а таму напишано сега веќе трето име – Атнан Алиу.
Ако промената на идентитетот на човек по кој е распишана активна потерница не е доволно сомнителна и не укажува на пропуст или корупција кај надлежните, тогаш дополнително алармира фактот што тој во системот на МВР сè уште фигурира како жив и покрај тврдењата на неговото семејство дека поседуваат посмртница за која, како што велат, ги известиле надлежниоте органи – информира Бирн.
(…)
Податокот што го најде нашиот извор од полицијата беше зачудувачки – се испостави дека во матичната евиденција на македонски државјани, лице со име и со презиме Аднан Садики воопшто не постои.
Нашите извори од МВР тогаш се обидоа да го најдат во казнената евиденција, каде што се впишуваат граѓаните со казнено досие. Садики тука фигурираше како лице што го бара Интерпол за обид за силување, но немаше никакви детали за него.
„Или е грешка во системот, во што се сомневам, или пак некој навистина се труди да го сокрие“, беше првата реакција на нашиот извор во полицијата кога ги виде резултатите – Аднан Садики постои, но во казнената евиденција нема матичен број, адреса и имиња на родители.
(…)
Откако се испостави дека навистина се обидуваме да најдеме лице за кое и полицијата „крева раменици“, БИРН преку социјалните мрежи успеа да стапи во контакт со неговиот внук, кој го носеше неговото ново презиме – Алиу. Тој е роден во Скопје, каде живее и работи и веднаш се согласи на средба во еден од трговските центри во градот.
Кога се сретнавме со него и го прашавме каде се наоѓа неговиот чичко Аднан Садики, не Аријан Алиу, внукот веднаш, без никаква дилема ни рече:
„Ах, па чичко ми е починат, уште лани! Зошто ви треба?“.
Тој вели дека знаел оти бил во затвор во Данска и дека го сменил идентитетот, но тврдеше дека не знаел оти бил баран со потерница од Интерпол.
„Беше болен од рак и почина во јануари 2014 година. Знам дека имаше проблеми во Данска и дека го депортираа. Идентитетот го смени кога сакаше да замине пак за да си ги види децата. Тие во 2009 година немаа средено документи и не можеа да ја напуштат Данска. Немаа регулиран престој. Дали отиде таму не знам. Инаку ги имам сите документи и отпусна листа од болница и посмртница“, ни изјави внукот додавајќи дека навистина не знае „зошто неговиот чичко сè уште се води како жив во матичната евиденција“.
(…)
Сторијата на Бирн во целост прочитајте ја тука